Копаоник бизнис форум – „Србија 2030: Агенда за одржлив развој“

Копаоник бизнис форум – „Србија 2030: Агенда за одржлив развој“

 

 

Копаоник бизнис форум годинава се одржува од 6 до 9 март под слоганот – „Србија 2030: Агенда за одржлив развој“, поаѓајќи од фактот дека Србија учествуваше во изготвувањето на Агендата за 2030 година, која беше усвоена во Собранието на ОН, и дека заедно со другите земји потписнички се обврза да ги исполни дефинираните цели. На Копаоник бизнис форум, во четири последователни дена ќе се реализираат 33 панели, со 200 панелисти, а предвидени се 8 пленарни говори на кој ќе се дебатира за тековни и стратешки теми од значење за економскиот развој на Западен Балкан.

На панелот со наслов „Регионалната соработка како предуслов за одржлив раст“ на форумот ќе учествува и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора и ко-претседател на Коморскиот инвестициски форум, заедно со престедателите на Коморите од регионот на Западен Балкан. Важноста на регионалниот економски развој ќе биде тема и на повеќе други панел дискусии на кои ќе се говори и за прогнозите за економските трендови за Западен Балкан во услови на се`уште актуелна светска криза предизвикана од корона вирусот но и ефектите од енергетската и финансиската криза кои следуваа, како и најновите случувања во Украина.

Копаоник бизнис форум е организиран од Алијансата на економисти на Србија под директно водство на претседателот на српското здружение на економисти Александар Влаховиќ, во партнерство со Мастеркард. Претставува интерактивна платформа за размена на мислења и искуства, како и место за средби и деловно вмрежување на компании од регионот на Западен Балкан, реномирани експерти и еминентни имиња на домашната и регионалната економска и политичка сцена.

 

Категории: Вести