Меѓународен ден за свесност за загуба и отпад од храна – Фрламе големи количини на храна која е совршено добра за употреба
Како мали, сигурно повеќето од нас биле укорувани од страна на своите родители дека храната која не сакаме да ја дојдадеме, некое дете од друг крај на светот бескрајно би ја ценело. Сега, замислете какво изненадување би било за нашите родители доколку би им одговориле дека „всушност, значителна загуба на храната се случува пред таа да стигне во продавниците“. Тажната вистина е тоа што загубата на храна и отпадот од храна се глобални прашања со многу последици за луѓето и планетата, вклучувајќи ја и С. Македонија.
Загубите во производството и дистрибуцијата на храна
Според Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) „околу 14% од произведената храна се губи помеѓу бербата и малопродажбата, додека загубите на храна во домаќинствата се 11%‚ загубите во угостителството се 5%, а во малопродажбата загубите изнесуваат 2%“.
ФАО прави разлика помеѓу загуби на храна и отпад од храна. Загубите од храна се однесуваат на храна што се губи од жетвата, и за време на производството и транспортот. Отпадот од храна се однесува на загубите од храна во процесот на малопродажба или загубите што ги создава еден потрошувач или домаќинство.
Огромен број ресурси се трошат за нашата храна да се донесе од фарма на трпеза. Со загубите од храна во синџирот на снабдување значи дека како трошок или загуба треба да се пресметаат и вложените ресурси во процесот, што дава поинаква перспектива за тоа колку всушност чини храната која ја конзумираме.
Исто така, вреди да се земе предвид дека земјата, водата, енергијата и пакувањето што се користат во производството на храна, заедно со потрошената храна што се испраќа на депонија, имаат огромно влијание врз животната средина.
29-ти септември е Меѓународен ден за свесност за загуба и отпад од храна. Првпат одбележан во 2020 година, служи за поттикнување на општествата и поединците „да го трансформираат и ребалансираат начинот на кој се произведува и консумира нашата храна“.
Што се презема кај нас?
Во рамки на програмата на ЕУ за истражување и иновации „Хоризонт 2020“ активен е и проектот Плутос кој има за цел да го подобри целиот синџир во земјоделско-прехрамбениот сектор со примена на модел за управување со донации и вишоци на храна. Како дел од Плутос проектот, континуирано се развиваат 11 пилот-проекти меѓу кои е и проектот предводен од Serbia Foodhub, а како партнер од С. Македонија е здружението Платформата за зелен развој.
Во рамките на споменатиот проект, здружението Платформа за зелен развој, реализира низа пилот активности поврзани со процесот на донација на храна и решавање на проблемот со отпад од храна. Нивната намера е преку единствената дигитална платформа FoodSHare да се поврзат операторите на храна (земјоделците, индустриските произведувачи, дистрибутерите, малопродажните синџири), со крајните корисници на донации на храна т.е. народни кујни, хуманитарни организации и социјално загорезени категории на граѓани.
За повеќе информации посетете ја официјалната веб страна на проектот: https://ploutos-h2020.eu/
Повеќе информации во врска со платформата FoodShare може да добиете на:
https://foodshare.foodscalehub.com/mk
Доколку сакате да бидете дел од оваа хуманитарна приказна регистрирајте се за донација на следниот линк: https://foodshare.foodscalehub.com/mk/Identity/Account/Register