Протоколите за одржливост клучна алатка за охрабрување на следната генерација земјоделци

Протоколите за одржливост клучна алатка за охрабрување на следната генерација земјоделци

 

Протоколите за одржливост на земјоделството можат да бидат непроценлива алатка за земјоделците да ја раскажат својата приказна и да ги направат фармите економски одржливи за да можат истите да се пренесат на идните генерации, изјави американскиот фармер Арон Барчелос во интервју за EURACTIV.

Фармерот кој заедно со својот брат води семејна фарма, се четврта генерација која се занимава со оваа дејност. На фармата која се наоѓа во Калифорнија одгледуваат низа култури, меѓу кои и памук. Како и кај многу други фармери, главната грижа на Барчелос е идната економска и еколошка одржливост на фармата.

„Јас и мојот брат, заедно со нашите семејства работиме и живееме на фармата. Наша цел е да ги пренесеме знаењата, искуствата и овој начин на живот и заработувачка на нашите деца и на нашите внуци“, изјави тој за EURACTIV, додавајќи дека семејната фарма се прилагодува најдобро што може на новите предизвици, во ист момент обидувајќи се фармата да се одржи комерцијално профитабилна.

Оваа амбиција го натера Барчелос да го потпише Протоколот за одржливо производство на памук (U.S. Cotton Trust Protocol). 

Протоколот за доверба, кој поставува нов стандард за поодржливо одгледуван памук, носи квантитативни и проверливи цели и индикатори во производството на памук, на тој начин помагајќи во континуираното подобрување на клучните метрики за одржливост.

„Тоа ни дава шанса да ја раскажеме нашата приказна како производители“, рече тој, нагласувајќи дека земјоделците треба да се чувствуваат гордо кога ја споделуваат својата страна од приказната.

„Треба да се потрудиме луѓето да разберат дека не сме тука само за да заработиме пари, ние сакаме нашите фарми да бидат одржливи, сакаме да бидеме ориентирани кон семејството, сакаме идните генерации да ги имаат истите можности кои ги имавме и ние“, рече фармерот со седиште во САД.

„Иако приказната на обичниот земјоделец е порака што потрошувачите сè повеќе сакаат да ја слушнат, индустријата не успева баш секогаш добро да ја пренесе“, вели Барцелос.

Тука стапуваат на сцена протоколите за одржливост.

„Протоколот е начин да се премости овој пропуст“, рече тој, посочувајќи дека им овозможува на потрошувачите да се доближат до земјоделците и да разберат од каде доаѓа нивната облека и влијанието врз околината кое го има нивниот избор.

Протоколот за доверба, додаде тој, исто така им оддава признание на „многу практики кои веќе беа спроведувани од страна на земјоделците за нивните фарми да останат исплатливи, а воедно и одржливи“, рече тој.

Тој укажа на шесте клучни показатели што ги користи Протоколот за доверба, кои го опфаќаат тековното управување со водите кои се користат за наводнување на земјиштето, ерозијата и деградацијата на почвата, емисиите на стакленички гасови и енергетската ефикасност.

„Сите ние имаме свои записи од кои може да се види индивидуалниот напредок на секоја фарма, како таа напредувала во текот на годините и новитетите кои ги внесуваме сега, а не сме ги правеле во минатото. Но, се јавува проблем при собирање на сите тие податоци и презентирање на истите пред поголемите брендови и трговците на мало. Кога сето тоа би било спакувано и презентирано во некоја посоодветна форма – би можеле да укажеме на сите подобрувања што ги направивме во текот на годините“, рече тој.

Додека Барчелос е сеуште релативно нов во Протоколот за доверба, за кој се пријави во 2020 година, тој се надева дека тоа ќе му овозможи да го подобри веќе постигнатиот напредок на неговата фарма.

„Тоа е вистинската цел зад американскиот протокол за доверба во производството на памук – да се увериме дека можеме да ги собереме тие податоци, да учиме од нив, да продолжиме да се подобруваме додека одиме напред“, рече тој. Во исто време, вели Барчелос, постигнатиот напредок на својата фарма може да го мери користејќи податоци собрани од други фарми кои се потписници на Протоколот.

Коментирајќи ги сличните протоколи кои почнуваат да се појавуваат во останатите сектори, Барчелос ја истакна потребата од тесна соработка помеѓу фармерите од една страна и брендовите и трговците на мало од друга страна, за да се осигураат дека податоците кои ги добиваат крајните корисници се релевантни и разбирливи.

„Многупати земјоделците се збунети од различните софтверски платформи. Не им е јасен начинот на кој тие функционираат“, истакна тој.

„Водечките компании во индустријата за памук вложија многу време и енергија за да се осигураат дека поставените прашања се релевантни и доволно јасни како за и брендовите и трговците на мало, така и за земјоделците“. рече тој, додавајќи дека тоа е клучно за успехот на секој таков протокол.

 

Извор: EURACTIV

Категории: Вести, Зелен развој