Попов: Со крафт ракијата Гордион Амбер градиме уникатна приказна од топлината на Гевгелија

Попов: Со крафт ракијата Гордион Амбер градиме уникатна приказна од топлината на Гевгелија

 

Култот на ракијата во Македонија може да создаде нови брендови и производи кои ќе понудат врвен квалитет и препознатливост надвор од границите. Александар Попов има токму таква мисија. Преку Гевгелиска дестилерија да ја претстави премиум крафт ракијата Гордион Амбер. Врвен процес на производство, пет години вложувања во опрема и рецептура, но и развој во еколошка средина запазувајќи ги сите стандарди на одржливост. Приказната на Попов е навистина инспиративна и од дестилеријата од југот се очекуваат многу иновации и уникатен пристап во создавањето нова приказна.

Моја Фарма: Гевгелија периодов е еден од градовите најсилно погоден од корона кризата поради падот на казино туризмот и отвореноста на границата со Грција. Сепак, вие подолго време вложувате во еден различен бизнис, односно производство на „крафт“ ракија. Која визија ја имавте кога го започнавте бизнисот и каде сте денес?

Попов: Идејата за изградба на семејна дестилерија и за производство на „крафт“ ракија со врвен квалитет тлееше во мене подолго време. Благодарение на моето притприемачко искуство, визијата за создавање бренд на ракија од гевгелискиот регион која ќе биде направена по врвни стандарди, почна да станува реалност во 2016 година кога ги купивме првите лозови насади во близина на селата Моин и Ново Којнско. Така започна приказната на Гевгелиска дестилерија. Пет години подоцна, односно во јуни годинава, ги наполнивме и првите шишиња „Гордион амбер“, висококвалитетна ракија која се одликува со мирис на автентично македонско грозје, неодолив префинет вкус и маркантна килибарна боја. Нашата ракија веќе се продава во неколку продавници, специјализирани за алкохолни производи, а е дел и од менито на повеќе ресторани во државата.

ракијата Гордион Амбер

Моја Фарма: Што го издвојува југот и Гевгелија во производството на грозје и ракија. Традиционално се смета лозовата ракија од Тиквешијата за најприфатлива на пазарот, но што имате вие да понудите и дали таа перцепција полека се менува?

Попов: Гевгелискиот регион има долга традиција на одгледување винова лоза и на производство на вино и ракија. Не е тајна дека до пред извесен период, речиси и да немаше домаќинство, кое не произведуваше своја ракија. Поднебјето ги нуди сите услови, со оглед на големиот број сончеви денови и поволната клима за производство на грозје. Затоа сметам дека мора да ги искористиме традицијата и географските услови за да изградиме успешна приказна дека и гевгелискиот регион може да понуди алкохолни пијалаци со врвен квалитет. Факт е дека Тиквешијата е најпрепознатлива по производството на вино и ракија, но доколку на потрошувачите им понудите квалитетен пијалак со оригинален шмек, географското потекло нема да игра пресудна улога.

Моја Фарма: Може ли да ни опишете нешто повеќе за вашите лозови насади, какви видови на грозје одгледувате, вложувате ли во модерни и иновативни техники?

Попов: За производство на Гордион амбер се користат квалитетни и внимателно селектирани сорти грозје од прва класа, кои се одликуваат со здраво зрно, соодветен број шеќерни единици, правилно оформен грозд и без дополнителни примеси. Ракијата се произведува со процес на двојна дестилација на младо вино, по прецизно дефинирана и нијансирана рецептура. Следејќи ги стандардите на врвните производители на ваков тип пијалаци, за производство на Гордион Амбер се користи исклучиво срцевината од дестилатот.

Ракијата се чува во буриња изработени од стогодишно француско дабово дрво што ѝ дава дополнителен луксузен шмек. Процесот на производство е целосно заокружен и строго контролиран од почеток до крај. Едноставно, занимавањето со ваков бизнис не дава простор за импровизации и затоа инвестиравме во современа опрема набавена од европските земји кои се најголеми и најреномирани производители на ваков тип алкохолни пијалаци – Италија и Грција. Нашиот тим е составен од искусни енолози кои создадоа оригинална рецептура по која се произведува нашата ракија.

ракијата Гордион Амбер

Моја Фарма: Се повеќе на вредност добива природата и потребата од заштита на животната средина. Сметате ли дека може да постои одржливост во лозарството и на кој начин вие придонесувате кон тие цели?

Попов: Заштитата на животната средина е на врвот на листата на приоритети во нашата стратегија. „Гевгелиска дестилерија“ ја изградивме во реон кој е еколошки чист и нема големи извори на загадување што за нас беше од огромно значење, бидејќи при производство на пијалоци од ваков тип тоа е исклучително важно. Се разбира, и во наш интерес е да ја зачуваме чиста средината во која работиме. Дополнително, ги мотивираме локалните лозари да одгледуваат висококвалитетни сорти грозје, кои ние ги откупуваме од нив и ги користиме за производство на Гордион амбер. Практичено, развивањето и поддршката на локалната економија и локалните земјоделци е една од основните цели на нашата бизнис стратегија.

Моја Фарма: Дали се зголемува препознатливоста на ракијата на меѓународно ниво на начинот на кој се третира во Македонија и Балканот, што е потребно да се создаде успешна приказна за еден таков бренд и потребна ли ви е соодветна поддршка преку директни или индиректни мерки?

Попов: Не е едноставно да се создаде бренд на ракија која ќе биде препознатлив надвор од Македонија и од Балканот. Сепак, доколку сте доследни и посветени и инвестирате во квалитет, доколку успеете да изградите добра приказна за вашиот бренд, луѓето ќе го конзумираат и ќе уживаат, без разлика дали се вика виски или ракија. Лично сметам дека како држава имаме предуслови да изградиме бренд македонска ракија која ќе биде препознатлив во светот, но за такво нешто е неопходна максимална посветеност и координиран пристап. Се разбира дека државата може да помогне преку поддршка на производителите кои имаат искрени намери и јасна цел и визија без разлика дали преку директни финансиски мерки или пак преку индиректна поддршка за промоција на нашите производи на странските пазари. Како и да е, јас сум оптимист дека имаме знаење, капацитет и услови да произведуваме и да продаваме врвни алкохолни пијалаци.

ракијата Гордион Амбер

Моја Фарма: Кои се вашите планови за следниот период, дали можеби ќе биде лансирање на некој нов алкохолен производ?

Попов: Во моментот сме целосно фокусрани на Гордион амбер. Тоа е нашето прво „чедо“, во чие создавање вложивме повеќе од пет години. Затоа сега посветено работиме на промоција на нашата „крафт“ ракија во државата, но и на странските пазари. Но, не застануваме тука. Нашиот концепт не се темели исклучиво на производство и продажба на ракија. Наскоро на купувачите ќе им понудиме комплетно искуство, кое вклучува дегустација во нашата дестилерија, запознавање со процесот на производство, уживање во прекрасното природно опкружување и еко-просторот на кој е лоцирана Гевгелиска дестилерија. Нашата визија е Гевгелиска дестилерија, покрај производствен капацитет, да стане и едукативен центар за млади дестилери, како и омилено место за „дегустаторски“ туризам во едно од еколошки најчистите места во Европа.

 

Разговараше: Христијан Станоевиќ

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Успешни приказни