Серијал на национални и онлајн работилници во областа на биоекономијата како дел од проектот БиоРурал
Зајакнување на капацитите и размена на знаење во клучните бласти на биоекономијата
Главната цел на проектот БиоРурал е промоција и зголемување на примената на био-базирани решенија од мал обем во руралните области во Европа. Постигнувањето на оваа цел е во голема мерка поврзано со остварување на размена на знаења и искуства помеѓу сите чинители вклучени во биоекономијата. Тука се вклучуваат првенствено земјоделците и примарните произведувачи на биолошки продукти, претставници на академската фела, технолошките компании, државните институции и невладиниот сектор.
Трансферот на знаења овозможува подигнување на јавнатата свест за бенефитите кои произлегуваат од примената на биобазираните решенија и трансформацијата на линеарниот производствен систем во она што се нарекува циркуларна економија, односно во овој случај, биоекономија. Овие поврзани пристапи овозможуваат значителни бенефити преку промоција на одржлив, ресурсно ефикасен економски модел со низок јаглероден отпечаток кој се карактеризира со интеграција на биолошките ресурси и отпадот во производствените циклуси. Со примена на биолошките ресурси проследена со акцентирање на повторната употреба и рециклирањео на материјалите, циркуларната биоекономија ја намалува зависноста од фосилни горива, ги намалува количините на создаден отпад и ги намалува негативните ефекти на производството кон животната средина. Трансформацијата кон циркуларна биоекономија ги поттикнува иновациите и економскиот раст со истовремено зголемување на биодиверзитетот, подобрување на квалитетот на почвите и зајакнување на издржливоста на екосистемите.
Биоекономијата во рамки на проектот БиоРурал е систематизирана во пет поединечни области:
- Храна и земјоделство
- Шумарство и природни живеалишта
- Водни системи
- Биоенергија
- Биоматеријали
Трансферот на знаења во рамките на проектот БиоРурал се остварува преку одржување на едукативни и работилници за зајакнување на капацитетите. Во периодот од ноември 2023 година до април 2024 година беа одржани тридневни онлајн вебинари за секоја од дефинираните области на биоекономијата кои се достапни на сетот со алатки на проектот БиоРурал за сите регистрирани корисници. Дополнително, вебинарите се достапни и на платформата YouTube каналот на проектот БиоРурал. Како предавачи на овие вебинари се јавуваат истакнати експерти од Европа, претставници на реномирани академски институции, современи технолошки компании, невладиниот сектор и државни институции поврзани со биоекономијата.
Во организација на Здружение Платформа за Зелен Развој Скопје како еден партнерите на проектот БиоРурал беа одржани три национални работилници за био-базирани решенија со примена на мулти стејкхолдер пристап во различни области на биоекономијата. Трите тематски области опфатени во оваа програма за размена на знаења се примена на био-базираните решенија во земјоделството и прехарнбената индустрија, водните биолошки системи и индустријата за биоматеријали и биобазирани производи. Како активни учесници на овие работилници беа претставници на релевантни државни институции, академската заедница, приватниот и невладиниот сектор кои делуваат во соодветната област на руралната биоекономија.
За успешно остварување на размената на знаењата и искуствата за циркуларната биоекономија неопходно е воспоставување на адекватен систем т.е. вмрежување на сите учесници. Затоа, проектот БиоРурал предвидува формирање на Европска Мрежа за Рурална Биоекономија ЕМРБ која ги вклучува сите релевантни чинители во областа и преку која покрај другото се овозможува размената на знаењата и искуствата.
Покрај теоретските и практични знаења за современите технологии и технолошки решенија во циркуларната биоекономија од огромно значење е и економскиот дел на овој пристап. Од таа причина како посебен сегмент на проектот БиоРурал се вклучува и бизнис моделирањето кое на применувачите на циркуларните биобазирани решенија им помага во организација, анализа и оптимизаација на процесите на создавање на вредности. Со него се овозможува континуирано настојување за постигнување на стратешките цели, оперативна ефикасност и долгорочна одржливост на пазарот. Сите овие сегменти на проектот БиоРурал се дирекно поврзани и достапни со сетот на алатки на проектот како што е прикажано на илустрацијата во продолжение.
Регистрацијата во Европската Мрежа на Рурална Биоекономија и пристапот до сетот со алатки на проектот БиоРурал можете да го направите преку следниот линк во неколку кратки и едноставни чекори.
Автор: Илија Поп Стефанија
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.