Земјоделството зазеленува – нови биоѓубрива за поодржливо земјоделство

Земјоделството зазеленува – нови биоѓубрива за поодржливо земјоделство

 

Европската Унија ги реформираше своите правила за ѓубрива, кои до сега, скоро исклучиво, беа произведувани од рудни (минерални) суровини или хемиски произведени материјали. Со најавата за влез на новите органски ѓубрива на пазарот на ЕУ во 2022 година, истражувачите тестираат иновативни био-базирани решенија за зајакнување на циркуларната економија.

 

Во текот на последните два века, светската популација се зголеми од една милијарда на денешните 7,7 милијарди жители. Како што популацијата постојано се зголемува, така се зголемува и побарувачката на храна. Затоа, земјоделството треба да стане попродуктивно и поотпорно на климатските шокови, истовремено намалувајќи го отпадот и зависноста од необновливи ресурси.

Трендот „да се стане зелен“ се зголемува, и секојдневно сè повеќе земјоделци одлучуваат да користат био-ѓубрива. Лора и Гиљермо се пример за тоа. Тие управуваат со повеќевековна семејна маслинова градина во Толедо, Шпанија, каде што прроизведуваат екстра девствено маслиново масло. Кога решиле да се грижат за семејниот бизнис и да го започнат проектот „Аирес“, тоа го сториле под еден услов: органско земјоделство!

„Бевме убедени дека работите можат да се прават поинаку“, вели Гиљермо. „Почвата го одржува животот, а ставањето хербицид во неа е тотална деструкција. Го намалува квалитетот на почвата, но и го потиснува животот општо. За жал, голата почва брзо еродира, нема систем за обновување на хранливите материи, ниту пак природен метод за контрола од болести”, додава тој. „Кога додавате хемикалии во почвата, се повеќе зависите од нив, и како пропратен ефект, на крајот ја загадувате околината“.

За да им овозможат оптимален раст на растенијата, тие вршат прихрана со арско ѓубриво, главно од овци, но исто така употребуваат и кокошкино, јагнешко па дури и од телиња. „Ние исто така ги прихрануваме растенијата преку лисјата, познато како фолијарно хранење, користејќи аминокиселини, алги, фолна киселина и калиум“, објаснува Гиљермо. „За лекување на дамкавост на маслиновиот лист, габа што се развива на листот од маслиновото дрво, нанесуваме мешавина што содржи пет проценти бакар“, додава тој. За Лора и Гиљермо, органското земјоделство е единствената одржлива форма, како за екосистемот, така и за растенијата, за да се придвижи нивното производство напред.

Традиционалните ѓубрива се извлекуваат од рудници или се произведуваат хемиски и се поврзани со еколошки и здравствени предизвици. Уште повеќе е интересен фактот што „ЕУ силно зависи од необновливи надворешни ресурси, како што се природен гас, фосфатни карпи и калиумова руда, за снабдување со клучни ѓубрива што се користат во земјоделството“, вели Хавиер Брањас, директор за истражување и развој во „Групо Фертибериа“ и координатор на проектот B-Ferst.

Фактори како што се наглото зголемување на бројот на органски фарми, зголемувањето на свеста за потребата од одржливост во современото земјоделство и зголемениот број иницијативи од страна на владините агенции го поттикнуваат растот на пазарот на био-ѓубрива и прават сè повеќе земјоделци да се свртат кон овој избор.

Имајќи ја предвид оваа цел, европскиот проект B-Ferst има за цел да ги замени необновливите суровини и суровините кои бараат голема потрошувачка на енергија при ископ со повторно искористен био-отпад, со што ќе го зазелени земјоделскиот сектор и ќе создаде кружен синџир на вредности. „Ова ќе гарантира затворање на кругот на хранливи материи во земјоделството и ќе придонесе за намалување на влијанието врз животната средина поврзано со акумулацијата на био-отпад и лошите практики во неговото управување“, вели Брањас. „Со тоа проблемот ќе се претвори во економска можност со создавање вистински внатрешен пазар за био-базирани секундарни суровини во ЕУ“, додава тој.

B-Ferst зелени политики

Фото: B-Ferst

Како за пример, производството на една од клучните суровини за традиционалните вештачки ѓубрива, амонијак (NH3) или азот оксид (NOx), е многу енергетски интензивен процес кој придонесува за околу 2% од вкупните глобални емисии на СО2.

Истражувачите сакаат да заменат помеѓу 15% и 40% од вообичаените суровини со био-отпад. Проектот го валидира процесот за враќање на хранливите материи во био-отпадот и се фокусира на производство на осум нови напредни био-базирани ѓубрива. Овие ѓубрива, исто така, содржат растителни био-стимуланси со микробни и немикробни адитиви, за подобрување на растот на земјоделските култури и биоразградлива обвивка која не произведува нечистотии во почвата, ниту пак ја загадува водата. „Оваа комбинација со цврсти био-базирани ѓубрива е навистина иновативна“, вели Бањас.

Конзорциумот тврди дека ова ќе предизвика 10% намалување на јаглеродниот отпечаток, намалување на потрошувачката на вода и енергија и во просек до 10% подобрување на родот. За тестирање на био-ѓубривата, конзорциумот ќе постави демо пилот проекти во различни географски области, вклучувајќи ги Шпанија, Италија, Франција, Полска и Украина. „Изборот на пет локации за тестовите за валидација гарантира покривање на сите релевантни европски агро-климатски зони“, објаснува Брањас.

Покрај потрагата по нови извори на суровини, друга активност во рамки на проектот е да се подобрат односите помеѓу земјоделскиот сектор и био-базираните индустрии и да се направат овие нови ѓубрива достапни на пазарот на секоја земја-членка на ЕУ.

За повеќето земјоделски инпути, регулативата често доцни и не е доволно агилна за да се прилагоди на континуирани иновативни производи. Затоа, Европската унија неодамна мораше да го реформира законодавството поврзано со органски ѓубрива и други инпути базирани на био-отпад.

Претходната регулатива за ѓубрива обезбедуваше слободно движење на традиционалните ѓубрива направени од рудни или синтетички суровини. Како резултат, оние ѓубрива произведени од органски материјали (како што се нуспроизводи од животинско потекло или други земјоделски нуспроизводи) или рециклиран био-отпад може да останат само во земјата каде што се произведени. Ова ги попречуваше иновациите и инвестициите во циркуларната економија.

Новите правила, објавени во јуни 2019 година, ќе се применуваат во целост од 16 јули 2022 година. „Органските ѓубрива сега добија пристап до ознаката CE, што им овозможува да се продаваат во сите земји-членки на ЕУ“ , објаснува Даниел Траон од компанијата Аркадиа, дел од конзорциумот на проектот B-Ferst, која се занимава со регулаторните прашања.

Ваквите проекти ќе му помогнат на земјоделскиот сектор да се приближи кон остварување на целта поставена од Европската комисија: 30% намалување на необновливите извори при производството на ѓубрива.

 

Извор: www.youris.com

 

Категории: Вести