Во дворот на Земјоделскиот институт ќе биде засадена најстарата винова лоза на светот
По повод одбележувањето на триесет години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Република Македонија и Република Словенија, во дворот на Земјоделскиот институт – Скопје, денеска ќе биде засадена 400 години стара винова лоза (најстарата винова лоза на светот), народно позната како Жаметна чрнина или Модра кавчина.
Истовремено, преку симболичен начин ќе се промовира значењето на науката во заштитата на животната средина, значењето на биодиверзитетот, како и чувањето и грижата за природното богатство, кое во Словенија има многу долга традиција. Воедно ќе биде посадена и македонската автохтона винска сорта Станушина.
Настанот ќе го отвори директорот на Земјоделскиот институт – Скопје, професор Виктор Ѓамовски, а ќе се обратат ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” професор Никола Јанкуловски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и неговиот словенечки колега Алеш Хојс.
На настанот ќе присуствува инж. агр. Станислав Кочутар од Марибор, Република Словенија, кој е чувар заштитник на најстарата лоза на свет.
„Засадување на најстарата винова лоза на свет” е настан организиран од страна на Амбасадата на Република Словенија во Скопје во соработка со Земјоделскиот институт-Скопје.