Интервју со Давид од „Кози, млеко, планина“: Непроценливо е да уживате во земските плодови

Интервју со Давид од „Кози, млеко, планина“: Непроценливо е да уживате во земските плодови

Младиот Давид е иновативен сточар кој студиозно пристапува кон производството на козјо сирење и козји млечни производи целосно природни и свежи. Давид ја заменува урбаната средина за Раштак на Скопска Црна Гора каде макотрпно работи на одгледување на кози во природа и со голем ентузијазам сака да ја менува перцепцијата на луѓето особено за вкусот и мирисот на козјото сирење. За успех на органско производство смета дека е неопходна доверба кај потрошувачот кој треба директно да се увери дека козите се „вистински” и каков труд е вложен за да се добие крајниот производ.

Разговараше: Христијан Станоевиќ

Koza

Моја Фарма: Што е карактеристично за твоето производство на козји млечни производи. Колку е значајно за тебе и за потрошувачите да се применува органскиот пристап и како се постигнува тоа?

Давид: Веројатно се должи на долгогодишна доверба, сигурно имаат удел и секојдневните фотографии по социјалните мрежи. Ја поддржуваме slow food филозофијата и се залагаме за производи од сирово млеко. Притоа се запазени сите хигиенски и здравствени мерки, како на животните така и на млекото, луѓето ја препознаваат нашата посветеност и искреност. Нас не ни е идејата да имаме муштерии, туку пријатели.

Сведоци сме на тоа дека изминатава декада се погласно и почесто се зборува и етикетира органско, традиционално, еколошко производство. Лично сметам дека овие термини станаа игра на документи и шоу бизнис и тешко доаѓаат до израз оние вистинските кои работат со љубов и посветеност иако и тоа се менува бавно кон подобро. Тука е клучна личната комуникација помеѓу производителот и конзументот, тој заслужува да види дека козите не се фикција, тој заслужува да знае со што се храни добитокот, заслужува да се увери во благосостојбата на добитокот. Како поинаку би го поддржал нашиот труд?

David kozi mleko planina

Моја Фарма: Многумина имаат стереотипи за козјото сирење дека има специфичен мирис кој не е за секого. Како го надминуваш овој предизвик?

Давид: Напротив, козјите млечни производи треба да ги карактеризира неутралноста, секако со нота различна од овчи и кравји производи, но не и на штала. Вложуваме многу енергија и внимание во хигиената на козите, со машинско молзење млекото излегува драстично почисто, дезинфекции на вимињата и опремата за молзење…

Вистинско уживање ми претставува чинот на рушење на стереотипот кој најчесто резултира со интересно зачудена гримаса и коментар “абе ова не мириса непријатно”. Најчесто тоа се случува на јавни настани, на последниот настан во организација на Public Room, Бакалница и Добра земја посетителите имаа можност да пробаат од нашите производи во разноразни комбинации, а впечатоците ми потврдија дека сме на вистинскиот пат.

Kojzo sirene

Моја Фарма: Како ја усовршуваш вештината на производство на козјо сирење, има ли модерни техники и трендови кои може да се комбинираат со македонската традиција?

Давид: Секако дека може, најпрво македонски се пасиштата и шумите, македонско е поднебјето а со тоа и млекото. Околината на Раштак изобилува со богат растителен свет кој преку исхраната на козите се пренесува во млекото и производите во зависност на сезоната.

Обработката на млекото и самото производство на сирење јас го доживувам слично како собирање билки. Постепено се изучува и од година во година се зголемува фондот, така и со производството на сирење само што тука најголем фактор е млекото како суровина, од здраво млеко до вкусни производи. Си имам поставено лични предизвици за некои видови на сирења кои би сакал да ги вкусам со млеко од раштевски кози но, прво мораме да создадеме предуслови и можност.

Се чувствувам охрабрено по посетата на фестивалот за сирење во Бра – Италија благодарение на Slow Food Macedonia од пред 2 години. Ако можат таму, можеме и тука.

Моја Фарма: Градската урбана средина ја замени со рурална и целосно се посвети на сточарството. Може ли да ни опишеш како се одвива еден типичен ден за тебе?

Давид: Кога ја започнувавме оваа животна авантура јас и моите родители искрено незнаевме во што се впуштаме и колу е обемно да се управува со целиот процес. Од шетањето во планина каде што го прават млекото до одржувањето на шталата и полнењето на плевната па се до обработката на млекото и финален производ, па и достава до адреса, а притоа зависите од временските услови, финансиската моќ на луѓето, ксмет и тоа што ве тера да ги прифатите предизвиците – волја.

Познато е дека во сточарството нема слободен ден и годишен одмор, секој ден си опкружен со овие чудни животни со палав темперамент кои треба да се молзат 2 пати на ден, да јадат, прошетаат и пијат вода.

Овие жешки месеци обврските се дополнително зголемени бидејќи обезбедуваме храна за студените месеци и периодот кога ќе имаме јариња, а притоа не смееме да излеземе од рутината бидејќи заради жешкото време млекото треба брзо да се измолзи и сработи. И најпосле, кога ќе го вкусам сирењето на некоја ливада заедно со козите разбирам дека е непроценливо уживањето во земските плодови.

David kozi mleko planina

Моја Фарма: Колку е важно задругарството во сточарството и поврзувањето со органските земјоделски производители, на кој начин ја промовирате органската храна од домашно потекло?

Давид: Пред некоја година контактирав со неколку одгледувачи на кози на оваа тема, но заклучив дека не сме сѐ уште подготвени за нешто такво, едноставно ангажманот кај сите нас е голем и на дневните предизвици им нема крај.

Пред извесно време се запознав со екипата на Добра Земја (задруга за органска храна), супер тим, кој ми ја врати надежта, секако дека е важно дури и неопходно секое поврзување, како помеѓу нас производителите, така и со сите поддржувачи на природна храна. Како најефикасно поврзување се покажаа јавните настани за органска храна каде што стануваме пријатели, мислам дека најмногу не поврзува трудот кој го вложуваме, секој на свој начин и со своја тежина, тоа не први солидарни, човечни помеѓу секој кој се труди.

Kozi

Моја Фарма: Се повеќе станува актуелен руралниот туризам со посета на автентични места. Може ли твоите производи да се дегустираат во Раштак, дали е тоа следен чекор во развојот на „Кози млеко планина“?

Давид: Уште пред неколку години влеговме во друштвото на geniune experiences – платформа за автентични туристички искуства, но за жал сеуште не сме официјално почнати, факт е дека интересот за посета расте, како за на фармата и дегустации така и за прошетка со козите во планина, посетителите неможат да ги сокријат импресиите помеѓу слободно пуштените кози и чуварите. Ова за нас представува сѐ уште непозната област па сметаме дека не треба да избрзуваме за да не ја доведеме во прашање благосостојбата на козите и производството бидејќи тоа е основата врз која следува се останато.

Ние работиме на случајот, ги подобруваме условите и разработуваме едукативна програма од ден на ден. Сигурен сум дека се што се случува брзо – кратко трае, верувам дека наскоро ќе ја официјализираме и оваа можност.

Сосема за крај сакам да искажам благодарност и поздрав до slow food macedonia, geniune experiences, soncheva, тимот за фарми на евростил од Битола, slow food училишни градини, бакалница, Добра Земја и секој поединец кој придонесува кон нормални вредности и подобро утре, животот без пријатели е како брод без едра.

 

Категории: Успешни приказни

Слични Новости