Период на сеидба на пченица – Се што треба да знаете

Период на сеидба на пченица – Се што треба да знаете

Карактеристично за овој период е тоа што претставува оптимален период за сеидба на пченица. Правилно донесени одлуки се клучните фактори за профитабилно производство на пченица. Агротехничките операции за достигнување на високи приноси и подобар квалитет на зрното треба да се извршат во целост, навремено и да бидат приспособени на сортата која што е изберена. Најголемо внимание ќе посветиме на плодоредот и сеидбата, бидејќи претставуваат примарни операции од кои зависи целата вегетациска сезона.

Континуирана сеидба на житни култури не е препорачливо бидејќи тие се подложни на истата група на болести. Болестите претставуваат вистинска закана за квалитетот и количината на приносот и при константно одгледување на житарици, патогените кои ги предизвикуваат тие болести имаат истовремена можност за да се развиваат по неколку вегетациски сезони. Зголемената присутност резултира со повисока содржина на спори во почвата и во жетвените остатоци, каде што при оптимални услови развојот на болеста е со многу поголем интензитет. Поголемиот интензитет на заболување придонесува до поголеми трошоци за пестициди, поголем стрес кај растенијата, зголемена фитотоксичност и несигурност за тоа каков ќе биде исходот на крајот од сезоната. Најдобри преткултури на пченицата претставуваат едногодишни зрнесто-мешункасти растенија од фамилијата Fabaceae, сончогледот, компирот и конопот. Едногодишните легуминози го прекинуваат циклусот на развој на карактеристичните болести, ја зголемуваат азотната содржина во почвата и го оставаат полето релативно чисто од плевели. Сончогледот, пченката и конопот имаат слично влијание како легуминозите, но без азотофиксирачката способност. При одгледување на компир како предкултура, освен горенаведените ефекти тие, со развојот на кртолите исклучително се подобрува структурата на почвата и се балансира водно-воздушниот режим.

Оптималниот рок за сеидба на пченицата е од 10-25 Октомври, но не секогаш овој рок се смета за правилен. Раната сеидба на пченицата овозможува побрз развој на растенијата со што тие стануваат покомпетитивни и контролата на плевелите за време на вегетацијата е поуспешна. Дополнително, раната сеидба овозможува подобар развој на кореновиот систем и подобра абсорпција на вода во текот на сезоната. Но, раната сеидба има и свои недостатоци. Зголемената биомаса го зголемува ризикот за настанување на штета од касни мразеви, како и потенцијален ризик од создавање на штури зрна за време на сушни пролетни периоди. Доколку, временските условите во оптималниот рок не се поволни и не дозволуваат извршување на сеидбата, истата може да се пролонгира. При касна сеидба, имаме задоцнето развивање на растенијата и послаб развој на братимки. Како компензација за време на касна сеидба се препорачува зголемување на бројот на растенија по хектар.

При услови кои овозможуваат сеидба во оптималниот рок се препорачува избор на сорта која што е овозможена во целост да се развие од сеидба до жетвата. Со тоа максимално може да зголеми приносот и истовремено да се намали ризикот од заболувања, мразеви или пак стресови предизвикани од суша и висока температури.

Според направените научни истражувања на нашето поднебје,  650 никнати растенија на еден метар квадратен претставува идеална стапка на сеидба. При овој склоп на растенија се развива доволен број на квалитетни класови со адекватна структура и квалитет на приносот. Растојанието помеѓу редовите според литературата треба да изнесува 12.5 центиметри. При ртење на семето, должината на колеоптилата на пченицата изнесува 5 центиметри. Во зависност од типот на почвата, длабочината на сеидбата треба да изнесува од 2-4 центиметри, каде што најоптимална длабочина изнесува 3.5 центиметри.

Плодоредот и сеидбата се едни од најбитните агротехнички операции и доколку се придржувате до правилата за правилно извршување ве очекува сезона со помалку интервенции, подобар квалитет на зрното и поголем принос.

 

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.