Автономен робот кој им помага на лозарите во текот на целата сезона (Видео)
Земјоделскиот автономен робот на батерии Слоупхелпер претставува машина која што им помага на лозарите и овоштарите во скоро сите операции во текот на една сезона. Се произведува во Словенија и според произведувачот оваа автономна машина може да замени дури 90% од потребната работна рака која што треба да биде ангажирана во текот на сезоната. Слоупхелпер може да извршува операции од различен карактер и тоа: прскање, ѓубрење, мулчирање, кастрење, обезлистување и берба.
Дизајниран е да работи во услови на силен дожд и ветер и со помош на литиумските батерии овозможува непрекината работа до 14 часа со едно полнење. Исто така, за да се зголеми слободата на земјоделецот машината е опремена со напредна сателитска навигација и радар за целосна автономност при движење и вртење од еден ред во друг. Радарот може да детектира пречки во редот, но истовремено може и да биде искористен за детектирање на зрели плодови кои што се спремни за берба.
Со должина од 2,6 метри и ширина 1,6 метри Слоупхелпер е способен да носи или да влече товар до 2 тона и може да подлежи на разни промени во зависност од операцијата која што се врши, на пример може да пренесува контејнери или амбалажа за складирање при берба или пак да биде адаптиран за транспорт на луѓе.
За да може да го увидите вистинскиот потенцијал на оваа иновативна машина, погледнете го видеото подолу: