Една од најважните работи при грижата на овошките за време на зимскиот период претставува заштитата на младите овошки од зајаци. Како доаѓа зимата така и храната почнува да се намалува за сите животни. Зајаците полека од шумските предели се движат на кај селата барајќи алтернативен начин на исхрана кој ќе им помогне да ја поминат зимата.
Таков алтернативен начин претставува исхрана со кората и стеблото на младите дрвја во овоштарникот. Овие животни се појавуваат индивидуално или пак во група, во текот на ноќта, каде што постепено ги лупат долните слоеви од сочната кора и со помош на задните нозе се издигнуваат и можат да достигнат и до 1 метар висина. По оштетувањето на младите дрвја, тие преминуваат и на постарите но тие штети се помали и има поголема веројатност постарите дрвја да преживеат за време на студените зимски денови.
Овие штети се многу типични и скоро не може да бидат погрешно протолкувани. Стеблата на младите дрвја се голи, без кора, полека се сушат и се целосно изложени на атмосферските влијанија. Најголема штета се јавува доколку стеблото се оштети во вид на прстен и тогаш се прекинува ткивото на спроводните садови. Таквите растенија заостануваат во раст и се подложни на многу поголем број на инфекции од страна на почвените патогени при затоплување на времето и доаѓањето на пролетта.
Најголеми штети се причинуваат на јаболчести овошки, па потоа на коскестите овошки, додека пак виновата лоза не е подложна на овие штетници поради тоа што кората содржи танини, им горчи и на тој начин ги одбива животните.
Како мерки за заштита се користат препарати (репеленти) и нивното дејство со текот на времето се намалува. Исто така, се користат и мрежи – огради околу целиот овоштарник, но оваа инвестиција е прескапа доколку имаме овоштарник со поголема површина.
Како наједноставно и најсигурно решение претставува употребата на фасадна мрежа за обвивање на долниот дел од овошките. Мрежата треба да се исече на парчиња со висина од половина метар а ширина во зависност од дијаметарот на дрвото и се прицврстува со помош на хефталица. Со должина од 50 метри можат да се обвиткаат дури 600 садници.
Извор: https://www.agroklub.rs/