Цената на кафето во пораст

Цената на кафето во пораст

 

Најопасните мразови кои го зафатија Бразил последниве неколку децении и рекордно високите трошоци за транспорт поради одложувањата во превозот поради Ковид-19 пандемијата, ќе резултираат со зголемување на цените на кафето на највисоко ниво во последните години, проценуваат аналитичарите.

Зголемувањето на цените на кафето дополнително ќе ја зголеми цената на потрошувачката кошница. Индексот на Агенцијата за храна на Обединетите Нации, кој ги прикажува светските цени на храната во јули, порасна за 31% во однос на истиот месец во претходната година.

Најлошиот мраз во Бразил од 1994-та година ги доведе цените на печеното кафе на највисоко ниво во последните седум години, а товарот од тоа ќе биде префрлен на потрошувачите што купуваат печено или мелено кафе во супермаркетите.

Пазарната цена на арабика кафето на американскиот пазар двојно се зголеми во последните 12 месеци, а бразилската култура сега е погодена од најлошата суша во последните 91 година. Степенот на штетата сѐ уште се утврдува, но во областите каде што дрвјата за кафе не преживеаја, ќе бидат потребни седум години за целосно закрепнување на производството.

И нарушувањата во глобалната понуда, предизвикана од зголемената побарувачка за стоки за широка потрошувачка по пандемијата и недоволниот број достапни бродови, исто така, предизвикаа нагло зголемување на цените за превоз на кафето до големите потрошувачки земји во Северна Америка и Европа.

Трговците веруваат дека потрошувачите наскоро ќе платат повисока цена за кафето во продавниците, додека трошоците за кафе во кафулињата можеби нема да го следат овој тренд на краток рок.

Последните податоци на Бирото за статистика на САД покажуваат дека во април просечната цена на меленото кафе изнесувала 4,75 долари за фунта (1 lb = 0.45 kg), што е за 8,1 отсто повеќе од претходната година и е највисоко ниво од јули 2015-та година.

Бразилското здружение на производители на кафе „Abic“ проценува дека цените на печеното кафе во Бразил скокнале за околу 80 проценти помеѓу декември и крајот на јули.

„Некои компании, вклучувајќи ги и лидерите на пазарот, веќе најавија зголемување на цената“, стои во писмото од „Abic“ испратено до пржилниците за кафе.

Патем, Бразил е одговорен за 30 проценти од вкупниот светски извоз на кафе.

 

Категории: Вести