Највлијателните луѓе во историјата на модерното земјоделство (ПРВ ДЕЛ)
287 Прегледи
Земјоделството како индустриска гранка, наука и начин на создавање на храна за целата популација на планетата Земја претставува една динамична средина во чие дефинирање може да влијаат земјоделците, научниците, политичарите и многу други разнолики профили на луѓе од општеството. Начинот на кој моментално се произведува храна не бил отсекогаш ист, каде што со текот на годините, особено последните 150 години земјоделството претрпува огромни измени во смисла на начинот на управување со почвата, културите и самите надворешни фактори. За да можеме да создадеме правилна слика за тоа како се движел развојот на земјоделството од почетокот па се до денес, ќе ставиме фокус на последните главни достигнувања и начинот на производство. Според одредена група на автори земјоделството и неговиот развој се делат на неколку фази:
Првата фаза, прединдустриска ера на земјоделството, траела од праисториско време се до 1920 година. Во таквите самодоволни, мали и трудоинтензивни фарми – за да се задоволат потребите за храна за еден човек бил доволен 1 хектар земја.
Втората фаза ја претставува ерата на земјоделско индустриско производство во периодот од 1920 година до 2010 година. Трактори, комбајни, ѓубрива и хибридни семиња овозможиле создавање на големи комерцијални фарми. Ваквиот пристап резултирал со големина од половина хектар да се задоволат потребите од храна на 5 луѓе.
Третата фаза од развојот на земјоделството е веќе започната од неодамна, каде што големи количини од податоци потребни за производство се добиваат преку сателитски системи или преку различни видови на сензори. Главната цел при развојот на оваа фаза е да се пронајдат начини за да се задоволат потребите од храна за 9 милијарди луѓе до 2050 година.
На листата подолу се наоѓаат едни од највлијателните луѓе кои што со помош на нивната стручност, желбата и потребата од изнаоѓање на различни начини за изведување на методи, операции и пракси, придонеле кон создавање на модерното земјоделство како што го препознаваме во моментот:
Фриц Хабер (1868 – 1934) е германски научник, хемичар познат како пронаоѓач на технолошки процес за попристапливо производство на азот. Иако е ко-развиен со Карл Бош, процесот на синтеза на амонијак го носи името на Хабер и е познат во светот како Хабер процес. (Постои обид да се даде признание на Bosch со тоа што процесот се нарекува Хабер-Бош). Во 1908 година, Хабер ја развил техниката што сè уште се користи денес за да се земе огромното количество на азот достапно во атмосферата и да се претвори во азот што можат да го користат растенијата. Во 1918 година Хабер ја доби Нобеловата награда за ова откритие. Иако претходно било достапно азотното ѓубриво, овој голем напредок во технолошкиот процес овозможил релативно евтино производство на азотни ѓубрива што резултирало со неговата широка достапност. Денес, луѓето ширум светот се потпираат на Хабер-Бош процесот за производство на азотно ѓубриво кое помага во исхраната на растенијата. Без процесот Хабер-Бош, не би можеле да ја нахраниме глобалната популација – откритието на Хабер помогнало да се исхранат безброј милијарди луѓе.
Иронично, Хабер, исто така, придонел и кон човечкото уништување играјќи голема улога во војувањето за време на Првата светска војна преку неговата вмешаност во производство на разни хемиски агенти.
Џорџ Харисон Шул (1874 – 1954) – е сметан за татко на хибридната пченка, Шул посветил 30 години од својот живот на одгледување на хибридни сорти на пченка. Ботаничар по професија, Шул ги започнал своите познати експерименти во Колд Спринг Харбор, Лонг Ајленд Њујорк. Неговите експерименти започнале во 1905 година и се фокусирале на наследните карактеристики во пченката. Иако има неколку генетичари/ботаничари кои исто така дале свој придонес во развојот на хибридната пченка, Шул создал критички забелешки во врска со намалувањето на вигорот на следните генерации од еден хибрид на пченка и последователното подобрување на силата при вкрстување на пченката. Со помош на овие експерименти се создала основата за создавање на хибридна пченка. Иако ова било револуционерно истражување, дури во 1922 година хибридизираната пченка станала комерцијално достапна. Шул го основал списанието Генетика (кое до ден-денес се смета за едно од врвните меѓународни научни списанија) и работел како професор по ботаника и генетика на Универзитетот Принстон. Подоцна во неговиот живот, помогнал да се применат овие методи за зголемување на производството на храна во Азија и Африка.
Рејчел Карсон (1907 – 1964) е американски биолог и авторка на книжевни дела која со помош на своите книги придонела кон зголемување на свеста за негативните ефекти од употребата на хемиски средства во земјоделското производство. Само неколку книжевни дела, може да се споредат со огромното земјоделско и еколошки влијание на книгата на Карсон, наречена “Тивка пролет”. Објавена во 1962 година, книгата била значаен настан во историјата на еколошкото движење. Карсон ги опишува пестицидите и нивната употреба во земјоделството каде што тврди дека тие хемикалии се опасни за животната средина, дивиот свет и луѓето. Карсон исто така презентирала темелна документација за да ја каже својата поента и со заклучок дека ефектите се слични на труење со пестициди. Постоеле голем број на контроверзности по издавање на книгата која придонела до сериозни ограничувања и забрани за употреба на ДДТ (синтетички пестицид). Во книгата Карсон ја истражува темата на еколошката меѓуповрзаност, која гласи:
,,Иако некој пестицид е насочен против елиминирање на еден организам, неговите ефекти се чувствуваат во целиот синџир на исхрана и она што беше наменето да отруе еден инсект завршува со труење на поголемите животни и на човекот.” Четиригодишната работа над „Тивката пролет“ започнала со едно писмо од еден чувар на птичји резерват во Масачусетс кој бил уништен преку воздушно прскање со Ди-ди-ти. Тој преку писмото ја замолил Карсон да го употреби своето влијание врз државните власти за да се отпочне со истрага во врска со употребата на пестициди.
Норман Борлог (1914-2009) — бил американски агроном и биолог. Во 1970 година ја добил Нобеловата награда за мир. Борлог бил истакната личност на Зелената револуција која претставува меѓународна програма за земјоделско производство која придонела кон зголемување на приносите на пченица и ориз од шеесеттите години на 20 век па сè до денес. Во последните години Зелената револуција е предмет на критики поради своето потпирање на употребата на хемиски средства во земјоделството, иако без постоење на оваа Зелена Револуција постоела опасност од умирање од глад на одредени места во светот.
Борлог има завршено пост-дипломски студии во областа на шумарството во 1937 година, а докторатот бил во областа на растителната патологија и генетика на Универзитетот во Минесота, каде што докторирал во 1942 година.
Во средината на 20-от век, Борлог бил предводник на воведување на високо-приносни сорти на житарици во комбинација со современи техники на земјоделско производство во Мексико, Пакистан и Индија. Како резултат на напредокот кој го достигнал во самото производство и приносот, Мексико станала земја нето извозник на пченица до 1963 година. Помеѓу 1965 и 1970 година, приносот на пченица речиси двојно се зголемил и во Пакистан и Индија, што значително ја подобрило безбедноста на храната на тие простори.
Борлог често бил нарекуван „таткото на Зелената револуција“, и е заслужен за спасувањето на преку милијарда луѓе ширум светот од глад. Изворот на оваа информација е според написот на Грег Истербрук „Заборавениот добротвор на човештвото“ од 1997 година. Во написот се наведува дека „обликот на земјоделството што го проповеда Борлог можеби спречил милијарда смртни случаи“.
Ова е само првиот дел од темата: “Највлијателните луѓе во историјата на модерното земјоделство”. Следете ги нашите објави и понатаму, да дознаете кој друг освен овие личности имал голем удел во земјоделството онакво какво што денес го знаеме.
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.