Грашокот, боранијата, леќата и гравот се мешункасти плодови и се едни од нашите најчесто приготвувани традиционални јадења. Тие се нискокалорични, содржат малку масти, имаат низок гликемиски индекс, и изобилуваат со влакна, така што долго време се метаболизираат, па шеќерот не расте брзо. Ќе ви наведеме неколку причини зошто треба почесто да јадете грашок во летниот период.
Грашокот содржи висок процент на растителни протеини, влакна, но и антиоксиданти. Оваа мешунка содржи растворливи и нерастворливи влакна. Првиот вид на влакна го забавуваат варењето и ја продолжуваат ситоста, а вториот вид спречува опстипација. Малата количина на растворливи влакна помага во одржување на стабилно ниво на шеќер во крвта. Кога нивото на шеќер во крвта е стабилно, нема падови на енергија или „напади“ на глад во текот на денот. Поради нискиот гликемиски индекс, овој зеленчук е погодна храна за дијабетичари.
Ако редовно го јадете овој зеленчук, ќе имате повеќе енергија, бидејќи грашокот е одличен извор на железо. Грашокот обезбедува доволни количини на магнезиум и калиум. Тие се добри за здравјето на срцето, бидејќи помагаат во намалувањето на висок крвен притисок, што е главен фактор на ризик за срцеви заболувања. Исто така во својот состав има и омега-3 масни киселини кои го намалуваат ризикот од згрутчување на крвта.
И покрај изобилството хранливи материи во зелениот грашок, постои и лоша страна, а тоа се однесува на содржината на антинутриенти. Антинутриентите се присутни во многу видови на храна, како што се мешунките и житарките и може да сметаат во варењето на храната и апсорпцијата на минералите.
Јадете умерени количини грашок, не повеќе од 200 грама. Гответе го што е можно пократко, во што е можно помалку вода, со што се намалува можноста витамините растворливи во вода да ја „изгубат“ својата хранливост за време на подготовката. Исто така, ако сакате смути, можете да додадете неколку зрна грашок во вашиот утрински пијалак.
Автор: Александра Силјановска
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.