Во нашата традиција, постот е период на духовно и телесно прочистување на телото. За време на постот од исхраната ги исклучуваме од употреба месото, млекото и млечните производи, јајцата и рибата.
Зголеменото внесување на зеленчук и овошје позитивно влијаат врз целиот организам, ни помагаат во елиминирање на токсините, во намалување на нивото на лошиот холестерол, ја олеснуваат активноста на дигестивниот и кардиоваскуларниот систем. Постот има имуностимулирачки ефект, го подобрува спиењето, активноста на сетилата и ја подобрува меморијата.
Сепак, за да не се наруши рамнотежата на организмот, потребна е сооодветна замена на протеините од животинско потекло со витамини, протеини и јаглехидрати од растително потекло.
Најдобра замена се мешунките (на пр. грав, грашок, леќа), бидејќи содржат најмногу протеини. Како замена може да се користат лебот, оризот, пченицата, сојата, печурките, наутот, авокадото, семките од тиква и сончоглед. Освен со протеини, кикириките, оревите, бадемите, лешниците се богати со омега масти и витамин Е.
Користете житни култури во цело зрно кои содржат многу минерали и витамини од групата Б. Вклучете ја во Вашето секојдневие и храната што содржи витамин Ц, бидејќи овој витамин ја подобрува апсорпцијата на железо, кое го има во грашокот, карфиолот, зелката, пиперките, кромидот, копривата, цвеклото и јаболката.
Во продолжение Ви препорачуваме неколку здрави комбинации како инспирација за овие два последни дена од Велигденскиот пост.
Смути со бадемово млеко, чиа семе, банана и малини
Бадемовото млеко има витамин Е, моќен антиоксидант кој има улога во спречувањето на предвременото стареење. Една чаша бадемово млеко во просек содржи 60 калории, 1 g протеини, 1 g растителни влакна, 200 mg калциум, 180 mg калиум.
Чиа семето е богато со Омега 3 масни киселини, протеини и влакна. Чиа семето е одлично за регенерација на кожата, но и за согорување на мастите и позитивно влијае на органите за варење.
Бананата е полна со калиум, растителни влакна, природни шеќери и антиоксиданси, што помага за енергизирање на организмот и придонесува за рамнотежа на шеќерот во крвта. 100g банана содржат 89 калории, 1,09 g протеини, 0,33 g маснотии и 22,84 g јаглехидрати.
Малините се богати со влакна, антиоксиданси и витамини Ц и К. Една порција малини задоволува половина од дневните потреби за витаминот Ц, што ја стимулира работата на имунолошкиот систем, важни се за здрава кожа и неопходни се за формирање на колаген. Малините се меѓу плодовите со најмалку шеќер, а нивната конзумација според некои истржувања ја намалува количината на инсулин која е потребна за одржување на нивото на шеќер во крвта во дозволени граници. Затоа се препорачуваат за превенција од дијабетис.
Таан и мед
Таанот, намирница од сусамово семе, е богат извор на калциум, железо, магнезиум, манган, селен и бакар и фитостероли, витамини од групата Б, сезамин (состојка која го штити црниот дроб). Една лажица таан содржи 3,2 g јаглехидрати и 2,6 g протеини.
Медот има 37 минерални материи, витамини B1, B2, B3, B6, B12, C, A, K, E, фолна киселина, органска киселина, ароматични материи, поленови зрна, билни антибиотици и уште многу други супстанци. Медот делува како антиоксиданс, против воспаленија, има антибактериско дејство. Една супена лажица мед, или околу 21 g, содржи 64 калории и 17 g шеќер.
Урми и црно чоколадо
Урмите се добар извор на разновидни витамини и минерали, како и енергија, шеќер и влакна. Исто така, содржат калциум, железо, фосфор, калиум, магнезиум и цинк. Тие помагаат во варењето на храната, го намалуваат холестеролот, го подобруваат здравјето на коските, го зајакнуваат нервниот систем и ја разубавуваат кожата.
Црното чоколадо содржи голем број витамини и минерали, како што се бакар, магнезиум, калциум, калиум и железо. Во 100 g црно чоколадо со 70 % какао има околу 570 калории, 9 g протеин, 33 g јаглехидрати, 42 g масти и дури 12 g влакна.
Автор: Александра Силјановска
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.