Европскиот зелен договор – актуелна тема за иднината на ЕУ

Европскиот зелен договор – актуелна тема за иднината на ЕУ

 

Земјоделството на глобално ниво се справува со многубројни проблеми како суша, невреме, изумирање на инсекти. Истовремено земјоделството придонесува за голем дел за овие проблеми бидејќи ѓубривата завршуваат во подземните води или пестицидите во почвата.

Европскиот зелен договор е без сомнение еден од најголемите и најважни проекти за иднината на ЕУ. Европската комисија има за цел со овој договор да стане предводник во борбата против климатските промени и одржливоста на глобално ниво. Амбициозниот план  треба да донесе многу промени и да опфати повеќе сектори. Целта пред сѐ е да се направат темелни промени во снабдувањето со енергија, земјоделството, сообраќајот и општеството во земјите членки на Унијата. До 2050 година, Европа треба да стане првиот климатски неутрален континент, без производство на нови стакленички гасови во атмосферата.

На 20 мај 2020 година Европската комисија (ЕК) ги претстави долгоочекуваните подетални стратегии поврзани со Европскиот зелен договор – Стратегиjaта „Фарма до вилушка“ и Стратегијата за биодиверзитет. Целта на ЕК е поголема одржливост и оваа цел е предвидено да се оствари преку двете неодамна објавени стратегии за одржлива исхрана и заштита на видовите, кои се клучни за Европскиот зелен договор од аспект на земјоделството. Една од суштинските идеи е дека она што го јадеме мора да биде усогласено и со потребите на природата.

Согласно стратегијата „Фарма до вилушка“, употребата на пестициди во ЕУ треба да се намали за 50 %, а додека употребата на ѓубрива за најмалку 20 %, до 2030 година. Меѓу другото,  предвидено е и намалување на продажбите на антимикробни средства (на пример, антибиотиците употребувани при одгледување на добиток), како и зголемување на земјоделските површини за органско производство за најмалку 25 %.

Стратегијата за биодиверзитет треба да ги заштити пчелите, птиците и други животни од изумирање. За таа цел 30 % од земјишните и водните површини во Европа до 2030 година треба да се стават под заштита. Моментално овие површини достигнуваат 18 % во рамки на европската мрежа Натура 2000. Овие површини може да се користат, но ограничено. Една третина од заштитените површини треба да биде со посебна заштита. Дополнително, стратегијата за биодиверзитет има за цел дефинирање на обврзувачки правила за обнова на загрозените природни површини.

Предвидениот Климатски закон на ЕУ треба климатската неутралност да ја постави како задолжителна. Со ова, Зелениот договор добива конкретна насока и временски план, и покрај тоа што моментално не постои општоприфатена согласност за тоа како треба да се дефинира климатската неутралност.

Според Европската комисија, целите на Зелениот договор се поврзани со актуелните планови за реформирање на Заедничката земјоделска политика (ЗЗП). Планираното спојување на директните плаќања со регулативата за животната средина и воведувањето на еко шемите, Европската комисија ги смета за соодветни инструменти за одржливост на европското земјоделство.

Со цел Зелениот договор да биде одржлив на долг рок, потребен е системски пристап кој ќе опфаќа повеќе аспекти, од трговска политика, дигитална агенда, истражување и иновации, економска и инвестициска политика, па сѐ до индустриска стратегија за чиста и кружна економија. Меѓународната конкурентност на европската економија треба да се зајакне пред сѐ со напредок во зелените технологии.

 

Автор: д-р Викторија Илиева

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.