Земјоделскиот институт при УКИМ со активности на Проектот ‘’Создавање погодна средина за подобрена отпорност на земјоделството на климатските промени’’ на ФАО

Земјоделскиот институт при УКИМ со активности на Проектот ‘’Создавање погодна средина за подобрена отпорност на земјоделството на климатските промени’’ на ФАО

 

Земјоделскиот институт при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје започна да спроведува активности за поддршка на регионален проект од Програмата за техничка соработка на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО), насловен ‘’Создавање погодна средина за подобрена отпорност на земјоделството на климатските промени’’ .

Целта на проектните активности е мултипликација на семенски материјал на демонстративни опити од грав, пиперка и есенски јачмен кои ќе бидат поставени на две локации (региони). Опитите од грав ќе се спроведуваат во Кочани, опитите со пиперка ќе бидат поставени во Скопскиот регион и Кочани, а есенскиот јачмен во Велешкиот регион и Кочани. Со демонстративните опити ќе се оцени влијанието на климатските промени врз производството во различни услови, како и ефектите од примената на различни агротехнички мерки за зголемување на отпорноста на одгледуваните видови кон климатските промени. Во текот на вегетацијата ќе бидат применети различни практики и агротехнички мерки соодветни за секоја култура, со посебно внимание на заштитата и исхраната на овие култури, како важни предуслови за успешно земјоделско производство. Крајната цел на овие активности е добивање на квалитетен семенски материјал, што понатаму ќе биде достапен за дистрибуција на заинтересирани земјоделци.

Негативните влијанија на климатските промени претставуваат најголема закана за земјоделското производство, а предизвиците со кои се соочуваат земјоделците од година во година се се’ посериозни. Затоа, од особена важност е да се подобрат сознанијата на земјоделците и производителите за ризиците и проблемите кои ги очекуваат, како и можните решенија за нивно надминување преку преземање на конкретни мерки и активности во производството. За да им се помогне на земјоделците да ги прилагодат начините на производство, како и да обезбедат оптимални приноси и квалитетен семенски материјал, во рамките на проектот, ФАО и Земјоделскиот институт во Скопје ќе организираат серија на практични обуки за заинтересираните земјоделци на неколку важни теми, вклучително: „Производство на семе од пиперка, грав и јачмен“, „Предуслови за раст на културите и избор на сорти“, „Примена и евалуација на мерките за интегрална заштита од  штетници“, „Влијание на климатските промени врз приносот и квалитетот на пиперот, гравот и јачменот“, како и “Ефективни агротехнички мерки за зголемена отпорност на абиотски стресови”.

За дополнителни информации, може да се обратите на e-mail: info@zeminst.edu.mk

 

Категории: Вести