Регулирање на температура во производство на расад со помош на подно греење

Регулирање на температура во производство на расад со помош на подно греење

 

 

За време на зимскиот период започнува процесот на создавање на расад. Раното создавање на расад овозможува продолжување на сезоната и рана берба, односно овозможува продажба на производите кога тие имаат највисока економска вредност со што производителите ќе можат да остварат и најголем профит.

Но, сепак за рано производство на расад потребно е да се создадат поволни услови. Како еден од најкритичните фактори е температурата на воздухот и почвата. Оптималната температура ќе го подобри процесот на ‘ртење и никнење што ќе резултира со униформен расад за многу пократко време. За таа цел потребна е употреба на грејни системи кои што можат економски исплатливо да ги обезбедат оптималните услови. Еден од таквите системи се подните греачи. Таквите подни греачи се составени од специјален материјал низ кој се проткаени жици кои што се загреваат со помош на електрична енергија. Кога низ подниот грејач ќе протече струја започнува греење на целиот материјал кој потоа ја пренесува таа топлина на дното од контејнерите за расад и долните слоеви од почвата.

Подните греачи ја фокусираат и централизираат топлината каде што највеќе е потребно, а тоа е зоната на тукушто никнатиот коренов систем. При промена на температурата во текот на денот или пак додавање на ладна вода, растението претрпува одреден степен на стрес. Стресот кај растенијата кои што се во стадиум на расад најмногу влијае врз развојот на кореновиот систем. При стрес, кореновиот систем има успорен раст, намален волумен и намален степен на проширување низ почвата. Како последица од наведените ефекти, горниот дел од растението има помалку хранливи сокови кои што се движат од коренот резултирајќи со успорен и неправилен раст.

Создавањето на оптимална микроклима може да биде многу корисна за растенијата. Бидејќи топлината доаѓа од долниот дел и постепено се пренесува во горните делови на растението, го стимулира развојот на растението, напредуваат вегетативните фази и се фаворизираат пократки производствени циклуси.

Во зависност од степенот на производството, подните греачи можат да бидат со најразлични димензии. На пазарот се присутни производи кои што се изработени од различни материјали (силиконски, пластични или пак специјални термо материјали). Дополнително, тие можат да бидат и со или без вграден термостат. За поголеми операции секогаш е препорачливо користење на подни греачи со термостат.  Друг фактор што ја оправдува имплементацијата овој тип на систем е нивната едноставна инсталација без интервенција од електрични техничари. Речиси сите системи доаѓаат со вграден контролер кој им помага на производителите да ја прилагодат температурата на потребите на растенијата без да се грижат за надворешните температурни варијации.

 

Категории: Култури