Владата ја усвои Програмата за капитални субвенции во руралните средини
Владата на 14. седница ја донесе Програмата за капитални субвенции за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој за 2022 година со која ќе се подобри руралната инфраструктура и пристапот до земјоделските површини.
Како што посочуваат од владината прес-служба, корисници на средствата на оваа програма се центрите за развој на планските региони на територијата на државата, регистрирани согласно Законот за рамномерен регионален развој.
„Избраните проекти е предвидено да се реализираат во рок од дванаесет месеци од денот на потпишување на договорот за финансирање. Корисниците ќе поднесат финансиски и наративен извештај најдоцна 15 дена по крајниот рок за имплементација“, се наведува во владиното соопштение.
На денешната седница била разгледана и Информацијата за предлог-структури и акциски план за воспоставување систем за индиректно управување од страна на државата со ИПА-средствата согласно барањата од Регулативата за имплементација на новиот Инструмент за претпристапна помош (ИПА 3) за 2022 година.
„Според структурата, ИПА III е поделена на 5 прозорци и 17 тематски приоритети и тоа: Владеење на правото, фундаментални права и демократија; Добро владеење, усогласување на законодавството, добрососедски односи и стратешка комуникација; Зелена агенда и одржлива поврзаност; Конкурентност и инклузивен раст; и Територијална и прекугранична соработка.
Во рамките на приоритетот ‘Зелена агенда и одржлива поврзаност’ предвидени се дополнителни тематски приоритети: Животна средина и климатски промени и Транспорт, дигитална економија, општество и енергија“, нагласуваат од владината прес-служба.