Факти и бројки: Како се движеше развојот на земјоделството во последниве 20 години на глобално ниво?

Факти и бројки: Како се движеше развојот на земјоделството во последниве 20 години на глобално ниво?

Глобалната додадена вредност генерирана од земјоделството, шумарството и риболовот порасна за 73 проценти помеѓу 2000 и 2019 година, достигнувајќи 3,5 трилиони американски долари во 2018 година. Ова претставува зголемување од 1,5 трилиони американски долари во споредба со 2000 година. Како најуспешни земји во однос на остварување на додадена вредност во 2019 година се Кина, Индија и Соединетите Американски Држави. Во 2019 година, глобалната површина на земјоделско земјиште изнесуваше 4,8 милијарди хектари (ха), што е намалување за 3 проценти, или 0,13 милијарди хектари во споредба со 2000 година. Помеѓу 2000 и 2019 година, приближно две третини од земјоделското земјиште  е во вид на  постојани ливади и пасишта. Со последните податоци, во 2019 година ливадите и пасиштата биле застапени со вкупна површина од 3,2 милијарди хектари , што претставува намалување за 6 проценти (0,19 милијарди хектари). Од друга страна, една третина од вкупното земјоделско земјиште е обработливо земјиште (1,6 милијарди хектари во 2019 година), што претставува зголемување од 4 проценти (0,06 милијарди хектари). Иако целокупното земјоделското земјиште е намалено од 2000 година, обработливото земјиште има константен просечен раст од 0,1 проценти секоја година во периодот 1961-2019 година, со значително проширување до 1990-тите.

→ Земјоделска површина по глава на жител и степен на иригација на глобално ниво

Целокупната површина на обработливите површини по глава на жител е намалена во сите региони помеѓу 2000 и 2019 година бидејќи бројката на населението расте со многу побрзо темпо од обработливото земјиште. Светскиот просек се намали за 17 проценти на 0,20 хектари по глава на жител во 2019 година или поточно намалувањето е најголемо во Африка (-26 проценти, на 0,21 ха по глава на жител), проследено со Америка (-18 проценти, до 0,36 ха по глава на жител), Азија (-15 проценти, до 0,13 ха по глава на жител), Европа ( -8 проценти, до 0,39 ха по глава на жител) и Океанија (-7 проценти, до 0,79 ха по глава на жител). Зголемувањето на земјоделското производство и намалување на земјоделската површина по глава на жител се одвива во ист период и укажува на поголема ефикасност во хранењето на населението со ограничени земјишни ресурси. Воспоставување на системи за наводнување е еден од аспектите со кои може да се интензивира земјоделството и вкупното производство да расте многу побрзо од обработената површина. Глобалната површина опремена со системи за наводнување во 2019 година достигна 342 милиони хектари што претставува зголемување за 18 проценти, односно од 289 милиони хектари од 2000 година. Најголем процент на површини под иригација се во Азија (70 проценти), каде што наводнувањето е една од клучните компоненти во целата зелена револуција која што се случи изминатите години во Кина, Индија и другите азиски земји. Дополнително, Америка учествува со 16 проценти, а Европа со 8 проценти од вкупната наводнувана површина.

Кина (75 милиони ха) и Индија (70 милиони ха) имаат најголема опремена површина за наводнување, далеку пред Соединетите Американски Држави (27 милиони ха). Кина и Индија во периодот помеѓу 2000 и 2019 година имаат и најголема нето добивка во земјоделско производство во кое се извршува наводнување (+21 милион хектари за Кина и +10 милиони хектари за Индија). Сите региони освен Европа забележаа зголемување на површините опремени за наводнување, при што најбрзо растеше Африка (+25 отсто), проследена со Океанија (+23 отсто) и Азија (+20 отсто).

→ Ангажирање на работна сила во земјоделството на глобално ниво

Бројот на луѓе кои работат во земјоделството ширум светот, вклучувајќи ги и шумарството и риболовот, е намален за 17 проценти во периодот 2000-2020 година, достигнувајќи 874 милиони во 2020 година, или 173 милиони помалку од 2000 година. Во Азија, вработеноста во земјоделството се намали од приближно 800 милиони луѓе на приближно 590 милиони што значи дека повеќе од еден од секои четворица земјоделски работници го напуштил секторот за друга работа надвор од земјоделството. Помеѓу 2000 и 2020 година, најголем пад е забележан во Европа, бидејќи бројот на луѓе вклучени во земјоделска дејност е намален за 50 проценти. Сепак, земјоделството останува вториот најголем извор на вработување во светот по услужниот сектор.

→ Употреба на пестициди на глобално ниво

Глобалната употреба на пестициди во периодот  од 2000 до 2019 година се зголеми за 36 проценти или поточно искористени се 4,2 милиони тони повеќе пестициди во 2019 година во однос на 2000 година. Скоро целото зголемување се случи помеѓу 2000 и 2012 година. Најголем придонес во количината на употребените пестициди има од Азија, по што следат Америка, Европа, Африка и Океанија. Азија, континент со највисока употреба на пестициди во последниот период има стабилен удел кој се движи помеѓу 52-53 проценти. Уделот на Америка се зголеми од 29 проценти на 33 проценти од глобалната потрошувачка на пестициди, додека оној на Европа благо се намали од 14 на 11 проценти. Африка и Океанија применувале помали количини пестициди со текот на времето, но сепак Океанија имала најголем раст во примената на пестициди (+85 проценти). Глобалната употреба на пестициди по земјоделска површина се зголемила за 28 проценти од 2000-тите, од 2,1 кг/ха на 2,6 кг/ха.

→ Употреба на вештачки ѓубрива на глобално ниво

Вкупната употреба на неоргански ѓубрива во земјоделството, изразена како збир од трите хранливи материи: азот (N), фосфор (изразен како P2O5) и калиум (изразен како K2O), изнесуваше 189 милиони тони во 2019 година. Подетално, 108 милиони тони азот (57 отсто од вкупниот број), 43 милиони тони фосфор (23 отсто) и 37 милиони тони калиум (20 отсто). Целокупната употреба на вештачко ѓубриво во 2019 година е 54 милиони тони, или 40 проценти, повисока отколку во 2000 година (33 проценти поголема за азот, 34 проценти поголема за фосфор и 73 проценти повисока за калиум). Азија учествува со 56 проценти од вкупната употреба на неоргански ѓубрива во 2019 година, а потоа следуваат Америка (26 проценти), Европа (12 проценти), Африка (4 проценти) и Океанија (2 проценти). Ова рангирање на регионите е исто за сите ѓубрива кои се користат во исхраната на растенијата. Главни корисници на неоргански ѓубрива  по опаѓачки редослед се: Кина, Индија, Соединетите Американски Држави и Бразил. Употребата на ѓубрива по земјоделска површина во 2019 година беше највисока во Азија, со 180 кг/ха, по што следат Америка (135 кг/ха), Океанија (82 кг/ха), Европа (80 кг/ха) и Африка (26 кг/ха). Со стапка на раст од 49 проценти помеѓу 2000 и 2019 година, Африка е регионот со најбрзо зголемување на употребата на ѓубрива по земјоделска површина, пред Америка (+47 проценти), Азија (+37 проценти) и Европа (+12 проценти). Од друга страна, Океанија е единствениот регион кој покажува намалување на употребата на ѓубрива (-8 проценти).

Извор: The Food and Agriculture Organization of the United Nations (FAO)

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.