Пост-бербените активности и нивно правилно управување при производството на јаболка започнуваат уште од самото кинење на плодот од дрвото. Од овој момент сите операции имаат исклучителна важност и со нивното правилно изведување ќе бидете сигурни дека вашиот производ ќе има подобар квалитет и поголема трајнаст при складирање.
Првин, потребно е да се знае дека јаболката (плодот) е секогаш за неколку степени потопла од надворешната температура. Високите температури го забрзуваат метаболизмот, односно стапката на респирација и производство на етилен е забрзана, што директно влијае на квалитетот на набраните јаболка и води кон нивно распаѓање.
Се препорачува бербата да се одвива во утринските часови, веднаш по сушење на утринската роса. Сите набрани јаболка треба да бидат изнесени од полето уште пред да започне топлиот ден од денот. Најчесто јаболката се складираат во поголеми сандаци кои што можат да соберат количини до 300 килограми и овозможуваат проветрување меѓу сите слоеви на складираните јаболка.
Кога производството е во помали рамки, се користат и гајби кои се местат една врз друга. И во двата случаи, по изнесување од поле потребно е складирање во проветрени и темни простории. За време на транспортот, во случаи на нерамен пат настануваат повеќе механички повреди, кои исто така директно влијаат на долготрајноста и квалитетот на складираните јаболка.
Механичките повреди значително придонесуваат кон намалување на атрактивноста на самиот производ, се создава простор за настанување на разни инфекции за време на складирањето, се поттикнува дишењето и производството на етилен (хормон кој го регулира процесот на зреење на плодовите). Како најмала интервенција за намалување на механичките повреди за време на транспортот при нерамен пат е намалување на притисокот на гумите од приколката.
Автор: Марио Петковски
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.