Оптимизација на синџирот за снабдување со храна како еден од начините за намалување на емисиjaта на стакленички гасови

Оптимизација на синџирот за снабдување со храна како еден од начините за  намалување на емисиjaта на стакленички гасови

 

Под поимот емисија на стакленички гасови од земјоделството се подразбира емисијата на различни гасови во атмосферата како резултат на земјоделските активности. Зголемената концентрација на овие гасови предизвикува заробување на топлина во атмосферата што доведува до ефектот на стаклена градина и допринесува за глобалните климатски промени. Основните стакленички гасови емитирани од земјоделството се јаглеродниот диоксид (CO2), метанот (CH4), азотниот оксид (N2O) и други гасови во трагови како што на пример е амонијакот (NH3).

Според Европската агенција за животна средина (EEA) емисиите на метан од процесите на ентерична ферментација (ферментација на органската материја која се случува во дигестивниот систем на добитокот) и емисиите на азотен оксид од почвата заземаат над 80% од вкупно емитираните стакленички гасови од земјоделството. Метанот кој се генерира од управувањето со изметот е трет по значење извор на емисија и истиот учествува со приближно 10%.  Останатите извори на емисија на стакленички гасови имаат релативно мал придонес и истите учествуваат со помалку од 10% во вкупно емитираните стакленички гасови од земјоделството.

 

стакленички гасови

Емисии на стакленички гасови од земјоделството во ЕУ и проекција на емисиите Извор: Европска агенција за животна средина (ЕАА)

 

Помеѓу 2005. и 2021. година се забележува тренд на опаѓање на емисијата на стакленички гасови од земјотелството од 5% во 2021 година и проекциите на земјите членки укажуваат на 2% пад на емисијата на стакленичките гасови од земјоделството до 2030 година споредено со количините емитирани во 2005 година. Доколку се имплементираат предвидените мерки на земјите членки истите би придонеле за намалување на количините на емитирани стакленички гасови од земјоделскиот сектор од 6%.

Европскиот Зелен Договор (European Green Deal) ја дефинира тенденцијата на Европската Унија за транзиција кон климатски неутрална економија до 2050 година и покрај земјоделството, вклучува придонес од сите останати економски сектори. Европскиот закон за клима кој е донесен во 2021 година ја трансформира стратегијата за климатска неутралност во законска обврска според која предвидува намалување на емисиите на стакленички гасови за најмалку 55% до 2030 година. Емисиите на стакленички гасови од земјоделството се дел од одлуката за поделба на трудот на Европската Унија (EU Effort Sharing Decision – EDS) и регулативата за поделба на трудот (EU Effort Sharing Regulation ESR) од каде што произлегуваат годишни таргети за сите земји членки во периодот од 2013-2020 година и периодот од 2021-2030 година. Емисиите од транспортот, градежништвото и управувањето со отпад исто така се дел од овие стратегии и предвидуваат колективно намалување на емисиите на стакленички гасови од овие сектори од приближно 10% до 2020 година и 30% до 2030 година споредени со 2005 година.

Според тоа што една третина од произведената храна во Европската Унија завршува како отпад оптимизацијата на системите за снабдување со храна е повеќе од неопходна. Ова подразбира имплементација на иновативни решенија со кои ќе се намали вишокот произведена храна, а со тоа ќе резултира со намалување на емисијата на стакленички гасови од земјоделскиот сектор.

Еден од проектите кои е поврзан со оваа проблематика е проектот Плутос кој е дел од Европската инцијатива за истражување и развој Хоризонт 2020. Во склоп на овој проект се поставени 11 иновативни  пилоти чија што цел е имплементација на иновативни и одржливи решенија решенија кои во голема мера допринесуваат за оптимизација на синџирот за снабдување со храна.

11-те пилоти опфаќаат голем опсег на земјоделско-прехранбени екосистеми низ 13 земји:

  1. Поддршка на синџирот на вредности на замрзнато овошје со мали земјоделци, за оптимизирање на производството, намалување на стапката на негативни ефекти врз животната средина и искористување на податоците за сертификација и субвенции – Грција.
  2. Подобри договори во синџирот на храна за унапредување на производството на тврда пченица – Италија.
  3. Овластување на потрошувачите со враќање на нивна контрола врз храната и создавање здрави, одржливи и фер производи за трговија – Франција и Грција.
  4. Решенија за следливост што го опфаќаат синџирот на вредности на оранжериите за хортикултура со цел подобрување на работењето, перформансите, одржливоста и препознавањето на брендот – Шпанија.
  5. Паметно земјоделство на рурални фарми, претставувајќи ги бенефитите во пошироката земјоделско-прехранбена заедница и ко-креирајќи нови прехранбени производи и услуги – Ирска.
  6. Примена на пристап за пасош на почва, на задоволство на земјопоседниците/корисниците и прецизно земјоделско решение за унапредување на здравјето на почвата и одржливоста – Словенија.
  7. Поддршка на производителите на вино во искористување на промените во регулативите за етикетирање и подобрување на нивните перформанси за одржливост – Кипар.
  8. Земјоделство со јаглерод: компензација на земјоделците за климатско управување со почвата – Холандија.
  9. Олеснување на трансферот на вишок храна од фармите до социјално загрозените групи, со усогласување на логистиката и процесите со помош на дигитална ПЛАТФОРМА за споделување на вишоците од храна во форма на донации – Србија и Македонија.
  10. Зголемување на одржливоста во секторот на лозови насади со воведување плаќања за обезбедување на екосистемски услуги и параметарско осигурување за поддршка на загубите од одржливите пристапи – Италија.
  11. Подобрување на одржливоста на Балеарските земјоделско-прехранбените синџири со паметно земјоделство и со користење на собраните информации за организирање на активности во агро-туризмот – Балеарски Острови, Шпанија.

 

Автор: Илија Поп Стефанија

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.