проф. д-р Кабранова: Како идни агрономи, студентите на ФЗНХ ќе ги решаваат проблемите со недостиг на храна и климатските промени
Вистинскиот избор на факултет и стекнувањето на диплома е една од најважните одлуки во животот. Не постои ниту една поисплатлива и посигурна инвестиција од вложување во вашето знаење. Ако се одлучите за професијата агроном ќе може да одговорите на глобалните проблеми како недостиг на храна и справување со последиците од климатските промени, кои и тоа како ќе бидат значајни во следните декади. Патот до професија во земјоделството води преку Факултетот за земјоделски науки и храна во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Зошто да станете агроном, односно дипломиран земјоделски инженер?
Земјоделството и производството на храна е основа за развој на целокупниот систем, како на националната, така и на светската економија. Кај нас, земјоделско-прехранбениот сектор е еден од најзначајните сектори со учество од 15 % во бруто домашниот производ. Нашата држава има поволни климатски услови за квалитетно земјоделско производство, а македонските производи се препознатливи надалеку во светот. Исто така, треба да се истакне дека во последниве неколку години, голем дел од странските и домашни инвестиции се насочуваат токму во овој сектор. Земјоделско-прехранбениот сектор е директно поддржан и од државата преку разни мерки за субвенционирање. Затоа, обезбедувањето на стручен кадар од областа ќе биде клучно за идниот развој на секторот.
„Од факултетот произлегуваат генерации на студенти кои се вклучени во решавање на предизвиците на глобално ниво, како што се производството на здрава и безбедна храна, сиромаштијата, недостигот на почва и вода, климатските промени и глобалното затоплување кои претставуваат сè поголеми проблеми и со чии влијанија се соочуваме и кај нас“, порачува проф. д-р Ромина Кабранова, продекан за настава на ФЗНХ.
Зошто студирањето на Факултетот за земјоделски науки и храна е добар избор?
„Студентите се во центарот на нашето внимание. Имено, уште од самото основање во далечната 1947 година па до денес, Факултетот за земјоделски науки и храна целосно е посветен на својата основна задача и мисија, студентите да ги постигнат највисоките академски стандарди преку стекнување на знаења и компетенции од најновите научни достигнувања, а кои се во интерес на развојот на современ земјоделско-прехранбен сектор, согласно основните цели за развој на нашата држава и потребите на стопанството“ велат од ФЗНХ.
Факултетот обезбедува квалитетно теоретско и практично образование во одлични услови за студирање и модерно опремени училници и лаборатории, амфитеатри, предавални, компјутерски училници и друга соодветна опрема за непречена реализација на наставно-образовниот процес на студентите.