Има ли повкусно од домашен ајвар и црвени пиперки – Есента може да почне

Има ли повкусно од домашен ајвар и црвени пиперки – Есента може да почне

Црвените пиперки „ајварки“ се вистински хит секоја есенска сезона. Од струмичките полиња, до нашите трпези. Нивниот вкус е препознатлив, имаат одредена благост и доста темна црвеникава боја. Може да се комбинираат во салати, но и да се искористат за брз ручек со пропржени домати, сиренце или јајца по вкус. Секако, неизбежни се за правење домашен ајвар, и тоа највкусниот со богата арома и текстура кој слатко го мачкаме на леб во комбинација со сирење или кашкавал.

Колку се хранливи и корисни црвените пиперки?

Пиперките ајварки најздрави се кога се јадат свежи, во салати и сендвичи, но може да се подготват и на многу други начини со месо, зеленчуци или во сосови.

Црвената пиперка – главната состојка на ајварот, ако се јаде свежа е многу корисна. Црвените пиперки се богати со витамините Ц и А, содржат само 30 калории, а дури 92 проценти вода. Оваа нискокалорична храна го стимулира согорувањето на калориите и помага при слабеење. Витаминот Б6 и магнезиумот во пиперките ја штитат кожата и го стимулираат растот на косата, го намалуваат стресот, ја олеснуваат несоницата и го подобруваат расположението. Црвените пиперките се богат извор на антиоксиданси, особено со капсицин, кој ја дава и црвената боја. Моќните антиоксиданси меѓу кои зеаксантин и лутеин се важни за здравјето на очите.

црвена пиперка

Кои се нутритивните вредности на вкусниот ајвар?

Кај нас наесен црвените пиперки најмногу се користат за правење на ајвар. Ајварот има висока калорична вредност, но многу мала нутритивната вредност, бидејќи витамините и минералите кои ги содржи во себе пиперката не опстојуваат кога долготрајно термички се обработува на високи температури. Консумирањето на „кавијарот од пиперки“ покрај тоа што нуди неодолив вкус и текстура, има мали хранливи вредности. Иако не е штетен, сепак јадете го во умерени количини.

Според нутритивните вредности 100 грама ајвар содржи:

од 140 до 160 калории

околу 10 грама масти

9 до 11,5 гр. јаглехидрати

4,7 гр. протеини

растителни влакна – околу 4,5 гр.

белковини – околу 2 гр.

шеќер – околу 4 до 6 гр.

околу грам до два сол.

Убавината на есента и македонските плодови

Домашниот ајвар е омилената зимница во сечиј дом. Тој најчесто се приготвува од црвени пиперки, но и во комбинација со модри патлиџани или моркови. Времето на пржење на ајварот зависи од повеќе фактори: количината на пиперка, интензитетот на оганот, видот на црвената пиперка и количината на вода во нив.

Затоа е важно пиперките добро да се исцедат пред да се готват. Оваа сезона ви препорачуваме да си набавите доволно црвени пиперки и да ги конзумирате во различни комбинации. Ако правите домашен ајвар набавете ги од пазар и убаво проверете ја нивната состојба, свежина и боја за да се осигурате дека сте го направиле најдобриот избор.

 

Категории: Здрава храна