Забраната за извоз продолжува, стимулации за пченицата и средба во Белград – Актуелни теми во македонското земјоделство
Забраната за извоз на пченица, јачмен, пченка, пченично брашно, сончогледово семе и масло ќе трае до 15 април, одлучи Владата. Целта на одлуката е заштита на домашниот пазар и граѓаните, заштита на домашното производство и избегнување шпекулативни дејства од страна на трговците и производителите.
Како што нагласи министерот за економија Крешник Бектеши, приоритет на Владата е да го заштити стандардот и да одржи економска стабилност.
-Заштита на домашниот пазар и граѓаните во време на криза, избегнување шпекулативни дејства на трговците и производителите и заштита на домашното производство, е целта на најновата мерка, донесена денеска во Владата, со која до 15 април 2022 година продолжува забраната за извоз на одделни житарици и сончогледово масло. Владата на седница одржана на 10 март 2022 година, донесе Одлука за ограничување на извозот на одделни стоки, според која, почнувајки од 10 март, се ограничува извозот на одделни стоки до 20 март 2022 година со цел да се оневозможи нивен извоз со забрзана динамика на штета на домашниот пазар, соопшти синоќа Бектеши.
Одлуката ја поздрави и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
-Одлуката е исправна. Мора да го штитиме домашното производство и да се грижиме за домашните потреби. Забраната ќе продолжи, рече Николовски.
Тој најави дека во вторник ќе се сретне со српскиот колега, министерот за земјоделство Бранислав Недимовиќ. Од средбата во Белград очекува уште една потврда дека Србија ќе ги испорача во земјава потребните количини пченка и пченица за домашните мелничари.
-Во вторник сме на состанок во Белград со српскиот министер за земјоделство. Се надевам дека ќе ја договориме динамиката за испорака на потребните количини жито. Верувам дека вторпат ќе биде потврдена поддршката и солидарноста од српска страна. Претседателот Вучиќ потврди, а разговарав и со министерот Недимовиќ. Верувам дека се ќе оди во правец на олеснување и овозможување на количините кои ни се потребни од жетвата, истакна Николовски.
Според него, годинава се засеани 75 000 хектари пченица или 3 000 хектари повеќе од лани. Ќе имаме 255 000 тони, додека потребите се околу 300 000 тони. Но, целото производстсво не е со соодветен квалитет.
Николовски повтори и дека ќе биде предложена промена на моделот на стоковните резерви.
Подготвен е, информира, и нов план со мерки за зголемување на приносите пченица, со кој ќе се зголеми домашното производство, а ќе се намали увозот.
-На среден рок со планираните мерки ќе имаме зголемено производство на пченица од 30.000 тони, а на долг рок ќе бидеме увозно независни. Се предвидува и проширување на Програмата за интервентен фонд со нови мерки, со цел да се опфатат и другите земјоделски сектори на кои им е потребна помош во оваа светска криза. Сите барања на земјоделците ќе бидат земени предвид. Субвенциите за трите мерки за набавка на вештачки ѓубрива, за предадени јагниња и гоеници во кланични капацитети ќе бидат исплатени до 30-ти јуни годинава. Ги следиме состојбите и навремено ги преземаме сите потребни мерки за земјоделците да имаат помали трошоци, одржливо производство, да има стабилност на пазарот на храна, истакна министерот.
Од 17 март годинава дел од основните прехранбени производи се продаваат со нула проценти ДДВ, а од минатата недела намалени се и маржите. Без ДДВ се продаваат лебот, брашното тип-400, млекото со масленост од 2,8, од 3,2 и од 3,5 проценти масленост, белиот шеќер, сончогледовото масло, месото и други кланични производи за јадење, белиот ориз и јајцата.
Извор: МИА