Штетници во производството на малини

Штетници во производството на малини

 

Зголемената заинтересираност за производство на малина се повеќе е застапена кај македонските фармери и од критично значење претставува информирањето од кредибилен извор на информации. Со помош на овој текст ќе ги опфатиме главните штетници и нивните карактеристики кои што се јавуваат во производството на малина за полесно и поуспешно сузбивање.

Малина (Rubus idaeus)

Припаѓа на фамилијата ружи и може да се одгледува по системот шпалир или во форма на грмушка. Растението е со низок раст и дава род веќе во втората година. Животниот век на малината може да достигне и до 20 години, но во интензивното производство најчесто живеат од 8 до 14 години. Нашите климатски и почвени фактори обезбедуваат скоро идеални услови за одгледување на оваа култура. Најдобро вирее на растресита почва со северна експозиција на надморска височина од  400 до 800 метри. Во Македонија, во последните години почнува да се одгледува поинтензивно пред се поради загарантираниот откуп и високата цена на производот. Најголем дел од произведените малини се извезуваат за европските земји.

Иако се смета за една од поотпорни култури за одгледување, малината сепак има потреба од правилна заштита од штетници и болести во одредени периоди од годината. Насадите од малина се подложни на напади од поголем вид на штетници кои причинуваат најразлични оштетувања. Штетите можат да бидат на листот, цветот или пак на изданоците.

Инсекти кои што причинуваат штети на малината се:

Мајски бумбар (Melolontha melolontha)

Мајскиот бумбар е инсект со големина од 20 до 30 мм. Има црна глава и во зависност од местото на живеење бојата на телото варира од црна до кафеава. Телото е покриено со ситни влакненца и има метален сјај. Штетите ги причинува во вид на ларва и имаго (возрасна единка). Имагото се храни со листови, додека пак ларвата ги напаѓа подземните делови од растението. Во малиновото производство, најголема закана претставуваат ларвите што го напаѓаат кореновиот систем.

мајски бумбар

мајски бумбар

Ериофидна грина на малиновиот лист (Phyllocoptes gracilis)

Малиновата грина е мал инсект со големина од 115-130 микрони. Има повеќе генерации годишно, кои што се преклопуваат. Преклопувањето на генерации и брзото создавање на отпорност  на инсектициди го прават овој инсект тежок за сузбивање. Штетите кои ги предизвикува на листот лесно може да се забележат, а подоцна доаѓа и до деформирање на плодовите и послабо оплодување. Присутни се од април до октомври, а презимуваат на растението во внатрешноста на цветните пупки или во мали вдлабнатини кои што се создадени при испаѓање на листовите.

Ериофидна грина

Ериофидна грина

Малинова буба (Byturus tomentosus)

Со должина од 4 милиметри и црно тело прекриено со влакненца, малиновата буба претставува еден од најголемите штетници во поголемиот дел од Европа. Најактивни се при зголемување на температурите (над 15°C) во текот на април. Возрасните единки се хранат со цветовите и пупките на малината и при размножување јајцата ги снесуваат во пупките. Исто така, откако ќе се развијат ларвите и тие започнуваат со исхрана на неоформените плодови. Таквите плодови подоцна не продолжуваат со развој, остануваат ситни и се сушат. Пристапот на третирање на овој штетник треба да се поклопува со периодот на извршување на прихрана на малиновиот насад. Дополнителна превентивна мерка за спречување на напад од овој инсект претставува константен мониторинг во текот на пролетта со помош на феромонски мамки.

Малинова буба

Малинова буба

Малинов цутојад (Anthonomus rubi)

Инсектот е со големина до 3-4 милиметри и има карактеристична глава со изданок како сурла. Има една генерација годишно и причинува штети на повеќе култури (јагода, малина, диви капини и ружи). Возрасните единки ги полагаат јајцата во цветните пупки и притоа женките ги оштетуваат истите. Пупките се сушат и јајцата остануваат во нив во период од еден месец. По завршување на оваа фаза тие излегуваат од пупката и продолжуваат да се хранат во малината или пак се исхрануваат од други диви видови на растенија. Заштитата од овој штетник се применува во првата половина од мај. Доколку бројноста на инсектите е преголема, се врши и дополнителна заштита по бербата на плодовите.

Малинов цутојад

Малинов цутојад

Малинова мушичка (Resseliella theobaldi)

Овој вид на мушичка е со големина од 2-2.5 мм со црвена (окер) боја и претставува штетник кој може да предизвика значајни штети на малината. Штетите се јавуваат во вид на ларва која се вбушува во изданоците и на тој начин создава погодно место за инфекција од други патогени. Има повеќе генерации годишно во зависност од временските услови, но најчесто во текот на една година создава 4 генерации. Полагање на јајцата се одвива во април и по 5-8 дена се пилат ларви кои веднаш навлегуваат во ткивото на младите изданоци. На местата каде што се хранат ларвите ткивото карактеристично потемнува. За пратење на машките единки се препорачуваат феромонски мамки.

Малинова мушичка

Машки и женски вид

Малинова мува – галица (Lasioptera rubi)

Овој инсект причинува штети во периодот на цветање на малината. Освен кај малина, предизвикува штети и кај капината. Со големина од 2.5 мм и една генерација годишно презимува во карактеристични задебелувања (гали) на ткивото на малината. Израстоците се создаваат поради секретот кој го излачуваат самите ларви и многу често може да личат како штети кои се настанати при ниски температури. Се препорачува преглед на заразени гранки, нивно отстранување и спалување.

Типичен израсток од ларва

Типичен израсток

Малинов смотавец (Notocelia udmanniana)

Припаѓа на фамилијата молци со должина од 10 мм и распон на крилја од 15-20 мм. Има сивкаста боја со темна дамка на средината од телото. Има две генерации годишно и првата генерација се развива релативно рано напролет каде што гасениците од оваа генерација предизвикуваат најголеми штети кај младите растенија.

карактеристична дамка на крилјата

карактеристична дамка на крилјата

Мала малинова вошка (Aphis idaei)

Има светлозелена боја и големина од 1.2-1.8 мм. Има 7 до 10 генерации годишно и штетите ги причинува преку шмукање на сокови од листовите, каде што подоцна истите се деформираат. При процесот на исхрана на малиновите вошки, служат како вектори за пренос на вируси кои што дополнително причинуваат штета на самото растение. Се појавуваат во периодот април-мај и при проверка доколку има повеќе од 3 вошки на еден изданок се препорачува употреба на инсектициди. Исто така, како превентивни мерки се препорачуваат зимското прскање за уништување на јајцата на малиновата вошка и отстранување на растителни остатоци за намалување на можностите за преживување.

мала малинова вошка

мала малинова вошка

Црвен пајак (Tetranychus urticae Koch)

Напаѓа голем број на растителни видови (околу 300). Има  од 7 до 12 генерации годишно, во зависност од временските услови. Штетите ги прави преку исхрана со шмукување на соковите од растението на долната страна од листот. Симптомите по листовите се јавуваат како сиво бели дамки, подоцна настанува пожолтување на листот и на крај негово сушење. Поради многу малите димензии, присутноста на црвен пајак се утврдува со помош на лупа или доколку има пајажеста структура на долната страна од листовите. Со помош на пајажината, црвениот пајак се движи помеѓу соседни листови, но и од растение на растение со помош на ветер. Најчесто пајакот е присутен на ивиците од насадот и визуелната проверка треба да започне најпрво од тие места. Како мерки за заштита се препорачуваат отстранување на плевели и растителни остатоци од целата површина на насадот, како и хемиска заштита каде што притисокот на пумпата мора да е висок и да генерира многу ситни капки.

црвен пајак

црвен пајак

Голема малинова вошка (Amphorophora idaei)

Причинува големи индиректни штети на малината, со самата исхрана инсектот истовремено пренесува голем број на вируси. За разлика од малата малинова вошка при исхраната листовите не се деформираат. Има специфичен изглед со големина од 2.5 мм и многу долги антени. Во пролет започнува исхраната на женките, а најголеми штети ги прави во јуни и јули. Популацијата на вошките е најголема при бербата на малината. Превентивна одбрана од овој инсект претставува избор на сорти на малини кои што се отпорни на малиновата вошка и садење на здрав посадочен материјал. За хемиска заштита мора да има консултација од агроном за да се запази каренцата на употребуваниот инсектицид, бидејќи третирањето и бербата на малината се одвива во скоро ист период.

возрасна единка на голема малинова вошка

возрасна единка на голема малинова вошка

 

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Едукација, Култури