Употреба на Каолин глината за интегрирана заштита на разни видови култури
Каолин претставува карпа која е богата со минералот каолинтит. Прскање со Каолин како главна компонента во растворот овозможува интегрирана заштита за одреден вид на растенија каде што тие се заштитуваат од напади од инсекти и истовремено се подобрува фотосинтезата и отпорноста спрема болести.
Уште од 2000 години п.н.е во стари кинески записи е опишана употреба на прашина од минерали за контрола на инсекти. Од тогаш па наваму цивилизацијата има долга историја на употреба на разни препарати базирани на минерали кои се користат и во денешното време за специјални намени во земјоделската заштита на растенија.
Препаратите на база на Каолин екстензивно се проучувани од 1999-та година и е докажао дека препаратот создава слој од честички кои имаат разни позитивни дејства врз растенијата и се ефективни во заштитата од инсекти. Формираниот слој има високо рефлектирачко својство што го намалува топлинскиот стрес и ја пролонгира фотосинтезата во топлите денови. Исто така, рефлектирачкиот слој ги одбива зраците од инфрацрвениот спектар, каде што како краен ефект е зголемување на приносот и подобрување на квалитетот на овоштарникот. Слојот го штити растението од болести и штетници.
Формираниот слој создава средина каде што штетниците потешко ја препознаваат и ги полагаат јајцата помеѓу кората и слојот.
Се користи во раствор од 1-6% концентрација измешано со дестилирана вода. Некои произведувачи додаваат и мала количина на детергенти за подобро зацврстување на растворот на самата површина на растенијата.
Најдобро време за аплицирање на растворот се денови кога сонцето не е интензивно, нема најавено дожд и нема јаки ветрови. При прскањето потребно е да се создадат микроскопски капки, бидејќи доколку имаме поголема капка која стои на листот или плодот од растението може да ги фокусира сончевите зраци кон споменатите делови и да настанат изгореници. Изгорениците можат да создадат поволни услови за инфекција од разни патогени или пак директно да влијаат во намалувањето на квалитетот на плодот и да му се намали пазарната вредност.