Ќе започне сеидбата на пченица – На што треба да внимавате кај сеалките?

Ќе започне сеидбата на пченица – На што треба да внимавате кај сеалките?

 

Сеидбата претставува критична операција која што мора да се изврши правилно. За оваа операција нема простор за грешки и поправки и од неа зависи како ќе се одвиваат работите во текот на вегетациската сезона. Погрешно изведена сеидба, подоцна може да резултира со непланирани трошоци, неадекватен раст на растенијата или пак ќе има потреба од поголем број на интервенции во текот на растот и развојот на растенијата.

Во текот на следната недела ќе започне оптималниот рок за сеидба на пченицата. Пред да се започне со сеидба, како предуслов потребно е да се создаде сеидбен слој што ќе биде погоден за добро функционирање на сеалките. Добар сеидбен слој значи убаво разровкана почва која што во својот состав не содржи поголеми агрегати и гребени. Од друга страна, функционалната состојба во која се наоѓаат сеалките исто така влијае врз успешноста на изведената операција и создавање на оптимален склоп од растенија. Оптимален склоп од растенија, односно точно одреден број на изникнати растенија кои што се потребни на еден хектар (или површината со која располага земјоделецот) може да придонесе кон создавање на униформен раст, успешна борба со плевели, намалување на стапката на потенцијалните штети кои што можат да бидат предизвикани од патогените микроорганизми и штетници, поефикасна апликација на пестициди и намален ризик од полегнување на посевот.

Без разлика на моделот и подесувањата кои што треба да се направат, секоја сеалка првин треба да биде добро исчистена од страни објекти, каменчиња или пак закоравена почва. Потоа следува детална инспекција на целата конструкција и елементите за сеидба. Со ова се утврдува во која состојба била оставена сеалката од минатата сезона и дали е потребно да се извршат ситни поправки. Ситните поправки овозможуваат правилна работа и намалување на шансите за некои поголеми механички дефекти во текот на сеидбата. Сите лежишта каде што има некое движење првин треба да бидат темелно исчистени, а потоа соодветно подмачкани. Оваа пракса треба да се изведува и по завршување на работниот ден, без разлика дали утре ќе се извршува иста операција.

По првичната инспекција и подмачкувањето, потребно е да се проверат сите цевки кои што водат до поединечните елементи. Тие мора да бидат чисти и непречено да го транспортираат семето до дозерот на семето. Доколку се работи за пневматска тесноредова сеалка, треба да се посвети внимание и на бришачот на дискот. Дискот под дејство на воздушен вакуум го прилепува зрното, но доколку отворот не е целосно затворен, може да се прилепат повеќе зрна. Регулацијата на бришачот кој оневозможува повеќе семиња да се задржат на дискот се врши според хектолитарската и апсолутната маса на семето, квалитетот и чистотата на семето. При поголема хектолитарската и апсолутната маса на семето воздушниот притисок треба да биде зголемен, а доколку се работи за семе кое има помала ‘ртливост и чистота, бришачот треба да биде разлабавен.

Потоа, се врши проверка и на тркалата кои што ја регулираат длабочината на сеидбата, дисковите кои што создаваат отвор во почвата за да се посее семето, како и на оние елементи кои што ја затвораат почвата заедно со семето.

 

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Вести, Механизација