Отпадните води како главен ресурс за производство на азотни ѓубрива

Отпадните води како главен ресурс за производство на азотни ѓубрива

 

Научниците од Универзитетот Дрексел (САД) спроведоа студија која покажа дека отпадните води може да станат значителен извор за добивање на азотни ѓубрива кои се користат во земјоделството.

Според нивниот извештај, производството на азотни ѓубрива е енергетски интензивен процес и учествува со скоро 2% од вкупните емисии на јаглерод диоксид на планетата. Меѓутоа, екстракција на азот од одпадните води може да послужи во други последователни процеси како што е синтеза на амонијак и производство на азотни ѓубрива и на тој начин може да има позитивно влијание врз животната средина.

„Добивањето на азот од одпадни води ќе креира систем на циркуларна економија“, вели Патрик Гуриан, член на изтражувачкиот тим. „Дополнително, неговата повторна употреба ќе биде од голема корист за земјоделството и секако ќе стане дополнителен извор на приход“, додава тој.

Отпадни води
Моментално се развиваат неколку технологии за добивање на азот од отпадни води. Една од нив е прочистување на водите со воздух, со зголемување на температурата и промена на киселинско-базната рамнотежа на водата. Со тоа ќе се создадат услови под кои содржаниот амонијак ќе испарува и ќе може да се собира за понатамошна негова конверзија во амониум сулфат. Во однос на трошоците, тој е 12 пати поевтин од сличните производи добиени во хемиски погони.

Извор: Fertilizerdaily

Комплементарно на оваа проблематика е и проектот „Б-Ферст“, финансиран од страна на ЕУ, кој што се залага за создавање на биобазирани ѓубрива.

отпадните води

Главната цел на Б-Ферст е да ја интегрира валоризацијата на био-отпадот во плановите за управување со земјоделството преку создавање на нови кружни (циркуларни) и био-базирани синџири кои што започнуваат од биолошкиот отпад. Благодарение на директната интеракција помеѓу фармерите и секторот за ѓубрива, проектот Б-Ферст има за цел да ја промени парадигмата на вештачките ѓубрива преку развивање на 8 иновативни ѓубрива: специјализираните хранливи материи ќе бидат обезбедени со прилагодено дозирање приспособено на потребите на земјоделците за да се подобри ефикасноста и одржливоста.

Приоритетите на проектот Б-Ферст се следни:

  1. го валоризира недоволно експлоатираниот био-отпад за одржливо земјоделско управување;
  2.  развива 8 нови производи за широка потрошувачка на зелени ѓубрива кои ќе се продаваат по конкурентни цени;
  3.  ја намалува зависноста на суровините со замена на 15-40% со биолошки отпад;
  4.  ја подобрува одржливоста на вештачките ѓубрива и нивното управување во земјоделството;
  5.  ја намалува потрошувачката на вода и енергија, како и јаглеродот за 10%;
  6.  дефинира упатства за сертификација и стандарди за квалитет на ниво на ЕУ;
  7.  ја подобрува економијата на земјоделците благодарение на развојот на прилагодени хранливи материи.

 

Автор: Ангела Живачки

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.