Успешен агробизнис во околината на Скопје, Наша Фарма – Семејна фарма со многу љубов

Успешен агробизнис во околината на Скопје, Наша Фарма – Семејна фарма со многу љубов

 

Некој ќе рече дека земјоделството и сите негови пропратни гранки припаѓаат само во некои рурални средини, во села оддалечени од градовите и урбаниот хаос. Трагајќи по успешен агробизнис, патот не однесе токму во приградските населби на Скопје. Ја посетивме „Наша Фарма“ чија местоположба е на само десетина километри оддалеченост од централното градско подрачје.

МФ: Следејќи страници од областа на земјоделството на социјалните мрежи, наидовме и на вашата страница. Активни сте на Фејсбук, имате интересни објави и голема посетеност. Ајде малку околу почетоците на „Наша Фарма“, кога и како започа оваа убава приказна?

– На почетокот, пред околу 8 години, Наша Фарма беше создадена како мала семејна фарма со цел производство на домашни јајца од кокошка за нашето семејство. 

Со текот на годините таа постојано растеше и по број на живина и по квадратура па почнавме да услужуваме и други лица заинтересирани за еколошки јајца и здрава храна. Од дваесетина кокошки сега имаме околу 500 кокошки и 250 пилиња кои секојдневно ги ведеме под квачки и во мал инкубатор. Основната идеја ни беше да произведеме здрава еколошка храна, без никаква хемија. Освен јајца веќе нудиме и козјо сирење како и интегрални брашна. Фармата е веќе препознатлива особено од љубителите на здрава храна, а има и постојани муштерии кој купуваат јајца откога постои фармата. Со јајцата од „Наша фарма„ се снабдуваат околу 250 семејства, а бројот на нови муштерии постојано се зголемува.

 

МФ: Многумина мислат дека земјоделството е само за во оддалечени рурални средини, но вашата фарма се наоѓа токму во една од приградските населби на главниот град. Каде точно се наоѓа „Наша Фарма“ и кажете ни збор-два за клиентите, дали се воглавно од Скопје, дали снабдувате само други бизниси (угостителски објекти) или постои можност и физичко лице да нарача некој од производите, како ви е организирана испораката? Кој е бизнис моделот на „Наша Фарма“ и кон кој пазар сте насочени?

– Ние го имаме наједноставниот бизнис модел. Тоа е почитување на законите на природата, постојано одржување на квалитетот на храната и благосостојбата на животните. Раззеленување на просторот, уживање во едноставните вистински работи. Живеење во баланс на природните закони и современите потреби и работење со љубов и разбирање. Едноставно бидете релаксирани во работата, ништо не работете со лоша мисла и од негативни побуди. Тоа сите околу вас ќе го препознаат и ќе бидете наградени со пријателства, другарувања, позитивни вибрации, пласман на вашите производи и генерален раст на целата прикзна во која искрено живеете. Генерално нашите производи ги пласираме во Скопје, но сме имале и многу странци кои јајцата ги купиле од нашата фарма и ги однеле во нивните далечни држави. Производството и испораката на храната ја правиме ние или пак купувачите доаѓаат да си ја подигнат од нашата фарма која што се наоѓа во зелените предели во околината на Ново Село во Ѓорче Петров, поточно во делот кој порано беа ниви а сега никој не сака да ги работи.

 

МФ: Која е палетата на производи која ја нуди „Наша Фарма“? Видовме дека имате свежи јајца, дали станува збор за јајца од затворени кокошки како во поголемите индустриски капацитети за производство, или сепак јајцата на вашата фарма се од „free range“ кокошки?

– Нашите кокошки уживаат во својот дом. Тие не се репресирани од никого и никогаш. Јадат кога сакаат и колку сакаат. Спијат исто така, играат, носат јајца кога ќе можат и се дружат со другите животинчиња кои ги чуваме. Имаме убав овоштарник па голем дел од овошјето го јадат самите кокошки и петли. На фармата целото семејство работи со голем мерак и елен, бидејќи со живи суштества се работи исклучиво со љубов, почитување и грижа, а најголема радост ни причинува раѓањето на малите пилиња и другите животини мачиња, кутриња, зајчиња кој исто така ги чуваме на фармата.

Наша Фарма е фарма на нашето семејство и на сите оние кои не поддржуваат со тоа што купуваат здрава храна од нас. Голем дел од работата на фармата ја делиме со сопругата Ирена кој полека ја превзема фармата, а децата, Давид и Михаил се задолжени за собирање јајца и исхрана на малите пилиња. Нивните другарчиња се задолжителни гости речиси секој викенд и заедно со нив уживаме во дружењето со природата и со животните.

Фармата е отворена за посета посебно за викенд кога многумина доаѓаат со своите семејства за да бидат малку во природа и да видат како се произведуваат органски јајца.
Особено се радуваат децата кога ќе ги видат животните и начинот на кој функционира фармата. Поради тоа дојдовме до идеја да направиме посебно катче за децата каде ќе можат да бидат фармери на неколку часа, да ги хранат пилиња, да собираат јајца… Едноставно ќе научат од каде и како доаѓа храната, а со тоа и да знаат колкав труд е потребно да се произведе едно јајце. Освен од Скопје имаме гости и од внатрешноста на државата. Пред пандемијата не посетуваа и странци кои се воодушевуваа на природата, зеленилото, вкусовите, мирисите… На луѓето им фали едноставноста и чувството да се ужива во сегашноста, во мигот, овде и сега… Сè некако живееме за утре, за следната година, за идниот одмор, за следниот нов купен автомобил или телефон, компјутер, облека, што мислам дека е сосема погрешно. Затоа на сите им порачувам, посебно на младите лица, да се свртат кон природата и да го искористат она што го нуди нашата држава, совршени услови за органско производство на храна.

Ова не е бизнис кој може да го пораснете за неколку месеца. Морате да ги почитувате законите на природата ако сакате да останете доследни на она што сте го ветиле, а тоа е производство на здрава, еколошки произведена храна. За тоа треба време и откажување од брзи и големи приноси и заработки. Мора да балансирате, но не смеете да бидете несреќни од тоа што го работите. Оние кој сакаат да отворат своја фарма, пред сè мора да ги сакаат природата и животни и да бидат фер и искрени кон сите. На тој начин ќе успеат да создадат не само вистинска храна, туку и задоволни муштерии и вистинска вредност која со задоволство ќе се сервира на домашните трпези на стотици семејства.
Имаме плодна почва во изобилство, која за наша среќа сè уште не е загадена во голем број региони, огромен број на сончеви денови во текот на целата година, многу реки, потоци извори и системите за наводнување кои овозможуваат одлични услови за развој на органско производство. Едноставно сето тоа треба да се искористи и да го зголемиме органското производство кое луѓето го сакаат, а пазарот го бара.
Во иднина планираме да направиме и гостинска куќичка кадешто ќе можат да престојуваат оние кои сакаат да бидат фармери, па ќе им биде овозможено да се грижат за животните, да ги хранат, да ги собираат јајцата и да си зготват нешто со тоа што ќе го соберат и сработат, едноставно, да почувствуваат како се раѓа вистинската храна, како се произведува, колку е таа вредна, и на крај, колку е вкусна. Сакаме да придонесеме да се научи да се цени вистинската храна, колку внимание, труд и време се потребни за таа да се произведе. 

МФ: Дали сметате дека програмите за поддршка на земјоделството од страна на државата се доволни за развој и одржување на концепти на фарма како вашата фарма? Што би им препорачале на креаторите на овие политики?

Што се однесува до програмите за подршка на земјоделците сметам дека тие треба да се попристапни, поедноставни без непотребни обременувања на постапките и без многу посредници помеѓу земјоделците и државните институции. Во иднина ќе нема кој да произведува храна! Никој не сака да биде на милост и немилост на природните непогоди, на институционалните недоречености, на незаинтересираноста на системот за важноста на здравата храна и за земјоделците. Ќе се доведеме во ситуација да купуваме строго само увозна храна додека нашите ниви ќе зјаат празни. Тогаш храната која ќе ја увезуваме ќе биде сигурно со лош квалитет а ние ќе бидеме редовни посетители во болниците. Можеби звучи сурово но така е. Од друга страна пак земјоделците мора да научат сами да ја продаваат својата храна, да се едуцираат и да вмрежуваат со цел да имаат сигурен и посилен настап пред купувачите, а пред сè, пред трговците. Ако најтешкото, да ја произведат храната, го направиле, тогаш треба уште малце да се потрудат и истата да ја продадат по фер цена, без уцени и омаловажување.

Категории: Успешни приказни

Слични Новости