Заев го означи стартот на манифестацијата „Преспански Јаболкобер 2021”

Заев го означи стартот на манифестацијата „Преспански Јаболкобер 2021”

 

Премиерот Зоран Заев денеска во Ресен го означи стартот на манифестацијата „Преспански Јаболкобер 2021” со што започна годинешната берба на јаболката во Преспа.

„Владата и Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство ги креираат сите неопходни политики за поддршка на земјоделството, па така и за стимулирање и развој на овоштарството. Тоа го правиме во континуитет во двата мандати на оваа Влада. Во 2018 година, за 20 отсто ги зголемивме субвенциите за одржување на овошни насади за земјоделците со развоен капацитет, а субвенцијата за предадени јаболка се зголеми од 2 на 3 денари по килограм“, истакна Заев.

„Оваа Влада нема да ги остави земјоделците и овоштарите и секогаш ќе биде во дослух со нивните потреби и реални очекувања. Ние знаеме да го цениме и вреднуваме нивниот труд и придонес за нашата економија. Затоа носиме одлуки кои секогаш ќе бидат на страната на земјоделците и овоштарите“, потенцираше премиерот.

Посочи дека оваа година и покрај корона кризата и глобалната економска криза, државата ги исплати субвенциите за овоштарство во износ од околу 9,5 милиони евра, а реализацијата на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2021 година бележи висок степен на реализација од почетокот на годината.

„Оваа година, стартуваше проектот со Светска Банка – Проектот за модернизација на земјоделството, кој е со вкупна вредност од 46 милиони евра и содржи огромна развојна компонента за земјоделството, со сериозен позитивен импакт врз вкупната домашна економија“, нагласи Заев.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа истакна дека Министерството и Владата континуирано го поддржуваат овоштарството, и како една од мерките, покрај зголемените субвенции, се и картичките за зелена нафта.

„Конкретно во Ресен се доставени околу 2.000 картички. Дополнителни придобивки овоштарите имаат и од воведувањето на мерките за мотивација на младите земјоделци и руралните жени, а од особено значење е и усогласувањето на нашата правна регулатива со европската. Конкретно во делот на здравје на растенијата, што подразбира и намалена употреба на агрохемиските средства односно помалку пестициди, токму Ресен е пример на успешна интегрална заштита на јаболка и се помала употреба на производите за заштита на растенија, која во последните 10 години е намалена за 30%“, рече Хоџа.

 

Категории: Вести