Дали знаете дека денес сè повеќе се употребуваат роботи кои сами ги собираат плодовите како и сензори кои знаат што и кога му е потребно на растението?! Израел како земја со ограничени земјоделски ресурси е една од најреволуционерните земји во поглед на земјоделството и за таа цел ќе ви претставиме 7 иновативни израелски технологии кои го прават земјоделството поефикасно и поодржливо:
- Системи капка по капка
Како прво, дали воопшто знаевте дека израелска компанија стои зад пронаоѓањето на овие многу корисни системи? При обработка на суровите пустински предели во Израел, пробувајќи од нив да се направи плодно земјиште – израелските земјоделци и технолози се соочиле со проблемот на недостаток на вода. Системите капка по капка имаат функција да заштедат вода, да се зголеми приносот на културите и секако – да се олесни процесот на производство. Значително намалената употреба на вода се должи на тоа што капките капат директно во коренот на растението, а притоа се добиваат зголемени приноси. Моментално, истата компанија, изумител на системот капка по капка, нуди напредни високо технолошки решенија за земјоделското производство. Како дел од услугите кои ги нудат се најсовремени пластеници кои освен што се опремени со овие системи – имаат и технологија за контрола и мониторинг која прибира податоци, ги складира на онлајн (cloud) платформа, при што добиените податоци им стојат на располагање на сите фармери ширум светот.
- Рециклирање на вода
Израел рециклира над 86% од отпадните води, со што е неприкосновен лидер во светот. Специјализирани фабрики (прочистителни станици) ја земаат отпадната вода, ја филтрираат, прават повторна филтрирација со употреба на микроорганизми, како и уште неколку дополнителни прочистувања, за на крај да се добие вода безбедна дури и за пиење. Потоа, таа вода се користи за наводнување на земјоделските површини.
- Интелигентна платформа
Еден од новитетите во израелското земјоделско производство е воведувањето на интелигентни платформи (платформи кои прибираат и обработуваат податоци). Овие платформи се служат со сателитски слики, слики направени од дронови, големи бази од интернет податоци и предиктивни анализи при мониторирање на полињата – сѐ со цел да можат земјоделците да добијат прецизна претстава пред носење на големи одлуки. Со оваа метода се прават слики од полиња во висока резолуција, толку прецизно што може да се забележи најситниот инсект на листот. Потоа, се програмира компјутер да ги идентификува овие инсекти, плевели или болести, да ги анализира добиените податоци и да подготви извештај за фармерот. Според добиените податоци, се изготвува програма за прскање против штетните елементи токму на оние делови од полето каде што тоа е потребно.
- Биопестициди
Актуелна метода во третманот против штетници на посевите во Израел е и употребата на биопестициди. Некои земјоделско-технолошки компании употребуваат предаторски оси како природен третман против несаканите натрапници. Со оваа метода се врши т.н. биолошка контрола на штетниците, односно за секој штетник се пушта соодветен биолошки противник, при што истиот „работи“ на целосно уништување на штетниците од посевите. Резултатите се одлични, а трошоците за хемиски пестициди се намалуваат дури до 70%.
- Биоѓубрива
Употребата на ситни микроскопски габички кои му помагаат на коренот на растението да абсорбира повеќе хранливи материи е, исто така, еден од револуционерните методи на израелското земјоделство. За што станува збор? Оваа метода ги зголемува приносите, а употребените количини на ѓубрива се значително помали. Габичките се пробиваат во коренот на растението, ефикасно ја зголемуваат подземната мрежа на коренот, потоа габичките ги разложуваат хранливите материи до најситна форма и буквално физички ги мобилизираат (ги насочуваат) хранливите материи во самото растение.
- Роботика
Роботите, освен тоа што стануваат сѐ поприсутни во секоја сфера од човековото живеење – значајно место завземаат и во израелското овоштарство. Роботи со компјутерски раководена оптика, кои можат да препознаат овошен плод и истиот да го соберат директно од гранка – се нормална појава во израелското овоштарство.
- Употреба на сензори
Откако ги наведовме сите претходни точки – употребата на сензори во земјоделстовто не претставува некакво изненадување. Користењето на големи бази на интернет податоци паралелно со употребата на сензори им помага на израелските земјоделци да „комуницираат“ со самото растение. Така се дознава кои нутриенти му се потребни на растението, и кога е потребно наводнување.
Зголемувањето на популацијата налага да произведуваме повеќе храна, но со многу помалку употребена вода како и имплементација на чисти и поефикасни процеси. Ова е иднината на земјоделството, односно следната земјоделска револуција, која патем речено, се случува во моментов во Израел.
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.