Анализа: Едноставни процедури и електронски систем за брзо пријавување на сезонци во земјоделството

Анализа: Едноставни процедури и електронски систем за брзо пријавување на сезонци во земјоделството

 

Непријавениот сезонски труд во земјоделството може лесно да се реши со воведување на електронски систем и едукација на земјоделците. Ако 20 илјади работници се во ризик секоја година, тогаш се потешки се и условите за малите земјоделски фирми и поединци да ангажираат сезонска работна сила. Ризикот од неформалната економија може да се надмине со реформи на законите и промена на решенија кои во повеќе земји дале конкретни резултати. За неопходните реформи анализираме со Кристијан Трајковски од Центарот за истражување и креирање политики.

МојаФарма: Зошто е важно да се регулира непријавениот труд во земјоделството и што ќе значи плаќањето на придонеси за сезонските ангажмани?

Трајковски: Во земјите од Европската Унија и регионот веќе се применуваат различни модели за ангажирање работници за кратки работни ангажмани, вклучително и оние кои се од сезонски карактер. Треба да се напомне дека овие модели немаат за цел да ги заменат стандардните облици на вработување, туку позитивно да се одразат врз намалување на неформалното ангажирање работници, како и врз животниот стандард на определени категории лица кои на овој начин се стекнуваат со можност во рамки на формалната економија да остварат дополнителен приход со кој ќе ги задоволат своите потреби за живот. Воведувањето можност за пријавување на работниот ангажман кој нема да подразбира вработување има цел да ја намали практиката на нерегистрирано ангажирање работници, при што ќе овозможи подмирување на дел од придонесите за работниците, како и плаќање на персонален данок кон државата. Од друга страна, се намалува административниот товар којшто го имаат работодавачите при ангажирање на работници за краток временски период. Работодавачите може да управуваат со потребите за човечки ресурси на флексибилен начин, имајќи го предвид нестабилниот карактер на нивната работа, како што тоа е случај со секторот на дејност земјоделство.

МојаФарма: Кои решенија се потребни за регулирање на непријавениот сезонски труд во земјоделството?

Трајковски: Постојното законодавство не е доволно флексибилно. Правната рамка е применлива само за големите работодавачи и претпријатијата и веројатно во услови на стабилен сезонски пазар на труд не би имало поголеми проблеми. Сепак, во моментов придобивките кои се пропишани со Законот за работните односи не претставуваат доволен поттик за помалите работодавачи формално да ги вработат сезонските работници кои ги ангажираат. Генерално и оние работници кои вршат сезонска работа и се пријавени од страна на претпријатија имаат засновано работен однос кој е регистриран како вработување на определено време, а не како сезонско вработување. Неопходно е воведување нов и флексибилен систем за ангажирање сезонски работници кој ќе одговори на потребите на работниците и работодавачите. Моделот би овозможил проширување на категоријата работници која може да биде формално ангажирана за вршењето на сезонската работа. Потребно е одвојување на  сезонскиот ангажман од работниот однос бидејќи многу често и работникот и работодавачот немаат интерес за таков однос, онака како што се подразбира според Законот за работните односи. На тој начин ќе се создаде формална можност за дополнителен ангажман за повеќе категории работници кои во суштина постојано вршат сезонска работа во земјоделството, но во рамките на неформалната економија (работоспособни пензионери, студенти, ученици над 15 години, вработени лица, лица со инвалидитет, приматели на семејна пензија, приматели на социјална пензија, како и лица кои имаат одредени придобивки по основ на невработеност).

МојаФарма: Кои се вашите препораки за подобрување на регулативата и олеснување на процесот на пријавување на сезонските работници во земјоделството?

Трајковски: Имајќи ги предвид позитивните споредбени искуства со другите земји и наодите од спроведените истражувања се препорачува воведување електронски систем за пријава и одјава на сезонските работници. Електронскиот систем во суштина е интуитивен и лесен за употреба. Работодавачот е потребно да ги внесе ЕМБГ на работникот за да го пријави, датумот на ангажирање, висината на дневницата, работните часови и смената во која работникот ќе ја работи. Со тоа ангажманот се евидентира кај надлежните институции и работата може да се спроведе. Дополнително, се забележува потреба од регистар на сезонски работници кој ќе ја поврзува понудата и побарувачката на сезонскиот пазар на труд во земјоделството. Со користење на системот, регистарот ќе се „потхранува“ со нови податоци, што ќе придонесе за негов раст и поширока примена. Во суштина, станува збор за поедноставување на постапката за ангажирање сезонски работници по принципите на ваучер системот, со тоа што целата постапка е дигитализирана и од работодавачот ќе биде потребно во електронскиот систем да ги внесе основните податоци за работникот без тоа да му одзема многу време и без да се информира детално за статусот на работникот бидејќи станува збор за дневен ангажман. Двете страни не е потребно да потпишат договор, бидејќи самиот систем ќе генерира потврда за завршената работа.

Реформата на системот за пријавување на сезонските работници се очекува дека значително ќе придонесе кон формализација на сезонската работа во земјоделството што е во согласност со стратешките заложби на државата за формализирање на неформалната економија. Законските измени за поголема флексибилност на пазарот на труд во комбинација со воведување електронски систем за регистрација на сезонски работници како нов модел за плаќање на сезонскиот труд на дневна основа е соодветно решение за надминување на проблемот кој го образложивме.

МојаФарма: Дали самата реформа ќе значи и унапредување на базите на податоци, што треба да се преземе?

Трајковски: Секако, идејата е електронскиот систем и обрасците за пријава да се унифицираат и да бидат во согласност со идните реформи кои ќе ги спроведува државата, пред сѐ за да се овозможи тековно вмрежување на базите на податоци меѓу надлежните институции. Тоа ќе значи создавање услови за дигитализирање и подобра контрола од страна на надлежните инспекциски органи на терен, а државата ќе има евиденција за регистрираните сезонски ангажмани и врз основ на релевантни податоци за сезонскиот пазар на труд и состојбите во земјоделството да носи подобри јавни политики.

Работата на Агенцијата за вработување на РСМ во следните неколку години ќе биде предмет на опсежна реформа. Надлежностите кои се однесуваат на вршење пријава и одјава во задолжителното социјално осигурување по основ на работен однос ќе бидат префрлени во надлежност на правниот субјект кој ќе управува со Единствениот регистар за социјални осигуреници. Пријавата и одјавата од работен однос, согласно планираните реформи ќе се врши токму преку системот на овој регистар, заради што ќе се направи прилагодување на обрасците за пријава и ќе се надградат со дополнителни податоци кои ќе бидат побарани од работодавачот, односно податоци кои се релевантни за останатите надлежни институции, а идејата е тие да се приберат со еден чекор. Оваа планирана реформа ќе биде од големо значење, а до нејзиното спроведување се препорачува воведувањето нов електронски систем за пријавување сезонски работен ангажман сѐ до моментот во кој ќе се воведе Единствениот регистар, надлежноста за негово управување да ја има Агенцијата за вработување. Оваа надлежност во суштина ќе претставува своевидно преодно решение сѐ до конечно преземање од страна на субјектот кој ќе го води регистарот за социјални осигуреници. Заради тоа неопходно е при обликување на реформата на системот за ангажирање сезонски работници да бидат вклучени сите надлежни институции за системот да се постави на здрави основи и да ги постигне посакуваните резултати.

МојаФарма: Како ќе оди процесот на законски измени, дали досега институциите покажаа желба за ваков вид на реформи?

Трајковски: Надлежните јавни институции покажуваат желба за спроведување реформа и воведување поедноставен модел за ангажирање работници во повеќе дејности, вклучително и земјоделството, бидејќи тие заложби се во согласност со Стратегијата за формализирање на неформалната економија во Република Македонија, 2018-2022 (Стратешка цел 3 – Стимулирање и поддршка на формализацијата на неформалните економски активности). Во идниот период ЦИКП ќе испитува кој е најсоодветниот начин за спроведување на реформата и во кој облик е најдобро во согласност со потребите да се изведе законското решение за примена на електронскиот модел – дали како посебно, односно ново законско решение или прашањата да се уредат во рамките на Законот за работните односи, подзаконските акти итн.

МојаФарма: Дали за самото спроведување на реформите ќе биде потребна и сеопфатна кампања и едукација на земјоделците?

Трајковски: Сеопфатна кампања за подигнување на свеста и едукација на земјоделците и сезонските работници несомнено ќе биде потребна за доследно спроведување на донесените политики во практика. Надлежните институции во соработка со невладините организации преку ваков вид активности можат да го олеснат целиот процес на прилагодување и промена на навиките кај целните групи. Имено, ЦИКП врз основ на претходните искуства има капацитет во целиот процес да придонесе кон информирање и консултирање на засегнатите чинители, а подоцна и кон едукација за соодветна примена на новите решенија и модели. Доколку реформата опфати примена на препорачаниот флексибилен модел за пријавување сезонски работници со користење на електронски систем, ќе бидат потребни и обуки за негова примена, затоа што мора да биде земено предвид дека просечниот македонски земјоделец има ограничени дигитални вештини и може да се соочи со тешкотија и избегнување на примена на електронскиот систем. Посетите и обуките на регионално ниво треба да бидат сфатени во нивната поширока смисла и да бидат искористени за подигнување на свеста кај работниците и работодавачите за придобивките од пријавување на секој работен ангажман, како и придобивките за целото општество и економијата од намалувањето на непријавената работа во државата. Кампањата ќе треба да опфати и промовирање на чесните деловни практики и почитување на пропишаните правила и прописи.

Х.С.

 

Категории: Интервјуа

Слични Новости