На долг рок зелката гарантира позитивни бизнис резултати. Кои се предусловите?

На долг рок зелката гарантира позитивни бизнис резултати. Кои се предусловите?

 

Зелката претставува примамлива алтернатива за македонските градинари како резултат на позитивни трендови кај цената на извоз во последните 10 години. Значајно пониските трошоци за производство особено трошокот за работна рака, недостигот на сезонски работници, како и интензивниот миграциски тренд од руралните средини, се дополнителни фактори кои ја прават зелката многу посоодветна сезонска инвестиција во однос на доматот кој долго време го држеше приматот.

Во последните 10 години во просек од државата се извезува 57 илјади тони зелка со просечна вредност од 13.6 милиони евра. Извозот го сочинуваат две категории на зелка и тоа зелка во период од 1 јануари до 31 март или позната како зимска зелка, како и зелка од 1 април до 31 декември или т.н. сезонска зелка, во која спаѓа и многу значајната пролетна зелка. Сезонската зелка доминира во вкупното количество на извоз со 73% (41,4 илјади тони), додека во вкупната вредност со 78% (10,53 милиони евра). Во анализиран период од 10 години, количеството на извоз на сезонска зелка покажува намалување од 7% додека кај зимската зелка ова намалување достигнува 16%. И покрај ваквиот релативно мал пад на  извоз може да се забележи значаен раст на вредноста на извозот и тоа 42% кај сезонската и 55% кај зимската зелка. Имајќи предвид падот во количините јасно е дека овој раст во вредноста е  резултат на растот на просечната цена на извоз.

Цената кај сезонската зелка во период од 10 години покажува просечен раст од 55% додека кај зимската зелка тој просечен раст е 87% што потврдува дека на долг рок оваа култура ветува позитивен економски резултати. При тоа треба да се земе предвид дека предуслов за вакви резултати е ангажирањето на поголеми земјоделски површини имајќи ја предвид ниската цена по единица производ. Дополнителна карактеристика за оваа градинарска култура се значајните промени во цените во кратки временски интервали (1-2 години), при што сезонската зелка покажува поголема стабилност во однос на зимската зелка. Токму овој атрибут на движење на цената е причината за краткорочните промени и во вредноста на извозот. Најсоодветен начин на справување во оваа динамика на цената на краток рок е дефинирање на обем на производство кој може да ги издржи овие пазарни осцилации.

 

Автор: Благоја Муканов

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

 

Категории: Пазари