Преспанско јаболко – Македонска гордост загрозена од климатските промени
Јаболкото е симбол на знаењето и човечноста. Дел од многу народни митови и сказни, но и дел од сите препораки на докторите за водење на здрав живот преку соодветна диета.
Затоа треба да бидеме среќни што во нашата земја го имаме преспанското јаболко со сорти кои се превкусни, имаат карактеристичен изглед и висок степен на нутритивни вредности.
Преспанското јаболко познато низ светот
Во преспанскиот крај се наоѓаат најголемиот број на насади со јаболка во Македонија. Преспанското јаболко е еден од најизвезуваните и најприфатени македонски производи. Според статистиките, една четвртина од насадите се опфатени со сортата ајдаред, а потоа следуваат златниот и црвениот делишес.
Преспански јаболкобер
Манифестацијата Преспански јаболкобер се одржува секој година на Крстовден, на крајот на септември, за успешна берба на овоштарите и благослов за следната сезона. Во Македонија во просек од преспанскиот крај секоја година се собираат околу 80 илјади тони јаболко од кои повеќето завршуваат на странските пазари. На манифестацијата доаѓаат и гости од странство , а публиката се забавува со богата музичка програма.
Проблеми со временски непогоди
За жал преспанскиот крај често минува низ невремиња со град или неочекувани мразови во пролет кога цветаат јаболката. Една од најтешките години за овој крај беше 2019 година кога огромен процент од насадите целосно замрзнаа. Преспанските овоштари покрај справување со последиците од климатските промени бараат и подобро справување со појавата на град преку навремено активирање на авиони кои може да лансираат градобијни ракети со сребро јодид.
Недостиг на ладилници
Во Преспа рекордот е 150.000 тони набрани јаболка во една сезона. Дел од количините завршуваат во индустриските преработувачки центри, а дел кај откупувачите. Според проценките, во Ресен фалат најмалку пет ладилници изградени според најмодерни стандарди за јаболката да имаат подолг век на чување, а со тоа задржување на економската вредност кога пазарните услови ќе бидат подобри.
Автор: Христијан Станоевиќ
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.