Интервју Пешков: Целото семејство заеднички работи на создавање врвно органско вино со нашето квалитетно грозје

Интервју Пешков: Целото семејство заеднички работи на создавање врвно органско вино со нашето квалитетно грозје

Семејната винарија Пешков е одличен пример за мал бизнис во лозарството и производството на уникатно органско вино. За да се стигне до вино кое има додадена вредност биле потребни три години на трансформација од конвенционално во органско одгледување на грозје. Во винаријата се ангажирани сите членови на семејството, а ние разговаравме со младиот Петре Пешков кој е енолог и со произведените вина има освоено бројни награди. Тој вели дека полека се менуваат и навиките на потрошувачите кои препознаваат квалитет не само во виното туку и во одржливоста на органското производство и влијанието врз природата и секако благосостојбата на сите. Винаријата Пешков исто така е посветена на враќање кон природата и старите начини на одгледување на грозје и се надева дека со соодветна поддршка и промоција ќе може да го зголеми асортиманот на органски вина од повеќе сорти.

Разговараше: Христијан Станоевиќ

Моја Фарма: Како стигнавте до моментот да располагате со првото сертифицирано бело вино во Македонија. Може ли да ни го објасните процесот на трансформација од конвенционално кон органско производство на вино?

Пешков: Сите ние секојдневно сме сведоци на се поголемата употреба на хемикалии, односно адитиви, конзерванси, вештачки бои, синтетички ѓубрива и слично, кои привидно го подобруваат квалитетот на производите, а всушност предизвикуваат огромна штета за целиот жив свет. Конвенционалниот начин на производство во земјоделието вклучува примена на вештачки ѓубрива и пестициди кои се многу штетни, како за почвата, така и за микроорганизмите и за целиот екосистем. Почвата се осиромашува од хранливите материи и микроорганизми кои веќе се присутни во неа и кои се основен предуслов за производство на квалитетна храна. Со уништувањето на микроорганизмите кои се многу битни за целиот циклус на рамнотежа помеѓу основните елементи кои се присутни во почвата до нивна трансформација во неопходните форми за правилно функционирање на растителниот свет, всушност сами го уништуваме она што природата веќе ни го обезбедила и сами стануваме понатаму зависни од примена на вештачки добиени ѓубрива и пестициди за производство на храна. Органскиот начин на производство со примена на природни ѓубрива при одгледување на лозјето во конкретниов случај, всушност ја враќа природата во рамнотежа. Во периодот на трансформација од конвенционален на органски кој трае 3 години во природата ние го враќаме присуството на хранливи материи и микроорганизми во почвата и ѝ овозможуваме на истата на природен начин да функционира и да ја поврати својата биорамнотежа. На овој начин, со совесно размислување и делување, придонесуваме кон производство на поквалитетен продукт, а од друга страна не делуваме штетно на природата. Органскиот начин на производство не е нов метод, туку е примена на старите методи кои претходно се користеле во земјоделието и се чекор кон враѓање на екосистемот во својата природна состојба, а од друга страна и враќање на квалитетот на животот на сите коишто ги конзумираат овие производи.

Моја Фарма: Постои ли интерес за органско вино, се менуваат ли навиките на новите потрошувачи водени од помислата за одржливост во производството на вино и како вашите производи котираат досега?

Пешков: Интерес за органското вино има, но се надеваме дека ќе се зголеми истиот во иднина. Многу луѓе не се доволно информирани за тоа што значи органско производство и зошто овие продукти често се поскапи од оние произведени на конвенционален начин, но се надеваме дека во иднина со помош на промоции и едукативни настани ќе им се даде до знаење за огромната важност на органското производство во квалитетот на продуктите, а со тоа и во начинот и квалитетот на животот на човекот.

Моја Фарма: Како функционира една семејна винарија, која е вашата најсилна страна и што е потребно за успех при силна конкуренција?

Пешков: Ние како семејна винарија, која произведува вино од сопствените лозови насади функционира со ангажирање на сите членови во семејството при нивната обработка. Нашата најсилна страна е токму тоа што со производството на вино од сопствени лозови насади ние можеме и влијаеме на квалитетот на грозјето кое го користиме за производство на нашето вино, односно уште при самата обработка на лозовите насади ние го контролираме квалитетот на нашиот краен продукт, виното.

Моја Фарма: Што е потребно за поголема поддршка и промоција на малите семејни винарии?

Пешков: Според нашето досегашно искуство, потребна е поголема поддршка од МЗШВ преку финансирање на настани за промоција на семејните винарии како што се вински дегустации, како и финансирање на проекти за опремување на истите и оспособување на винариите за нивно нормално функционирање и производство на вино во домашни услови.

Моја Фарма: Дали покрај производството на вино организирате вински и дегустациски тури, што може да понуди вашиот крај?

Пешков: Еден од најефикасните начини за самопромоција на една винарија е токму преку организирање на дегустациски тури. На овој начин луѓето се запознаваат одблиску со историјата на самата винарија, начинот на производство на виното, лично ја слушаат приказната за одгледување на лозови насади и преработката на грозјето во вино. Исто така на самото место може да видат кои инструменти ги користиме при производството на вино и на кој начин ги полнеме и пакуваме нашите вина. Исто така при една ваква тура посетителите имаат можност да ги дегустираат сите наши достапни вина и да пробаат од нашата локална храна, како што е домашното сирење и домашно произведениот маџун којшто нашата винарија го прави од сортата грозје вранец од сопствено грозје. Имаат можност да пробаат и од доста познатиот и превкусен варен кавадаречки ѓеврек. Комбинацијата на една убава приказна за одгледување на лозови насади и производство на вино, заедно со дегустација на самите вина искомбинирани со вкусната и традиционална храна не може да не го освои посетителот. На овој начин остваруваме контакт со нашите потрошувачи и им даваме доста добри причини зошто да купуваат и конзумираат вино од нашата семејна винарија. За тоа нашата винарија стои на располагање и им организира дегустациски тури на сите кои се расположени за едно вакво искуство.

 

Категории: Успешни приказни