Се поголемиот фокус на земјоделците решението да го бараат во конвенционалните производи кои што ги нуди земјоделската индустрија, односно употреба на агрохемикалии во подобрување на плодноста на почвата и заштитата на растенијата, постепено доведе до ситуација кога почвата веќе не е во состојба сама да се регенерира. Од сезона во сезона, трошоците се зголемуваат бидејќи е потребна поголема количина на инпути (ѓубрива и пестициди) за да може да се добие принос, ист или помал од минатата сезона. Земјоделците се несвесни за несаканите последици кои што произлегуваат од интензивна употреба на хемикалии во почвата, не знаејќи дека степенот на живот и хранливите материи кои што се наоѓаат во почвата се клучот за продуктивноста на сортите и искористување на нивниот потенцијал.
Во продолжение ќе ви презентираме 7 начини или практики кои што придонесуваат кон подобрување на почвата:
Зголемување на внес на материи од растително и животинско потекло во почвата – Есенцијалниот елемент за здрава почва е органската материја. Тоа може да се постигне со сидерација, односно зелено ѓубрење, со додавање на арско ѓубриво или пак со воведување на домашни животни на полето. Без разлика која метода ја употребувате, при дополнителен внес на органска материја во почвата позитивно се влијае врз структурата, задржувањето на вода и поттикнување на развојот на корисни микроорганизми.
Периодично правење на почвени анализи – Колку повеќе информации имате за состојбата на почвата што се наоѓа на вашето поле, толку полесно можете да донесувате одлуки што директно ќе влијаат на подобрувањето на почвата.
Зголемување на популацијата на организмите кои што живеат во почвата – Преку извршување на точно испланирани операции кои што неинвазивно влијаат врз животот во почвата се остава простор и здрава средина да се поттикне размножување на организмите присутни во почвата. Без разлика дали станува збор за организми кои што создаваат органска материја, ја разровкуваат почвата или пак за бактерии кои што го фиксираат атмосферскиот азот, зголемувањето на нивната разновидност и популација се од суштинско значење за здрава и “жива” почва.
Одржување на постојана зелена прекривка на полињата – Обично квалитетната почва богата со микроорганизми не може да се види бидејќи таа секогаш е покриена со растенија. Растенијата со помош на кореновиот систем допринесуваат кон намалување на ерозијата на површинскиот слој од почвата, подобрување на водно-воздушниот режим, поттикнување на симбиоза помеѓу различни видови во почвата.
Садење на повеќе дрвја во околината од полето – Преку садење на дрвја се овозможува создавање на еден поинаков свет кој е исполнет со биодиверзитет. Заштитата од силните ветрови секогаш позитивно влијае кон зголемување на отпорноста на растенијата и намалување на степенот на еолската ерозија. Малите екосистеми можат да бидат погодни за размножување на корисни инсекти и микроорганизми.
Намалување на компактност на почвата – Создавање на цврст почвен слој кој најчесто се наоѓа во долните слоеви од почвата има изразено негативно дејство врз самата почва и организмите што живеат во и над неа. За да се избегне компактноста потребно е:
- Да се употребува полесна механизација
- Точно прилагодување на воздушниот притисок во гумите
- Да се намали бројот на поминувања во полето
- Да се користат постојани патеки на движење
- Да се намали движење во полето во услови на влажна почва
Автор: Марио Петковски
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.