За земјоделците 2021 година беше тешка, а за надлежните рекордна по инвестиции во секторот

За земјоделците 2021 година беше тешка, а за надлежните рекордна по инвестиции во секторот

 

Корона пандемијата ги извади на површина сите слабости и проблеми кои се акумулираат со децении во земјоделскиот сектор. Стануваме увозно зависни за храна, сè уште не е воспоставен стабилен систем на договорно производство и не се решени проблемите со откупот и со пласманот. Земјоделците оценуваат дека замрзнувањето на цените на основните прехранбени производи е добра, но задоцнета мерка што требала да се воведе порано. Тие најавуваат и поскапувања, посебно на лебот, млекото и месото.

Иако според надлежните, 2021. ќе биде запамтена по рекордно високите исплати и реализираните 203,5 милиони евра инвестирани директно во земјоделството, додека за земјоделците ова е само уште една тешка година со покачени цени на репорматеријалите, ниски откупни цени, зголемени производни трошоци и силно изразени климатски промени

-Како што и се гледаат состојбите на терен, сликата ни малку не е светла во последните неколку години. Производните цени на земјоделските производи се зголемуваат, а откупните цени се намалуваат. Она што може да се дефинира како значајни проблеми и предизвици во пласманот се ниските откупни цени, неорганизираноста на земјоделците, нелојалната конкуренција која го има монополот на пазарот за откуп, непостоењето на договорно производство, ниското ниво на едукација и инвестирање во нови технологии, недоволата едукација за претприемништво, непостоењето постбербени технологии и продолжување на рокот на траење, недолните количини на одреден производ, малото учество на преробатувачките капацитети во откупот, неспроведувањето анализи на пазарите, малиот принос по единица површина. Токму овие проблеми и предизвици го уништија земјоделецот и тоа е една од основните причини за големата миграција од селата и осиромашувањето на руралното население, вели за МИА претседателката на Националната федерација на фармери (НФФ), Васка Мојсовска.

Според неа, производните цени се далеку повисоки од продажните, а тоа укажува дека немаме стабилен систем на храна што функционира во секакви околности и што е во состојба за потрошувачите да обезбеди доволно и континуирано снабдување со квалитетна храна по достапни цени.

Мојсовска се осврнува и на поддршката. Нагласува дека политиките, мерките и субвенциите треба да бидат креирани во насока на јакнење на оние земјоделци чија основна дејност е токму земјоделството, за да можат да произведуваат што повеќе, да го снабдуваат домашниот пазар, да реализираме извоз и да нема вишок храна.

-Со Буџетот за 2022, Програмата за субвенционирање и Програмата за рурален развој не се нешто промените во однос на претходните години. Треба да се развиваат и јакнат синџирите за снабдување на храна од домашното производство. Насоката на Програмата за рурален развој е да се овозможи квалитетно производство, да се даде можност малиот земјоделец да инвестира во нови технологии за производство и во справување со климатските промени, подвлекува Мојсовска.

НФФ не гледа проблем во тоа што Министерството за земјоделство речиси два месеца е без прв човек откако Арјанит Хоџа на 12 ноември поднесе оставка од функцијата.

-Во овој период имаме итензивна комуникација со Министерството за земјоделство, бидејќи е крај на годината, се носат нови програми, се очекува и почнување на ИПАРД 3 програмата. Се оддржа и ИПАРД комитет, активно се одвиваа и состаноците на потсекторските групи. Немаше нарушување на динамиката во комуникацијата и кординацијата со нас како организација. Со Хоџа имавме добра комуникација. Сепак, не треба Министерството долго време да биде без министер кој по функција е прв човек и раководи со една од најзначајните институции за земјоделството и руралниот развој, вели Мојсовска.

 

Извор: МИА

 

Категории: Вести