АХВ: Во третиот квартал уништени над 95 тони небезбедна храна

АХВ: Во третиот квартал уништени над 95 тони небезбедна храна

 

Повеќе од 95 тони небезбедна храна уништија инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и операторите за храна од јули до септември во рамки на спроведените 11 270 инспекциски контроли.

Најголемиот дел небезбедна храна, односно 79 064 килограми се уништени од страна на инспекторите за храна и официјалните ветеринари, додека самите оператори со храна, согласно имплементираните HACCP планови, како небезбедни поништиле  13 073 килограми небезбедна храна од животинско и од неживотинско потекло.

За утврдените недоследности со спроведените 7 393 редовни, 915 контролни и 2 962 вонредни контроли во третиот квартал од годинава, донесени се 1012 решенија за наредени мерки за отстранување на утврдените недоследности. Донесени се 448 мерки едукација, поднесени се 14 прекршочни и 3 кривични пријави за оператори со храна.

Во третиот квартал од годинава нема забранети ниту уништени небезбедни увозни пратки со храна од неживотинско потекло. Како небезбедни, официјалните ветеринари забраните увоз во земјава на две пратки со храна од животинско потекло  со вкупна количина од 39 520 килограми, а уништена е само една пратка со вкупна тежина од 234 килограми. Во периодот јули – септември, нема забранети ниту уништени пратки со производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храната.

За извоз на храна од животинско потекло во истиот временски период официјалните ветеринари издале 715 сертификати, а за извоз на храна од неживотинско потекло, инспекторите за храна издале 562 сертификати.

 

Категории: Вести