Наместо во отпад со вишоците храна да нахраниме илјадници неухранети сограѓани

Наместо во отпад со вишоците храна да нахраниме илјадници неухранети сограѓани

 

Во едно македонско домаќинство во просек се фрла една третина од купената храна. Неискористувањето на купените продукти доведува до дури 170 илјади тони отпад од храна годишно. Тоа е уште повеќе трагично ако се земе предвид дека секој петти граѓанин живее во сиромаштија и е изложен на ризик да биде неухранет.

Проблемот со отпадот од храна опфаќа повеќе димензии. Од тоа што едно домаќинство фактички фрла пари во канта, па се до загадување на животната средина и влошување на климатската криза. Според статистиките Македонија според количината на отпад од храна од домаќинства е во рамки на балканскиот просек со 83 килограми фрлена храна за една година.

Глад и сиромаштија

Стапката на сиромаштија во последните десет години постојано се намалува и достигна до 20% иако и оваа бројка е доста висока споредена со европскиот просек. Во исхраната најголем проблем за над 30% од населението е што со нискиот стандард не може секој ден да обезбеди соодветен протеински оброк. Инаку според проценките околу 5% од македонските граѓани се соочуваат со глад и нередовни оброци во текот на денот, а речиси идентична е и детската неухранетост.

Вишокот на храна кој инаку завршува на депониите може да се искористи за правична редистрибуција до оние кои имаат потреба.

Органски отпад

Органскиот отпад од фрленото овошје, зеленчук, месо, млеко, јајца и други производи откако ќе се одложи на депонии како дел од комуналниот отпад создава огромни проблеми за животната средина. Се проценува дека на светско ниво се создаваат дури 170 милиони тони емисии на јаглерод диоксид секоја година. Решавањето на органскиот отпад треба да ги опфати и индустриските капацитети преку на пример кревање на стапката на компостирање и отворање на електрани на биогас. Вишокот на храна пред да стигне за фрлање може да се донира, за што веќе постојат одлични иницијативи и платформи.

Платформи за решавање на проблемот

За решавање на проблемот поврзан со вишокот на храна од домаќинствата активни се повеќе иницијативи, а особено е значајно активно вклучување на претставниците од приватниот сектор преку донации на храна. Така би им се помогнало на над 13 илјади граѓани изложени на ризик.

Во рамки на програмата на ЕУ за истражување и иновации „Хоризонт 2020“ активен е и проектот Плутос кој има за цел да го подобри целиот синџир во  земјоделско-прехрамбениот сектор  со примена на модел за управување со донации и вишоци на храна. Како дел од Плутос проектот, континуирано се развиваат 11 пилот-проекти меѓу кои е и проектот предводен од Serbia Foodhub, а како партнер од С. Македонија е здружението Платформата за зелен развој.

Во рамките на  споменатиот проект, здружението Платформа за зелен развој,  планира низа пилот активности поврзани со процесот на донација на храна и решавање на проблемот со отпад од храна. Нивната намера е преку едниствената платформа FoodSHare да се поврзат операторите на храна (земјоделците, индустриските произведувачи, дистрибутерите, малопродажните синџири), со крајните корисници на донации на храна  т.е. народни кујни, хуманитарни организации и социјално загорезени  категории на граѓани.

За повеќе информации посетете ја официјалната веб страна на проектот: https://ploutos-h2020.eu/

Повеќе информации во врска со споменатата платформа може да добиете на:
https://foodshare.foodscalehub.com/mk

Доколку сакате да бидете дел од оваа хуманитарна приказна регистрирајте се за донација на следниот линк: https://foodshare.foodscalehub.com/mk/Identity/Account/Register

 

Автор: Христијан Станоевиќ

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Зелен развој