Отпадот од храна може да ни ја уништи планетата, земјоделството одговорно за третина од стакленичките гасови

Отпадот од храна може да ни ја уништи планетата, земјоделството одговорно за третина од стакленичките гасови

 

 

Земјоделското производство на храна е одговорно за една третина од емисиите на стакленички гасови во светот. Човекот произведува многу повеќе отколку што му треба, а притоа невнимателно ги користи природните ресурси. Фрлањето храна (отпадот од храна), во услови на глад и сиромаштија во огромен дел од светот од една, и сериозната закана од климатските промени и нивното влијание на планетата од друга страна, е уште еден пример како човештвото, полека, но сигурно, го уништува единствениот дом што го има.

Според податоците од Националниот инвентар на стакленички гасови во РСМ, секторот земјоделство е вториот најголем извор на емисии на стакленички гасови во земјава, по енергетиката. Речиси 90 отсто од емисијата на метан е последица на преживањето на говедата, а исто толкав процент на емисиите на диазот оксид (N2O) е последица на метаболичките процеси кај домашните животни и на складирањето, преработката и управувањето со арското ѓубре.

Во земјава, најмногу метан, 80 отсто од вкупните емисии, се произведува со ентерична ферментација и управување со ѓубриво кај говедата. Овците, козите, коњите и свињите придонесувале со околу 15 отсто во вкупната емисија на метан, а остатокот е последица на управувањето со ѓубриво. Емисиите на N2O, пак, се должат исклучиво на управувањето со ѓубривото. Главните емитувачи повторно се ѓубривото од говеда со 78 отсто, потоа овчото и свинското ѓубриво со по седум отсто. Слично на емисиите на метанот, млечните крави повторно се со најголем придонес од 57 отсто од годишните емисии на N2O генерирани во сточарскиот сектор.

„Сите овие податоци упатуваат на заклучокот дека влијанието на земјоделските активности врз животната средина и климатските промени не смее да се занемарува“, вели Бојана Станојевска-Пецуровска од Центарот за климатски промени.

Решението за надминување на проблемот се гледа во добрите земјоделски практики преку кои земјоделците ќе можат да ја задржат автентичноста на производството, а истовремено да функционираат во подобри хигиенско-санитарни услови и со поголема одговорност кон животната средина. Во развиените земји, но и кај нас, преку пренесувањето на европското законодавство, неопходно е воспоставувањето на стандардите за безбедно и одржливо производство на земјоделски култури и одгледување добиток.

Според професорот на Факултетот за земјоделски науки и храна, Ордан Чукалиев, кај нас ова претставува проблем бидејќи недостасуваат инвестиции во науката со кои ќе се утврдат вистинските мерки за одржливо земјоделство.

„Во земјава години наназад не се поддржуваат научните истражувања кои треба да ни помогнат да добиеме податоци за придонесот на секоја култура во емисиите на стакленички гасови и врз основа на тоа да ги определиме мерките кои ќе бидат најсоодветни. Определувањето на емисионите фактори е долготрајна процедура, заради што ние и немаме некои технологии со кои можеме да работиме“, вели Чукалиев.

Земјоделството е значајна гранка во економијата на државата. Земјоделскиот сектор, вклучително и вредноста додадена со преработка на земјоделските производи учествуваат со 16 отсто во БДП и обезбедуваат вработување за 36 отсто од работната сила. Истовремено, имајќи предвид дека 42 отсто од населението во земјата живее во рурални области, каде можностите за вработување надвор од фармите се доста ограничени, лесно може да се заклучи дека земјоделскиот сектор е од суштинска важност за благосостојбата на околу половина од населението во земјата.

Сепак, порачуваат од Центарот за климатски промени, за да не останеме без храна, а истовремено да овозможиме да се намали влијанието врз климатските промени, потребна е едукација на земјоделците и на сопствениците на фарми да ги максимизираат приносите и да ги оптимизираат деловните операции, и истовремено да ги минимизираат трошоците за производство и влијанието врз животната средина.

„Земјоделските активности имаат значајно влијание врз квалитетот на животната средина и тоа воглавно на водата и почвата поради пестицидите, хербицидите и вештачките ѓубрива кои се користат за зголемување на приносот и одржување на родот на одредени култури. Но, влијаат и на квалитетот на амбиентниот воздух, особено поради палење на стрништата, и во одредена мера заради користење на земјоделска механизација и опрема која работи на фосилни горива“, вели Станојевска-Пецуровска.

Посочува дека во Европската унија земјоделството во 2012 година сочинуваше 10 отсто од вкупните емисии на стакленички гасови, но со значителниот пад на бројот на добиток, поефикасната примена на ѓубрива и подоброто управување со ѓубриво емисиите се намалени за 24 отсто. Сличен е и трендот во Македонија, особено поради намаленото одгледување на добиток и живина. Меѓутоа, земјоделството во остатокот од светот се движи во спротивна насока. Помеѓу 2001 и 2011 година, глобалните емисии од растителното и сточарското производство пораснаа за 14 отсто.

„Со оглед на централната важност на храната во нашите животи, натамошното намалување на емисиите на стакленички гасови од земјоделството останува голем предизвик. Тоа може да се постигне со подобрата интеграција на иновативните техники во методите на производство, користење на помалку вештачки ѓубрива, поефикасна употреба на ѓубрива и поголема ефикасност во производството на месо и млечни производи“, посочува Станојевска-Пецуровска.

Министерството за земјоделство во 2010 година донесе Кодекс за добра пракса кој ги пропишува основните земјоделски и хигиенски практики. Во него се бара висока заштита на здравјето на потрошувачите, на природата, почвата, водите, биодиверзитетот, како и оптимално користење на ресурсите.

Од ова министерство посочуваат дека со третиот Двогодишен извештај за климатски промени се предвидени десет мерки за ублажување на влијанијата на земјоделството во емисиите на стакленички гасови кои се однесуваат на сточарството, користењето на земјиштето и шумарството.

Мерки се предвидуваат и во Националниот план за енергија и клима до 2030 година, во делот на димензијата на декарбонизација, кои се однесуваат на подобрување на практиките за исхрана на добиток и управување со ѓубриво во фармите, за одгледување добиток и конверзија на земјиштето, како и управување со шумски пожари и пошумување на шумското земјиште. И субвенциите кои ги добиваат земјоделците се условени со примената на добрите земјоделски практики кои се усвоени во 2013 година.

Сите мерки, посочуваат во Министерството, треба да придонесат за исполнување на Националната цел за намалување на емисиите на стакленички гасови за 82 отсто во 2030 година во однос на 1990 година, според која во земјоделството е планирано намалување на емисиите на стакленички гасови за 29 отсто (435 gg CO2-eq).

„Од 2023 година е планирано да се воведат првите шеми на поддршка за поттикнување на обезбедувањето на јавни добра преку земјоделски практики корисни за животната средина и климата, таканаречени еко шеми. Користењето на директните плаќања за еколошките шеми ќе биде доброволно за земјоделците кои превземаат обврски за примена на практики корисни за климата и животната средина“, велат од Министерството за земјоделство и посочуваат дека во новата ИПАРД програма за периодот 2021-2027 година ќе се обезбеди дополнително повисок процент на јавно кофинансирање на инвестициите насочени кон ублажување и прилагодување на климатските промени.

 

Извор: meta.mk

 

Категории: Вести, Слајдер