Интервју Симјановска: За македонското вино да стане светски познато мора да има приказна

Интервју Симјановска: За македонското вино да стане светски познато мора да има приказна

Несомнено македонското вино е еден од најубавите извозни производи кој е препознатлив на Балканот. Сепак, за поголем успех на македонските винарии неопходно е македонското вино покрај врвниот квалитет со кој располага да понуди и приказна која ќе ја привлече светската потрошувачка. За можните стратегии на македонските брендови и потенцијали разговараме со Ивана Симјановска вински судија, дел од тимот на  Macedonia Experience и вински критичар. Таа смета дека винската култура пред се треба да се гради за винската публика да се едуцира. Исто така македонското вино може да биде дел од понудата на Балканскиот регион и како такво да биде предизвик да се открива и истражува.

Разговараше: Христијан Станоевиќ

Моја Фарма: Дали верувањето дека македонското вино по квалитет може да се мери со француското и италијанското е вистинито и дали таквата самоувереност е всушност оправдана? Колку напредувавме ние во изминатите години во однос на конкуренцијата?

Симјановска: Зборуваме за вински земји и региони кои имаат апелациони системи кои функционираат и се надградувале со години, како и препознатливост на самите вина во кои исто така се инвестирало со децении. Но, ајде наместо да ги споредуваме нашите вина со француските и италијанските, да ја погледнеме нашата земја и целиот Балкански регион од друг аспект, како на место кое нуди и допрва ќе нуди интересни локални и регионални сорти, делумно познати или непознати за винските познавачи и љубители, што пак го прави целиот овој дел од светот да биде предизвик повторно да се открива и истражува. 

Моја Фарма: За виното велат дека е пијалок на боговите, тесно поврзано со многу обреди и традиции. Дали во Македонија постои винска култура на високо ниво и колку е таа важна за успех на македонските производители?

Симјановска: Винската култура е нешто кое непрестано треба да се гради и во кое треба да се инвестира затоа што со тоа го едуцирате купувачот да го цени виното како пијалок, а потоа да може да одбере соодветна етикета за соодветна пригода т.е. по соодветна цена. Едуцирана публика значи поголема продажба на виното. 

Моја Фарма: Што нуди современиот маркетинг за креирање на стратешки пристап при пласирање на македонското вино на странските пазари? Неопходна ли е приказна која ќе го придружува самиот бренд?

Симјановска: За да продадете вино и за да станете препознатлива винска земја, препознатлив вински бренд, недоволно е да продавате само добро вино, туку треба да ја прераскажете и приказната за виното, земјата, луѓето, природата итн. Овие концепти се тесно поврзани еден со друг и водат кон едно целокупно заокружување на она што значи градење вински идентитет и вински бренд на една земја во светски рамки. Исто така, она што е актуелно, е промовирање на Балканскиот регион како петти најголем вински регион во светот по производство на вино, и сметам дека е добра реклама македонските вина и вината од другите балкански земји, да се промовираат и како дел од него. 

Моја Фарма: Колку Договорот од Преспа ќе влијае на самиот бренд и географска ознака “македонско вино” или “вино од “Македонија”, односно дистинкцијата меѓу вино произведено во Грција во нивниот регион Македонија и вино од Р.С. Македонија?

Симјановска: Иако Договорот од Преспа му стави крај на долгогодишниот спор со името меѓу двете соседни земји, битните прашања како трговските марки се уште не се доволно разјаснети. Во однос на користењето на трговски марки во договорот стои само дека двете страни треба да се потрудат да дојдат до взаемно решение во рамките на „искрен дијалог”, потпомогнати со меѓународна експертска група, и кои треба да постигнат компромис до 2022 година за користење на брендот “Македонија” на своите производи. Сметам дека конкретното прашање на користење на географската ознака “македонско вино” или “вино од “Македонија”, треба да се реши по примерот на винскиот регион Токај кој се протега и во Унгарија и во Словачка, а денес подеднакво право имаат да го користат и двете земји. Да се надеваме само дека ќе го избегнеме долгогодишниот правен спор низ кој поминуваа овие две земји додека не се реши ова прашање.

Моја Фарма: Кои се новите пазари на кои треба да се фокусираат македонските производители во наредниот период и според вашите проценки колкав е извозниот капацитет на македонските винарии?

Симјановска: Некои од пазарите како на пример, британскиот, поточно Лондон, како и американскиот, Њу Јорк, Вашингтон, се места каде се смета за престиж да продавате вино, и поради тоа овие пазари се битни. Азискиот пазар пак, на кој поголемите македонски винарии веќе продаваат, е местото каде треба да продолжат да се насочуваат во продажбата. 

Фото: Тони Димитров

Категории: Интервјуа

Слични Новости