Француските пчелари бараат итна забрана на најчесто употребуваните хербициди, за ревитализација на и онака заболениот сектор

Француските пчелари бараат итна забрана на најчесто употребуваните хербициди, за ревитализација на и онака заболениот сектор

 

Француските пчелари повикаа на забрана на вториот најкористен хербицид, просулфокарб, велејќи дека тоа е потребно за да се заштити заболениот сектор кој се опоравува од најлошата година на собирање на мед досега.

Во периодот помеѓу претстојното разгледување на забраната за употреба на контроверзниот хербицид (глифосат) на крајот на оваа година и неодамнешното повторно овластување на неоникотиноидите како одговор на проблемот што ја погоди националната индустрија за репка – употребата на пестициди моментално е високо на агендата во на францускиот земјоделски сектор.

Избувнаа нови тензии околу просулфокарбот во Франција, кој е вториот најкористен хербицид во Франција по глифосатот.

Просулфокарбот минатата година контаминираше 14 органски посеви со хељда во вредност од 80.000 евра. Почетокот на есенското прскање веќе предизвика силни реакции кај секторот за органско земјоделство.

 

Овој хербицид е еден од најприсутните во воздухот, и во однос на фреквенцијата и во однос на концентрациите бидејќи е лесно испарлив, се вели во заедничката изјава објавена од Националната федерација за органско земјоделство (FNAB), Федерација на чисто органски економски организации (Forébio) и невладината организација Идни генерации (Générations Futures).

Поради таквите карактеристики, секоја година голем број на култури кои не се прскаат со просулфокарб сепак се контаминирани. На пример, минатата година пронајдените остатоци на органските култури 100 пати ги надминале максималните дозволени нивоа, посочуваат организациите.

За да се избегне понатамошна контаминација, а со тоа и уништување на органски култури – FNAB, Forébio и Générations Futures го упатија предметот до надлежните органи на 12 префектури.

Трите организации бараат „итна и привремена“ забрана за производите базирани на просулфокарб, што може да се спроведе со префектурална уредба во случај на „исклучителен и оправдан“ ризик генериран од употребата на производи за заштита на растенијата.

Коментирајќи ја бараната забрана, Лиам Инглиш, шеф за комуникации за „Syngenta Crop Protection“ за Европа, Блискиот Исток и Африка, компанија која произведува просулфокарб, изјави дека „Целата индустрија е посветена на промовирање и заштита на здравјето на пчелите и обезбедување еколошки безбедна , ефикасна и насочена употреба на пестициди само онаму каде што е потребно“.

„Во Франција, ние работиме со фармерите за да обезбедиме безбедна, пропорционална и ефикасна употреба за заштита на екосистемите и одржување на производството на храна“, изјави Инглиш за EURACTIV, наведувајќи дека „Според нашите сознанија, не постои посебна загриженост за пчелите поврзана со употребата на просулфокарб”.

 

Нов „план за опрашување“?

Пчеларите исто така се загрижени за пестицидите во време кога земјата очекува нов „план за опрашување“ како продолжение на јавната расправа која владата ја одржа во јуни.

Катастрофалната година за пчеларството и индустријата за производство на мед, која даде жетва на мед три пати помала од онаа во 2020 година, првенствено беше предизвикана од климатските промени.

Француската национална пчеларска асоцијација (UNAF) е исто така загрижена за исходот од ревизијата на прописите што ја регулираат земјоделската употреба на пестициди и неговото влијание врз пчелите.

Синдикатот, исто така, предупреди за колапс на популациите на инсекти кои опрашуваат како резултат на употребата на неоникотиноидни инсектициди – точка што според индустријата не била доволно земена предвид при ревизијата.

пчела

Во заедничкото соопштение за печатот објавено на 21 октомври – UNAF, националниот пчеларски сојуз (SNA) и здружението Terre d’abeilles ja осудија нацрт-уредбата, велејќи дека е „уште помалку заштитнички насочена од важечката“.

Организациите велат дека се плашат од следните политички потези кои политичарите би ги направиле под притисок од моќното агрохемиско лоби, додавајќи дека „многу силниот интерес за зачувување на пчелите и нивните агро-еколошки, прехрамбени и здравствени предизвици треба да ја водат француската влада во решавање на проблемот“.

Пчеларската индустрија, исто така, генерално е во фокусот на европските граѓани.

 

До крајот на септември, европската граѓанска иницијатива насловена „Спасете ги пчелите и фармерите“ собра повеќе од 1,2 милиони потписи. Оваа иницијатива бара 80% намалување на употребата на синтетички пестициди до 2030 година и намалување за 100% до 2035 година.

Ова се случува неколку месеци пред Франција да го преземе ротирачкото претседавање со Советот на ЕУ и неколку недели откако француското национално собрание побара од владата заштитата на пчелите да ја направи „голема национална кауза за 2022 година“.

Според трите здруженија, француската извршна власт „треба да ја искористи можноста од оваа нова регулатива за да ги усогласи, конечно, земјоделството и пчеларството“.

пчели

Итни барања со неизвесен исход

Сепак, се чини веројатно дека таквите повици нема да бидат одговорени веднаш.

Трите здруженија тврдат дека сѐ уште не се примени ниту од министерот за земјоделство, ниту од министерот за еколошка транзиција и дека сѐ уште се чека конечната одлука на премиерот.

Организациите го повикуваат премиерот Жан Кастекс да не го потпишува новиот „план за опрашување“ без да ги интегрира нивните барања, и тие бараат итен состанок во неговата канцеларија во Матињон.

Во однос на органското земјоделство, министерот за земјоделство Жулиен Денорманди, рече дека сака да формира работна група за да се врати на прашањето за управување со ризикот од контаминација со пестициди и „да предложи решенија кои ги задоволуваат потребите на органските фармери “.

Префектурите се очекува да одлучат во наредните недели дали да го забранат или не просулфокарбот – кој во моментов се реевалуира на ниво на ЕУ со цел повторно да се овласти по 31 октомври 2022 година.

 

 

Категории: Вести, Зелен развој