ФАО: Обезбедување рурален развој преку подобар пристап до земјиште за жените од Западен Балкан
Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите Нации (ФАО) и Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во соработка со Меѓународната унија на нотари денеска на онлајн конференција „Родова рамноправност во сопственост и контрола врз земјиште на Западен Балкан: Поглед наназад и поглед нанапред” ги прикажуваат добрите практики и научените лекции од осумгодишната соработка во регионот на Западен Балкан насочена кон обезбедување родова рамноправност во сопственоста и контролата врз земјиштето во државите од регионот.
– Во 2013 година, родово поделените податоците произведени за секоја држава и територија укажуваат на ниски нивоа на сопственост на жените врз земјиште, на некои места дури само три проценти, а не повеќе од 30 проценти во повеќето случаи. Како резултат на заедничките активности во рамките на регионалниот проект за економско зајакнување на жените во соработка на ФАО, ГИЗ и UINL, сопственоста на жените врз земјиштето е значително зголемена. Република Северна Македонија постигна најголем напредок и пораст во однос на стекнувањето имот од страна на жените во регионот на Западен Балкан. Во 2013 година, процентот на регистрации на имот каде жени се сопственици или сосопственици беше 16,63, а во 2019 истиот е зголемен на 27,27 проценти.
Конференцијата „Родова рамноправност во сопственост и контрола врз земјиште на Западен Балкан: Поглед наназад и поглед нанапред“ се осврнува и ја поттикнува свеста за досега постигнатиот напредок. Конкретно, настанот нуди новa перспектива за остварување на регионална соработка, со вклученост на националните чинители и развојните партнери, во насока на остварување на Целите за одржлив развој, вклучително Целта за одржлив развој 5 за постигнување родова рамноправност.
„Иницијативата на Западен Балкан за родова рамноправност кај земјиштето, доведе до посигурни сопственички права кај жените, што ја зголемува нивната отпорност на економски, социјални, еколошки и здравствени предизвици, а придонесува за целокупно јакнење на жените“, истакна Набил Ганги, Заменик регионален претставник на ФАО за Европа и Централна Азија, во своето поздравно обраќање. „Ова беше овозможено со помош на продуктивната соработка помеѓу ФАО, ГИЗ и Меѓународната унија на нотари кои ги здружија силите, искористувајќи ги своите предности и соработувајќи со локалните агенти на промените“.
„Еднаквиот пристап до земјиште е клучен фактор за економскиот успех и јакнење на жените“, истакна Марија Флахсбарт, парламентарна државна секретарка на Федералниот министер за економска соработка и развој, во нејзиниот воведен говор. „Земјите од Западен Балкан го адаптираа своето законодавство и обезбедија стимулации за жените да ја регистрираат сопственоста на земјиштето на нивно име; Организирани беа кампањи за сензибилизација и обука на нотарите и државните службеници во релевантните органи со цел да се олесни спроведувањето на правата на жените. Можеме да бидеме горди на она што го постигнавме заедно. Германското Министерство за развој со задоволство ја продолжува својата поддршка на земјите од Западен Балкан во нивните напори за јакнење на жените и поттикнување на нивните права врз земјиште“.
Гарантирање на еднакви права на жените за сопственост и контрола врз земјиште, исто така, е во корист на економската ефикасност во руралните средини и реализацијата на низа други Цели за одржлив развој, вклучително намалување на сиромаштијата (Цел 1), сигурност на храната (Цел 2) и благосостојба на домаќинствата, заедниците и државите (цели 3, 10, 11 и 16, меѓу другите).
Иницијативата го олесни не само постигнувањето на глобалните цели и Доброволните насоки за одговорно управување со владеењето на земјиштето (VGGT), туку и собирањето на родово поделени податоци за попис и известување за конкретни ЦОР, како и за поддршка на информирано одлучување.
Здружувајќи ги на едно место носителите на одлуки од повеќе области и земјишни агенции, покрај нотарите и другите партнери, онлајн конференцијата ги прикажува перспективите од терен преку презентации од С. Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија за меѓусебна размена на знаење и учење.