Поимот „биогорива“ обично се користи да се објаснат течни горива како етанол и биодизел, кои се користат како замена за конвенционалните транспортни горива (бензин, нафта и мазут).
Етанол е алкохол кој се добива со ферментација. Тој се користи како замена, или како адитив на бензинот.
Биодизелот, пак, е масло кое се добива со екстракција на масла кои природно ги има во некои растенија или семиња. Биодизелот може самостојно да се согорува во дизел мотори, или да се меша со конвенционалното дизел гориво.
Биогоривата можат да се поделат во три категории, во зависност од суровината од која се произведуваат:
- Биогорива од прва генерација (овие горива се произведуваат од прехранбени култури). За производство на етанол, се користат суровини како шеќерна трска и пченка. За производство на биодизел, пак, се користат суровини како соја и канола.
- Биогорива од втора генерација (овие горива се произведуваат од целулозни материјали како дрво, разни треви и делови од растенија кои не се употребливи за прехрана). Овој материјал е потежок за ферментација, па затоа потребни се дополнителни третмани на обработка.
- Биогорива од трета генерација (овие горива се произведуваат така што се искористува можноста на алгите да продуцираат липиди).
Освен овие три категории, често се употребува и поимот „напредни биогорива“ кој се користи за релативно новата технолошка гранка на производство на биогорива од отпад, животински масти и веќе употребени прехрамбени масла.
Биогоривата се единствената изводлива замена за традиционалните транспортни горива базирани на нафта, затоа што истите можат да се користат во веќе постоечките мотори со внатрешно согорување. Ова е неверојатно голема предност, имајќи го оглед фактот за сè поголемите еколошки проблеми кои произлегуваат од употребата на фосилни горива.
Биогоривата исто така можат да обезбедат енергетска стабилност во региони кои немаат извори на јаглеводородни соединенија, но имаат поволни земјоделски услови за одгледување на култури за производство на биогорива.
Иако постои дилема околу тоа колку се обновливи биогоривата, сепак општо прифатено е дека посевите со растенија од кои се произведуваат истите, не бараат долг период за обновување, за разлика од фосилните горива на кои им се потребни милиони години за формирање.
Недоумиците во врска со биогоривата обично се засноваат околу фактот што самите горива всушност претставуваат земјоделски производ. Каде лежи проблемот? Проблемот е во тоа што производството на културите од кои се прават биогоривата може да предизвика низа други несакани последици, како што се недостаток на обработливо земјиште, недостаток на храна (пренасочување на храната кон погоните за производство на биогорива), поголема потрошувачка на вода и.т.н.
Биогоривата од првата генерација се произведуваат од култури кои се погодни за јадење. Во некои региони од Светот, добар дел од земјоделското производство се пренасочува од пазарите кон погоните за производство на биогорива. Ваквото пренасочување на храна која е совршено добра за јадење кон фабриките за биогорива – предизвикува недостаток на земјоделски производи на пазарите, а со тоа и зголемени цени на некои од производите. Давањето субвенции за масовно производство на овие култури уште повеќе ја влошува ситуацијата.
Во склад на гореспоменатото, треба уште еднаш да наведеме дека земјоделското производство од такви масивни размери доаѓа со низа проблеми, како што е уништување на шумите и биодиверзитетот. Зголемената потрошувачка на вода и употребата на ѓубрива се исто така значаен дел од проблемот.