Како да го подготвите традиционалното јагнешко за Велигден со многу зеленчук?
Секој Велигден традиционално јадење на празничните трпези е јагнешкото месо. Има многу начини како би можеле да го приготвите, но Ви препорачуваме јагнешко полнето со зеленчук.
За подготовка на овој рецепт Ви се потребни следниве состојки:
- 1 заден јагнешки бут
- 500 g спанаќ
- 200 g кашкавал
- 300 g грашок
- 300 g брокула
- 200 g ориз
- 2 јајца
- 3 моркова
- 1 главица кромид
- ¼ пашканат
- малку целер
- масло за јадење
- пола китка магданос
- масло за јадење
- сол и бибер по желба
Во тенџере со загреано масло, го ставаме претходно исчистениот и измиен спанаќ, да се издинста. На јагнешкиот бут му ги отстрануваме коските и го засекуваме на повеќе места за да добиеме рамна површина за полесно роловање. Потоа го посолуваме и наросуваме со црн бибер, и го виткаме во ролат за да ги впие зачините.
Морковите и кромидот ги сецкаме на коцки и ги додаваме во тенџерето со спанаќ. Исто така и пашканатот, целерот, магданосот ги сецкаме и ги додаваме во тенџерето. Во тенџерето додаваме по 50 g од брокулата и грашокот и мешаме. Го тргаме тенџерето од оган. Јајцата ги кршиме и мешајќи ги додаваме во тенџетето. Го отвараме ролатот, месото го толчиме, врз месото го нанесуваме филот од тенџерето и виткаме ролат. Ролатот го зацврстуваме со готварски конец.
Тавата за печење ја попрскуваме со масло. Ролатот го ставаме во тавата, додаваме 200 ml вода. Ја ставаме тавата во рерна и печеме 30 минути на температура од 220 степени покриено со алуминиумска фолија. Потоа ја вадиме алуминиумската фолија и печеме уште 1 час и 10 минути на температура од 200 степени. Тавата ја вадиме од рерна и го отстрануваме конецот. Кашкавалот го сечкаме на тенки парчиња, кои ги редиме врз ролатот. Ја враќаме тавата во рерна и печеме уште 10-тина минути на истата температура.
На чинија за сервирање ги сервираме претходно обарениот грашок, брокула и ориз. Ролатот го вадиме од тавата и го сечеме на парчиња заедно во чинијата со обарениот зеленук.
На здравје!
Aвтор: Александра Силјановска
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.