Интервју со Бенџамин Мор: Во Северна Македонија постојат добри предуслови за забрзан земјоделски и рурален развој

Интервју со Бенџамин Мор: Во Северна Македонија постојат добри предуслови за забрзан земјоделски и рурален развој

 

Кој е стратешкиот фокус на работата на ГИЗ (Германското друштво за интернационална соработка) во областа на развојот на земјоделството во Р. С. Македонија? Кои се заложбите на ГИЗ за зголемување на свеста за потребата од дигитални технологии кај клучните стеикхолдери во агросекторот во нашата држава? Кои се перспективите на развој на македонското земјоделство и земјоделството во регионот на Западен Балкан? За овие и многу други актуелни прашања  поврзани со земјоделството и руралниот развој разговаравме со г-дин Бенџамин Мор, тим лидер на регионалниот проект на ГИЗ за поддршка на економската диверзификација на руралните средини во Југоисточна Европа (СЕДРА).

Разговараше: Благоја Муканов

 

МојаФарма: Кој е стратешкиот фокус на работата на ГИЗ во областа на развојот на земјоделството во Р. С. Македонија? Каков тип на проекти и поддршка секторот може да очекува во наредниот период?

Мор: Во принцип ГИЗ работи на три полиња: поддршка на доброто управување, поддршка на аспекти поврзани со животната средина и поддршка на економскиот развој. Многу проекти поврзани со животната средина или креирањето на политики од сферата на економијата се многу важни и за земјоделството.  Како на пример прашањата поврзани со трговијата или процедурите за извоз, иако не се директна земјоделска политика, имаат влијание врз работата во земјоделскиот сектор. Но, да се фокусираме на проектите директно и индиректно поврзани со  земјоделството. Овде би го напоменал проектот наречен „ЕУ за економски развој“, кој што го имплементираме во име на Делегацијата на Европската Унија во Скопје и Германското федерално министерство за економски развој. Во фокус на овој проект се три послабо развиени региони во С. Македонија:  североисточниот,  југозападиот и  полошкиот. Овој проект нуди поддршка за стартапи, за мали и средни претпријатија од неколку области, вклучувајќи и стартапи и претпријатија од областа на земјоделството и преработувачката индустрија. Овде се работи за два вида на соработка. Покрај финансиската поддршка што ќе им се понуди на малите и средни претпријатија, исто така ќе бидат идентификувани бизнис акцелератори, со цел да им се помогне и во поглед на консултантски услуги.

МојаФарма: Моментално е актуелен проектот „Диверзификација на економските активности во руралните области во Југоисточна Европа – СЕДРА“, имплементиран од ГИЗ и Постојната работна група за регионален развој во Југоисточна Европа (СВГ). Кои се целите на овој проект за во иднина и што може секторот да очекува од работата на оваа работна група?

Мор: СЕДРА, како проект поддржува економска диверзификација на руралните области од Југоисточна Европа и проектот ќе продолжи од септември 2021 година со фокус на три области. Првата компонента се однесува на зајакнувањето на регионалната соработка и креирањето на политики кои се засновани врз докази, односно согледување на моменталната фактичка ситуација и препораки за усогласување на националните политики за земјоделство и рурален развој со заедничката земјоделска политика на ЕУ, во процесот на прилагодување на земјите од Југоисточна Европа кон ЕУ . Ова, генерално се однесува на прашања поврзани со Зелената Агенда за Западен Балкан, како таа ќе влијае  врз земјоделскиот сектор и руралниот развој во регионот, како и начинот на кој ќе се реализираат обврските на земјите кои произлегуваат, посебно во областа одржливо земјоделство и  производство на храна и развој на руралните подрачја.   Останатите две компоненти на проектот СЕДРА се однесуваат на креирање на вработувања и зголемување на приходите во руралните подрачја, како и зајакнување на капацитетите на мрежите за рурален развој во Југоисточна Европа за имплементација на ЛИДЕР пристапот.

SWG (Regional Rural Development Standing Working Group in South East Europe) е платформа на Министeрствата за земјоделство основана пред шеснаесет  години со цел заеднички пристап кон предизвиците со кои овие земји се соочуваат на патот кон ЕУ. Со текот на времето SWG стана многу важна алатка за анализа и препораки  за  политиките за земјоделство и рурален развој,  базирани на докази, на земјите од Западен Балкан, како и за поддршка за нивната меѓусебна соработка, но и соработката на земјите од регионот со ЕУ.  Она што е важно е дека многу европски институции, на пример Генералниот директорат на Европската комисија за земјоделство и рурален развој, ги користат податоците од SWG бидејќи е многу поедноставно да се има еден партнер, кој го претставува регионот, отколку да се работи со сите шест земји посебно.  Затоа сметам дека SWG има важна улога како посредник меѓу регионот и Европската Унија.

Од друга страна, Германија ќе продолжи со поддршка на SWG и ќе продолжиме да работиме во делот на промоција и диверзификација на руралните региони, фокусирајќи се на пограничните  региони, како на пример во делот на туризмот и кратките синџири на храна. Иако земјоделството има важна улога кога зборуваме за рурален развој, сепак во овој проект не станува збор единствено за агробизнис, туку повеќе за дивезификација на економските активности на далечни рурални маргинализирани средини. Целта ни е во овие области да се создаде иднина, да се отворат нови работни места, односно да се примени пристап на пазар на труд којшто е многу поразличен од класичниот пристап на руралниот развој, кој најчесто  единствено е фокусиран кон  земјоделството.

МојаФарма: Кое е Вашето мислење за перспективите на развој на македонското земјоделство и земјоделството во регионот на Западен Балкан? Според Вас, кои се главните предизвици со кои се соочува македонското земјоделство и земјоделството во регионот? Како ја позиционирате Р. С. Македонија во однос на земјите од регионот?

Мор: Со исклучок на Србија, сите останати земји од Западен Балкан увезуваат храна. Кога ќе ги земеме предвид пространите плодни полиња и работната сила која е вклучена во руралните средини и во земјоделството воопшто, би можеле да се запрашаме зошто е тоа така? Генерално, имаат доволно потенцијал да произведуваат храна за да го нахранат населението, а  одредена  количина од произведената храна би можела и да се извезува. Ова не води кон прашањата за тоа колку е конкурентно земјоделството во регионот, како е структуирано, колку се големи фармите, како се управува со земјоделското земјиште, која е големината на површината на земјиште кое што веќе не се обработува. Сите овие прашања може да дадат подобра слика за тоа каде се наоѓа С. Македонија во однос на земјите од регионот. Можам да кажам дека Македонија има остварени резултати кога стананува збор за земјоделството и руралниот развој.  Да го објаснам ова од аспект на спроведувањето на политиките. Македонија во 2008 година почна со имплементација на ИПАРД и  некои од структурните предуслови за конкурентноста во земјоделскиот сектор во Македонија се подобри  во однос на  другите земји. Кога станува збор за постоечките структурни предуслови, капацитети,  и институции, во Северна Македонија постојат добри предуслови за забрзан земјоделски и рурален развој.

Меѓутоа, има неколку групи на предизвици. Едната група на предизвици е социјална или  демографска. Прашањата на депопулизација или стареењето на населението се клучни за иднината на земјоделството во руралните области  што директно се поврзува со прашањата за тоа кои услуги ги има во овие области. Ако не постои квалитетно образование  или доколку немате можност за јавен превоз, пристап до основни здравствени услуги, зошто вашите деца би останале да живеат во овие рурални области? Овие прашања се пресудни кога поединецот треба да одлучи дали да остане на село и да ја вложи својата енергија, пари и иднина во земјоделскиот сектор.

Друг предизвик е големината на фармите, кои најчесто се мали, а земјиштето е фрагментирано и неесоодветно за големи сеидби. Многу земјоделци  ги продаваат своите производи без притоа да направат одредена селекција на квалитетот на производите или да ги преработат, за истите да добијат поголема вредност. Ако сакате да се занимавате со земјоделство како бизнис, важно е да имате познавања од  областа на земјоделското производство, но и управување со фармата.

Другите предизвици се поврзани со климатските промени кои ќе имаат силно влијание на регионот. Пристапот до вода, временските непогоди  и природните катастрофи ќе бидат се почести во иднина. Земјоделците треба да бидат подготвени за ова, така што ќе го прилагодат производството на промените и условите но, и ќе инвестираат во управувањето со ризик  преку диверзифицирање на производството, преку осигурување на производството или  преку инвестирање во различни сектори во земјоделство,  рурален туризам и услужни дејности.

Уште еден важен аспект е и спроведувањето на политиките и мерките во земјоделскиот сектор. Тука не може да се увидат големи разлики во начинот на спроведувањето на политиките за земјоделство и руралниот развој без оглед на тоа која политичка партија е на власт.

Во однос на финансиската поддршка во  земјоделскиот сектор, С. Македонија во споредба со останатите земји од регионот има голема предност. Но, овие плаќања не се прилагодени и не допринесуваат до некои структурни промени во секторот, а на него му е потребна трансформација. Плаќањата се прават по области, по површина на култура, по глава добиток и ваквиот начин на распределба на овие средства не придонесува за развој на секторот, освен во зголемувањето на приходите на поедини фармери. Треба да се  продолжи со поддршката на фармерите и фармите, но треба и да се најде и механизам кој ќе овозможи трансформација и интегрирација кон заедничките  ЕУ перспективи.

Кога станува збор за Зелениот договор и реформите на Заедничката земјоделска политика, во следниот период од две години очекуваме целосно реформирана ЗЗП. Секако дека во новата ЗЗП ќе бидат опфатени и Стратегијата за биодиверзитет, Стратегијата „Од фарма до вилушка“ но, и прашањата за дигитализација на руралните области. Во овој период С. Македонија и земјите од регионот се во процес на планирање на следната фаза на финансиска поддршка од ИПАРД фондовите. Ова претставува  можност на земјата да ги направи потребните промени, но и да ги прифати промените кои очекуваме да се случат со рефомите на ЗЗП.  Со  Зелената агенда, како и Софиската декларација од ноември 2020, беа согледани потребите на секторот и сега е време да се работи на промените, да се интегрираат во  националните стратегии за земјоделски и рурален развој, како и да се усогласат овие стратегии со мерките на ИПАРД програмите, а потоа да се направи ревизија на стратегиите во однос на реформите на ЗЗП. Овие национални стратегии се основата врз која земјите ќе можат да креираат одредени мерки во врска со зелениот рурален развој.

Би сакал да  ја потенцирам важноста  и на уште едно ниво,  помеѓу земјоделците и институциите, а тоа е целата мрежа од здруженија на земјоделци, но и советодавните служби, како што се агенции за поттикнување на развојот на земјоделството. Тие се од огромна важност и можат да им помогнат на фармерите да се прилагодат, да се трансформираат и да ги прифатат новите предизвици. Оваа мрежа е гласот на земјоделците и ги застапува нивните интереси пред институциите и креаторите на политиките.  Може да се каже дека овие посредници играат клучна улога во овој процес на трансформација, бидејќи тие се оние кои треба да ги адаптираат  гледиштата на институциите со гледиштата на фармерите со цел да може да се спроведе и реализира теоријата во пракса.

Мислам дека вашата држава е подготвена, имате исклучително стручни лица во институциите кои совесно ја вршат својата работа и ги познаваат трендовите и перспективите кои ги овозможува Европската Унија. Но, овие луѓе може не се мнозинство и има голема флуктуација на кадарот, тие често ги напуштаат своите работни места. Сепак, сметам дека треба уште да се работи за да се дојде на едно ниво за  да се направат структурните промени кои му се потребни на земјоделскиот сектор, како во делот на конкурентност, така и во делот на квалитетот на производство и стандардите, но и во областа  на животната средина.

Искрено не знам дали овие структурни промени зависат од политичките промени. Начинот на кој земјоделските политики се креираат и се спроведуваат е постојано ист, независно од тоа која  политичката партија е на власт. Оваа конзистентност се чини дека има корени во институциите, но ќе зависи и од прашањата во врска со платите на вработените, можноста за да ги остварат нивните кариерни цели, како и од работната средина. Јас работам со институциите, а не во институциите, па со оглед на тоа и моите познавања за внатрешните состојби се ограничени.

МојаФарма: Имајќи ја предвид важноста на постоењето на квалитетен советодавен систем за земјоделството, кој е вашиот став во врска со потребите за зајакнување на советодавниот систем во Р. С. Македонија? Дополнително, дали сметате дека има потенцијал за развој на приватниот советодавен систем?

Мор: Знаењето е клучот за успешно земјоделство. Знањето е предуслов за иновации кога мислиме на диверзификација на производството  или ако сакаме да додадеме вредност на земјоделскиот производ, како и за зголемување на приходите во руралните области. Овие аспекти се теми од големо значење за советодавните услуги во земјоделството. Јас лично не би сакал да правам разлика меѓу државните и приватните советодавни услуги. Клучно  е советодавните услуги  да се инклузивни, да ги вкучуваат сите, и малите и големите фарми. Тука можеби малку ќе им биде потешко на приватните отколку на државните консултанти, но и едните и другите дефинитивно треба да бидат блиску до фармерите. Најважно е да имаат довербата во институциите, бидејќи добриот совет е од големо значење, но ако не му веруваш на тој што ти го дава нема да го прифатиш советот. Да бидеш близок со фармерот но, и да бидеш во чекор со трендовите, како на пример, управување со штетници, техники за наводнување, диверзификација на производството. На пример, овде кај вас кога одам во маркет ми недостасуваат производи.  Освен доматите кои ги има во најразлични видови и сорти. Можеби треба во  производството на домати и краставици да се вметнат и други култури. На пример аспарагусот, кој забележав дека успешно се произведува во Косово. Целата реколта им е веќе продадена пред да биде произведена, бидејќи имаат голема побарувачка. Затоа има голем потенцијал во диверзификацијата на производството и побарувачката за високо квалитетни и разновидни производи. Иднината на земјоделското производство во овој регионот е во здравите, еколошки, безбедни и разнолики производи. Сметам дека ниедна од земјите во регионот не може да го споредува своето производство со она масовното производство на основните земјоделски производи во Шпанија и Холандија. Но, различноста на луѓето, пејзажот, како и биодервизитетот на регионов е добар предуслов за успех во иднината.

МојаФарма: Како ја оценувате моменталната ситуацијата во образованието од областа на земјоделските науки во С. Македонија? Според Вас, каде има простор за подобрување и дали би можеле да издвоите некои позитивни примери од поразвиени земји кои би можеле да се применат во нашиот регион?

Мор: Повеќе би можел да зборувам за формалното образование, бидејќи имав добра соработка со многу универзитетски професори и можам да заклучам дека имате извонредни професори во институциите како добра база за солидно  образование во областа на земјоделството. Но, со текот на годините има сè помалку студенти кои се запишуваат на земјоделските факултети, а еден од начините на кои се финансираат факултетите е преку котизацијата од студентите. Во моментот факултетите не се во завидна финансиска состојба, и освен за покривање на основните трошоци и плати, немаат буџет за истражување и развој. Немам информации за начинот на кој државата помага во процесот на  финансирање за истражувањата во земјоделстовто, но запознаен сум со начинот како се гледа на  земјоделството во земјата. Има потенцијал и интерес кај младите да се занимаваат со земјоделството, да станат земјоделци и да се вклучат во агроекономијата или во производството, но тоа некако секогаш е во втор план, би рекол како некоја резервна опција.

Од една страна трендот на  мигрирањето е почест во руралните средини. Но, ако останете и ја преземете фамилијарната фарма,  имате многу можности и нови начини за производство кои може да бидат различни од татковите. За да случи ова, земјоделството треба да стане тренд. Од друга страна земјоделските училишта и факултети се многу далеку од фармата. Можеби треба да се „донесе“ универзитетот на фармите, да се организираат земјоделски школи, семинари и обуки, сѐ со цел знањето да биде близу и достапно до земјоделците, ако тие не се школуваат на универзитетите.

МојаФарма: Примената на дигиталните технологии во земјоделството е неизбежна појава, меѓутоа нивна поширока примена во малите и средни фарми во Македонија е сѐ уште маргинална. Кои се заложбите на ГИЗ за зголемување на свеста за потребата од овие технологии кај клучните стеикхолдери во агросекторот во Р. С. Македонија?

Мор: Дигитализацијата е еден од светските трендови кој влијае во сите сфери на живеењето.  Во блиска иднина сметам дека дигитализацијата ќе биде втемелена и во земјоделскиот сектор. Ако зборуваме за дигитализација во земјоделството, веднаш на памет ни доаѓаат машините, на пример дронови кои прскаат, на автономни трактори, но ова се основните примери каде што дигитализацијата може да направи огромни промени за земјоделците и руралнито население. Дигиталните алатки ќе им овозможат на руралните средини да имаат брз и едноставен пристап до институциите и информациите.

Дигитализацијата е повеќе од временска прогноза и социјални медиуми. Кога зборуваме за дигитализација во земјоделскиот сектор свесни сме дека не можеме да ги дигитализираме самите  продукти, но сѐ друго од процесот на производството може да биде дигитализирано. Многу процеси, како што се носењето одлука во врска со културите кои би биле најјсоодветни за одгледување на Вашата земја, како и  за управувањето на фармата, па сѐ до пласманот и продажбата на производите, можатда бидат дигитализирани и поврзани со вашиот мобилен телефон. Сето ова е на индивидуално ниво, прилагодено според земјоделецот поединец, за да може соодветно да си ги прилагоди своите потреби и можности за да оствари добро производство и солидни приходи.

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Интервјуа

Слични Новости