Интервју со проф. д-р Ивана Јанеска Стаменковска: Младите имаат клучна улога за развојот на земјоделскиот сектор

Интервју со проф. д-р Ивана Јанеска Стаменковска: Младите имаат клучна улога за развојот на земјоделскиот сектор

 

Какво е значењето на земјоделските бизниси за економијата на нашата држава? Какви се можностите за основање и развој на агробизниси во Р.С. Македонија? Кои се причините за слабиот интерес меѓу младите да започнат земјоделски бизнис и кои се вештините кои им се неопходни за успешно основање и водење на бизнис во агро секторот? Овие прашања, како и други поврзани со претприемништвото во агросекторот се тема на разговор во интервјуто со проф. д-р Ивана Јанеска Стаменковска, од Институтот за агроекономика, Факултет за земјоделски науки и храна – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Разговараше: д-р Викторија Илиева

Моја Фарма: Колкаво е учеството на бизнисите од земјоделска дејност во вкупниот број на бизниси во државата?

Јанеска Стаменковска: Земјоделството е еден од најзначајните сектори во македонската економија. Заедно со шумарството, рибарството и ловството, претставува трет најзначаен сектор, и тоа како во однос на учеството во бруто додадената вредност, така и во однос на бројот на луѓе кои се вработени во овој сектор. Според последните официјални податоци објавени од страна на Државниот завод за статистика, се забележува дека во периодот од 2010 до 2019 година, земјоделскиот сектор учествува во просек со 10.7% во бруто додадената вредност, иако во последните три години овој процент постепено се намалува.

Од друга страна, во однос на бројот на вработени во земјоделскиот сектор се забележува намалување во истиот период, односно ако учеството на вработените во земјоделскиот сектор изнесувал 19% од вкупниот број на вработени во земјата во 2010 година, во 2019 година овој процент е значително намален и изнесува 13.9% од вкупниот број на вработени во Р.С. Македонија. Причината поради која што е потребно да се наведат овие примарни податоци е да се  потенцира важната улога на овој сектор за македонската економија, како и поради фактот дека според една класификација на Светска Банка (World Bank Group, 2015), ваквиот опаѓачки тренд на вработувањата во земјоделскиот сектор следен со учество во бруто додадената вредност од околу 10%, ја сврстува нашата земја во категоријата на т.н. урбанизирани земји, укажувајќи на зголемување на економскиот раст на земјата.

Од друга страна, за разлика од останатите сектори, македонското земјоделство се карактеризира со дуална структура, каде што доминираат индивидуалните земјоделски стопанства, односно т.н. семејни фарми. Според последното структурно истражување во земјоделството, вкупниот број на земјоделски стопанства изнесува 178,125, од кои што 99.84% се семејни фарми, додека пак само 280 се регистрирани деловни субјекти, односно претпријатија од земјоделска дејност. Ако споредиме со вкупниот број на претпријатија во земјата (58,765, според ДЗС, 2019), тогаш ќе заклучиме дека бројот на деловните субјекти кои работат во земјоделскиот сектор е незначителен, односно дека опфаќа само 0,5% од вкупниот број на претпријатија. Токму затоа треба да се има предвид дуалната структура на македонското земјоделство и фактот дека всушност семејните фарми, односно индивидуалните земјоделски стопанства доминираат и значително придонесуваат во вкупната вредност на земјоделското производство.

Моја Фарма: Дали во нашата држава постојат доволно програми кои се фокусираат на поддршка на развојот на нови бизниси во земјоделството?

Јанеска Стаменковска: Врз основа на поставената законска рамка, како и стратешките цели и приоритетите на македонската земјоделска политика, постојат национални програми за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, кои се базираат на двата столба на земјоделската политика обезбедувајќи финансиска поддршка во форма на директни плаќања (т.н. субвенции во земјоделството) и финансиска поддршка на руралниот развој. Тука важно да се напомене е дека детални информации за програмите за поддршка во земјоделството може да се најдат на веб страницата на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Што се однесува до самите програми, сите мерки и инструменти кои тие ги опфаќаат на некој начин придонесуваат кон развој на нови бизниси во земјоделството. Според тоа, програмата за директна финансиска поддршка ги опфаќа т.н. директни плаќања за растително и сточарско производство, како и инструментот за дополнителна поддршка на развојот на земјоделството (државна помош за земјоделството). Оваа програма меѓу другото има за цел да придонесе кон подобрување на условите за живот и водење на бизнис во руралните средини, преку поддршка на приходите остварени од земјоделска дејност. Од друга страна, и програмата за поддршка на руралниот развој исто така придонесува кон модернизација на земјоделскиот сектор. Оваа програма опфаќа три групи на мерки, меѓу кои првата група има за цел да придонесе кон зголемување на конкурентноста на македонското земјоделство, преку поддршка на инвестиции за модернизација на фармата, како и инвестиции надвор од фармата. Исто така, во рамките на оваа група влегува и мерката за млад земјоделец. Останатите две групи на мерки се фокусираат на животната средина и поддршка на руралната економија како и подобрување на условите за живот на руралното население. Покрај националните програми за земјоделство и рурален развој, на бизнисите во земјоделскиот сектор на располагање им стојат и можностите за финансирање преку европските фондови, поточно преку ИПАРД програмата. Во моментот се акредитирани три мерки од оваа програма, кои се однесуваат на инвестиции во физички средства за земјоделските стопанства, инвестиции во преработка и маркетинг на земјоделски производи, како и диверзификација на земјоделските стопанства и деловен развој.

Ако се осврнеме на искористеноста на финансиската поддршка обезбедена преку овие програми, може да забележиме дека земјоделците главно апсорбираат средства во форма на директна поддршка, односно субвенции во земјоделството, додека значително помала е искористеноста на средствата од националната програма за рурален развој, како и од ИПАРД програмата. Тоа се должи на низа фактори, меѓу кои и комплексните процедури кои го отежнуваат процесот на подготовка на апликациите од страна на земјоделците, како и честите промени во самите годишни програми за финансирање. Овие наоди и многу подетално може да се согледаат во студиите и анализите на земјоделската политика, кои континуирано се изработуваат од страна на експерти од Институтот за агроекономика на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, во соработка со SWG, Заедничкиот истражувачки центар на Европска Унија и Здружението на агроекономистите на Р.С. Македонија, така што препорачувам овие студии редовно да се консултираат од страна на донесувачите на одлуки, најмногу поради фактот дека резултатите од овие истражувања треба да придонесат кон креирање политики и програми за поддршка на земјоделските бизниси врз основа на научни согледувања и факти.

Моја Фарма: Кои се главните пречки што младите многу ретко се одлучуваат да започнат бизнис во агросекторот?

Јанеска Стаменковска: Улогата на младите во развојот на земјоделскиот сектор е многу значајна, и тоа не само од аспект на стареењето на популацијата која се занимава со земјоделско производство (според последните официјални податоци просечната старост на македонските земјоделци изнесува 58 години), туку и од аспект на наследувањето на земјоделските стопанства и улогата на финансиската поддршка во процесот на обновување и унапредување на земјоделскиот сектор. Неоспорен е фактот дека во последните години се забележува изразена депопулација на селата, младите во потрага по посигурна, постабилна и поизвесна иднина ги напуштаат руралните средини, се занимаваат со други дејности, порад што постои голем ризик селата да бидат напуштени во блиска иднина. Голема улога во сето тоа игра и неразвиената инфраструктура во руралните средини, (не)достапноста на образовни, културни и други услуги кои ќе придонесат кон подобри услови за живеење во овие области. Покрај тоа, и неизвесноста во самото производство и пласман секако дека влијае на одлуките на младите дали да започнат бизнис во земјоделството. Често пати нерегулираните односи во вредносниот синџир, несигурноста во цените на реализација, недостигот на договорно производство кое нема да биде само формално, туку ќе има реална примена во практиката, се само некои дополнителни фактори кои го отежнуваат процесот на донесување одлуки за започнување на агробизнис. Токму затоа, изнаоѓањето на механизми да се поттикнат младите да започнат бизнис во земјоделството и на тој начин да се задржат во руралните средини е особено значајно. Тука мора да се нагласи дека  важно е тоа што и креаторите на земјоделската политика ја согледуваат огромната улога на младите како движечка сила во земјоделството и почетокот на нови бизниси го поттикнуваат преку воведување на мерки таргетирани директно за млади земјоделци. Во таа насока, мерката 112 се однесува директно на младите фармери, преку која се финансираат стартап бизниси во земјоделството. Но, покрај оваа мерка постојат и други мерки, како на пример мерката 113 која што има за цел да го поттикне земјоделското производство од страна на младите земјоделци. Исто така, во делот на директните плаќања доколку носител на стопанството е млад земјоделец, во период од 5 години од преземање на стопанството, утврдена е можност за исплата на дополнителни 5% повисока финансиска поддршка. Од анализата на искористеноста на финансиската поддршка од страна на младите фармери, може да се забележи дека во последните години се повеќе се зголемува исплатата на поддршката таргетирана за млади, што укажува на еден процес на можеби бавно но сепак во позитивна насока движење во однос на враќањето на младите во земјоделството и зголемувањето на бројот на агробизниси.

Моја Фарма: Какви знаења и вештини недостигаат кај младите, а се неопходни за започување на бизнис во агросекторот?

Јанеска Стаменковска: Земјоделството, за разлика од останатите сектори е специфично, токму поради биолошкиот карактер на самото производство, како и ограничените капацитети и ресурси за производство. Според ова, донесувањето одлуки за започнување на бизнис во земјоделството, како и за водење на самиот бизнис наметнува потреба од знаења и вештини од низа области. Менаџерите на земјоделските стопанства, без оглед на возраста, треба да го познаваат најпрвин самиот технолошки процес на производство, мора да донесуваат одлуки за ефикасно користење на расположливите ресурси, а секако треба да имаат познавања и од областа на маркетинг, финансии, менаџмент и останати агроекономски аспекти. Исто така, многу е важно еден претприемач да верува во својот бизнис, во тоа што сака да го постигне, да биде сеопфатен и конзистентен во своите постапки и секако подготвен на промени, поради тоа што промените го движат прогресот.

Во овој контекст, ќе се надоврзам на едно од претходните прашања и трендот на напуштање на овој сектор од страна на младата популација. А, токму младите земјоделци треба да бидат движечката сила за развој на земјоделството, а следствено и на економијата во нашата земја. Затоа, едукацијата игра клучна улога во овој процес, и тука неминовно е да спомнам дека Факултетот за земјоделски науки и храна, при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје е водечка институција во областа на земјоделските науки и храната во нашата земја, кој овозможува стекнување на неопходни вештини и знаења од сите аспекти кои им се потребни на младите за започнување и водење на бизнис во земјоделскиот сектор.

Моја Фарма: Дали има доволно извори на финансирање за земјоделски бизниси?

Јанеска Стаменковска: Во однос на изворите на финансирање на земјоделските бизниси може да се забележи дека во нашата земја постојат формални институции кои што нудат финансиски услуги, но голем дел од нив не нудат услуги директно таргетирани за малите земјоделски стопанства, кои како што претходно посочив, доминираат во македонското земјоделство. Изминатата година беше изработена студија од експерти од Институтот за агроекономика на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, за потребите на Националната федерација на фармери, токму на оваа тема, во која што може да се види дека покрај можностите за финансирање преку националните програми, постојат и можности за финансирање преку приватниот финансиски сектор, односно девет од вкупно тринаесет комерцијални банки, и три од вкупно четири штедилници, имаат директна понуда во земјоделскиот сектор. Сепак, не ретко, земјоделските производители за своите активности користат и кредити што не се дел од понудата на земјоделските кредити туку се од редовната понуда наменета за сите деловни субјекти или физички лица на банките. Исто така, Развојната банка на Р.С. Македонија има воведено и специјална директна понуда со поповолни услови за земјоделските субјекти, но се забележува дека искористеноста на овие кредити е релативно слаба, што се должи од една страна на фактот дека голем дел од земјоделските производители не се запознаени со овие можности, а од друга страна што овие кредити се наменети само за деловни субјекти, што во основа не го опфаќа мнозинството од земјоделските производители.

Моја Фарма: Стартапите од различни дејности се сѐ поактуелни кај нас, како и бројните програми за нивна поддршка. Но многу ретко може да се слушне за бизнис идеи од областа на земјоделството. Што може да се направи со цел да се зголеми интересот кај претприемачите кон развивање на бизнис идеи токму од областа на земјоделството?

Јанеска Стаменковска: Покрај можностите за финансирање преку националните програми за поддршка, како и преку приватниот финансиски сектор, исто така можност за пристап до финансиски средства претставуваат и финансиските инструменти обезбедени преку Фондот за иновации и технолошки развој на Р.С. Македонија, во форма на кофинансирани грантови за технолошки развој, за подобрување на иновативноста и последните кофинансирани грантови за надминување на последиците од пандемијата.

Сепак, истражувањата во областа на иновациите во земјоделството, покажуваат дека е многу слаба искористеноста на овие средства, односно од Фондот за иновации и технолошки развој до сега се поддржани околу 3% од вкупно поддржаните проекти од фондот. Овој податок го потврдува и Вашиот факт дека недостигаат бизнис идеи, а особено иновативни бизнис идеи во овој сектор, и покрај тоа што во ера на дигитализација значително се зголемени можностите за примена на иновативни дигитални решенија. Ова секако се должи на низа фактори, меѓу кои главна е неинформираноста на земјоделските производители за постоечките можности за финансирање на нивните бизнис идеи, односно во низа истражувања се покажува дека самите земјоделци не се запознаени со можностите за користење на финансиски средства за такви намени. Од друга стана, земјоделски производители се соочуваат и со потешкотии во подготовка на бизнис планови со иновативни решенија, како и целосната пропратна документација кои ќе им овозможат апликација на некои од постоечките програми за поддршка на нивните инвестиции. Покрај ова, не смее да се занемари и фактот дека кога аплицираат за финансиска поддршка од националната програма за рурален развој, или од ИПАРД програмата, со цел започнување на бизнис или пак модернизација на земјоделското стопанство, земјоделските производители често пати се соочуваат со потешкотии во обезбедување на утврдениот процент од инвестицијата кој што треба да го финансираат самите земјоделци. Од ова може да се увиди дека отежнатиот пристап до капитал, неиформираноста на земјоделците и самите сложени процедури за обезбедување финансиска поддршка, во голема мера влијаат на бројот на бизнис идеи во овој сектор. Според тоа, се наметнува потреба од прилагодување на политиките и програмите за поддршка, и тоа како на националните програми така и во приватниот финансиски сектор, се со цел да се олесни пристапот до финансии за земјоделските производители и со тоа да се овозможи развој на нови бизнис идеи, и секако развој на земјоделството во земјата. Ова треба да се надополни и со континуирана доедукација на земјоделците, како и со промоција на можностите за финансирање на бизнис идеи во земјоделскиот сектор.

Моја Фарма: Неодамна беше актуелна можноста за добивање на неповратни средства за започнување на семеен агробизнис. Дали овие можности наидуваат на задоволителен интерес кај таргетираната популација?

Јанеска Стаменковска: Да, така е, неодамна беше иницирана и најавена можноста за добивање на неповратни 10,000 евра за започнување на семеен агробизнис, главно наменети за стартап на семејни винарии. Самата мерка предвидува 90% од сумата да се искористат за набавка на неопходната опрема, додека пак остатокот од 10% да се користи за ангажирање на експерти, кои може да придонесат во процесот на производство. Мерката со која се регулира оваа поддршка е предвидена во Програмата за рурален развој, како и во буџетот, но до овој момент сè уште не е ставена официјално во функција, односно нема исплата на средства по основ на оваа мерка, поради тоа што сè уште трае административната процедура за изнаоѓање на законско решение за реализирање на исплатите. И покрај тоа што сеуште нема исплати, сепак бројот на мали семејни винарии кои се регистрираат во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство континуирано се зголемува, укажувајќи на фактот дека постои интерес кај таргетираните бизниси за оваа мерка.

Моја Фарма: Каков е интересот кај жените и нивната застапеност како основачи на агробизниси во Р.С. Македонија?

Јанеска Стаменковска: Земјоделството е главно бизнис кој што е воден од мажите во семејството, но во кој што сепак често пати жените играат клучна улога, без која самото производство и водење на бизнисот не може да се замисли. И покрај значењето на улогата на жената, во земјоделскиот сектор сè уште доминираат патријархални ставови, локални норми и обичаи, кои придонесуваат кон силно изразена родова нееднаквост. Земајќи го ова предвид,  Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје работи на истражувања на родовите аспекти, во кои што од особено значење е соработката со канцеларијата на UN Women. Во таа насока, беше реализирано опсежно истражување со цел да се придонесе кон зајакнување на жените во руралните средини и зголемување на нивното учество во водењето на земјоделските бизниси. Во рамките на оваа студија, за прв пат кај нас беше применет експериментален економски метод за мерење на нивото на донесување на одлуки и пресметан индексот на зајакнатост на жените во земјоделството. Што се однесува до позицијата на жената во руралните средини, и официјалните статистички податоци покажуваат дека стапката на невработеност на жените во руралните средини е многу висока и значително повисока во однос на стапката на невработеност на машката популација, иако мора да се нагласи дека во последните години се забележува тенденција на нејзино опаѓање, и изнесува околу 21%. Од друга страна, иако невработени, жените во руралните средини претставуваат значајна неплатена работна сила, ставајќи ги на овој начин во една подредена позиција. Но, не само тоа, и многу други фактори влијаат на таквата позиција на жената во руралните средини, почнувајќи од потребата за грижа за децата и семејството, сопственоста на средствата, недостигот на инфраструктура, итн. Според тоа, резултатите од истражувањето за кое говорев погоре, укажуваат генерално на слаба зајакнатост на жените во руралните средини, но со потенцијал за нејзино подобрување, особено поради фактот дека најголем дел од жените сепак учествуваат во донесувањето одлуки на земјоделското стопанство и се грижат за еден од најважните аспекти во тој процес, а тоа е водењето сметководствена евиденција на фармата. Во изминатиот период, ова е препознаено и од страна на креаторите на политиките, па така во последните национални програми за земјоделство и рурален развој се креирани мерки кои директно ги таргетираат жените во руралните средини, сè со цел да се подобри позицијата и улогата на руралната жена, па така со последната промена во 2019 година мерката 115 за поддршка на активен женски член, овозможува подобрување на целокупните резултати од работењето на земјоделското стопанство. Мерките кои ги таргетираат жените во руралните средини, меѓудругото бараат жената да биде носител на земјоделското стопанство. Оттука, во последните години се забележува и зголемување на бројот на апликации од страна на жени носители на земјоделските стопанства.

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

 

Категории: Интервјуа

Слични Новости