Ширењето на шумските пожари во изминатите денови е една од најголемите природни катастрофи во последните години. Екстремно високите температури, неповолните временски услови, човечкиот фактор и за жал слабиот капацитет на државните институции овозможи беснеење на пожарите на северот, истокот и југот на земјата.
Додека со сите можни капацитети се води битка со огнената стихија, големи последици се очекуваат и врз многу земјоделци и фармери.
Најпрво тука се директните штети како опожарување на пчелни кошници, горење на насади и плевни, и најстрашното угинување на добиток.
Голем број на ветеринари ги ставија своите услуги на граѓаните од погодените подрачја низ земјата, како за нивните домашни миленици така и за добитокот кој е под ризик.
„Ветеринарната амбуланта Пет-Вет ве известува дека стои на располагање со бесплатна ветеринарна услуга за повредени миленици и диви животни во пожарите, и нашите клиенти од источниот дел на Македонија слободно можат да ги донесат во нашата амбуланта”, стои во објавите на скопската приватна ветеринарна ординација.
Влијанието на шумските пожари воопшто врз земјоделството е тешко да се процени бидејќи штетите може да бидат огромни. Исто така ризик има и по здравјето и животот на фармерите и земјоделските работници кои се ангажирани на отворено во непосредна близина на шумските пожари.
Најчесто проблемите се поврзани со ширењето на чад, хемиски испарувања и штетни честички кои може да ги загрозат дишните органи и сетилата. Затоа медицинските лица препорачуваат внимателност со работата на отворено во подрачје во кое се шири чад од шумски пожари, како и да се носи соодветна заштитна опрема.
Последици може да има и од загадувањето на водите како резултат на самите пожари со долготрајно влијание врз посевите.
Научниците и натаму се обидуваат да ги истражат врските помеѓу загадувањето на озонот и ширењето на штетни аеросоли од шумските пожари со долготрајните последици врз почвата, посевите и шумите и како да се најдат методи на опоравување.
Автор: Христијан Станоевиќ
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.
Слични Новости

Можеме ли да се откажеме од интензивното индустријализирано земјоделство, а сепак да го храниме светот?
