Како да се справите со летните горештини, што треба да содржи идеалното летно мени?
Климата значително се промени во последните децении, така што летните температури над 35 степени стануваат се потешко подносливи. Во лето, нашиот апетит се намалува, особено кога ќе започнат топлотните бранови. Единствената мисла е како да се разладиме што е можно подобро.
Најважно во овој период е да пиете доволно течности. Освен вода, се препорачуваат супи, чорби, овошни сокови и чаеви. За да ја задоволиме жедта во летото, обично посегнуваме по ладни пијалаци. Сепак, добро е да знаеме дека подобро ќе се оладиме ако пиеме течност на собна температура или консумираме топли чаеви и пијалоци. Обично губиме помеѓу 2 и 2,5 литри течност на ден преку потење, дишење, урина и измет. Летно време се препорачува 2,7 литри вода дневно за жените и 3,7 литри за мажите.
За време на топлите денови, телото природно бара храна што лесно се вари, богата со вода и минерали кои се губат преку потење, со повеќе растителни влакна и помалку маснотии и протеини. Затоа треба да јадеме многу свежо овошје, зеленчук и риба. Приготвените оброци треба да содржат што е можно помалку сол, масло и маснотии.
Белата риба, школките и раковите се добар извор на протеини, а истовремено се и одличен извор на есенцијалните масни киселини. Од друга страна, ферментираните млечни производи, како јогуртот, кефирот, киселото млеко, павлаката, ајранот, урдата и сирењето се извор на ензими, бактерии кои го чуваат вашиот дигестивен систем.
Поради големата топлина, телото сака да ја одржи својата телесна температура, па се лади со потењето, при што се губат вода и електролити, кои е потребно постојано да се надополнуваат. Околу 20-30% од течностите ги внесуваме преку храната, а некои намирници содржат повеќе вода од други. Овошјето и зеленчукот со висок процент на вода се важен извор на течности. Затоа лубеницата, дињата, краставицата, доматот, грејпфрутот, зелената салата и брокулата се популарни летни јадења. Исто така како здрав и лесен оброк се препорачуваат и супите, чорбите и шејковите, а пожелно е да се приготвуваат со сезонски состојки.
Алкохолните, газираните и засладените пијалаци, како и пијалаците богати со кофеин, само ќе го интензивираат процесот на дехидрирање, бидејќи тие го стимулираат излачувањето на течности од телото. Овие пијалаци треба да се избегнуваат во текот на летото. Поради своите растителни влакна, витамини и минерали, свежите овошни сокови се одличен избор за летото.
Затоа на овие високи температури пијте многу вода, јадете овошје и зеленчук, облечете лесна облека во светла боја и не заборавајте ги шеширот или капчето. Останете хидрирани и заштитени од сонцето.
Насловна слика извор: omegavia.com